Снежана Богдановска Сани: Животот е серија откритија, а секој предизвик – можност да научиш и да растеш
Снежана Богдановска Сани е едно од најпрепознатливите лица на македонската модна сцена. Со долга кариера како моделка, модна новинарка и ТВ водителка, таа остава неизбришлив печат во модната индустрија и медиумите. Нејзиниот уникатен стил и професионализам ја прават симбол на елеганција и инспирација за многу генерации.
Во рубриката „Писмо до мене младиот/младата“, на покана од „Лице в лице“, споделува лични рефлексии за одредени животни вредности и предизвици, кои, со сигурност, и нашите читатели, може да ги доживеат како мотивирачки, самоосветувачки, и инспиративни.
Драга моја помлада Сани,
Така сега сите те ословуваат нели, освен роднините и професорите, се разбира. Не ти се допаѓаше баш Снежана, па ти си летно дете и сакаш топлина и љубов, па „Sanny“ на „Boney M“ ќe те инспирира да си го стокмиш тој прекар по кој не си ниту свесна дека ќе бидеш препознаена преку целиот свој живот.
Затоа сакам да одвоиш пет минути, да седнеш, да вдишиш длабоко и запомниш дека си прекрасна, мила, млада девојка.
Она што сега изгледа како трње на патот, всушност ќе те доведе до изненадувачки можности. Затоа биди љубезна кон себе. Не се колебај околу твоите избори и не чувствувај дека животот е тежок и неправеден. Не дозволувај во овој момент да се чувствуваш депресивно или дека животот не вреди да се живее. Вреди. Ветувам!
Гледам колку се чувствуваш осамено. Те гледам како се бориш да го поминеш секој ден со храбра, со решителна насмевка. Но, потоа гледам како фасадата се распаѓа во приватноста на твојата соба и солзите течат на твоето лице. Премногу си млада за ова.
Ти си многу чувствителна и ранлива, па затоа си срамежлива и повлечена. Подоцна, за да се заштитиш, несвесно ќе наметнеш толку убедлива маска, што другите најчесто ќе те гледаат како непристапна, па дури и вообразена (смешно). Многумина, многупати, дури и ќе се обидуваат да те туркаат надолу поради тоа. Но, знај дека да се осмелиш сега да ја покажеш својата ранливост, да бидеш отворена, да престанеш да се осудуваш себеси, ќе биде најголемиот и најљубезниот подарок што некогаш можеш да си го дадеш себеси.
Успори и биди трпелива. Ти преостанува уште многу живот. Има толку многу што Бог планира за тебе. Но, токму сега, уживај во овој период од твојот живот. Уживај во твоето здравје и виталност, бидејќи овие работи нема да ги имаш засекогаш.
Верувај дека твојот интелект и емоционална интелигенција ќе те одведат подалеку отколку што можеш да замислиш, така што нема потреба да се грижиш за немањето стремеж кон успехот. Тогаш кога ќе ѝ веруваш на твојата внатрешна интуиција и ќе умееш да ја искористиш својата внатрешна моќ, не само што ќе ги направиш вистинските избори, туку и интуитивно ќе ја преземеш вистинската акција во вистинско време. Некогаш и нема да успееш, ќе има и пропусти, ама можеби така требало да биде.
Најважно е дека треба да знаеш дека си таква каква што треба да бидеш. Не треба да се менуваш за да се вклопиш во туѓиот калап. Прифати ја својата уникатност, твоите мани и твоите страсти. Работите кои те прават поинаква ќе го направат твоето патување исклучително. Не дозволувај другите да те дефинираат и биди само своја, зашто како таква си прекрасна и треба тоа да го запаметиш.
Не дозволувај оние кои се плашат од твојата светлина да се обидуваат да ја затемнат. Ти си борец. Ги гледаш работите поинаку и ги правиш работите поинаку! И тоа, заедно со твоето големо чувство на емпатија, е обид да го направи светот барем малку поправедно место.
За тебе прашањата се одговори, па затоа барај го секогаш поправедниот пат, иако тој е најчесто потешкиот. Не го следи стадото за да се вклопиш, дури и ако тоа им прави на другите непријатност, а тебе помачно и носи последици. Твојот сопствен пат за промена на светот нема секогаш да биде удобен за тебе или за другите. Па сепак, однесувај се кон нивниот страв со благодет и разбирање. Храбро исправи се пред твоите стравови. Другите нема да можат да ја видат твојата јамза.
Биди храбра во мислата дека си родена за манекенка.
Ја сакаш филозофијата но не можеш да избегнеш дека модата ти е судбина. Од првиот чекор на писта до модна книга. На пистата зрачиш со неверојатна самодоверба. Тоа е твојата катарза. Во тебе гледаат убава млада девојка: успешна, популарна, сигурна. Тие гледаат некој на кој му завидуваат, некој со интегритет. Дали знаеш дека толку многу посакуваат да бидат ти?
Долго време нема да знаеш колку ти се восхитуваат и те почитуваат. Постојано ќе се сомневаш дека си доволно привлечна. Но, никогаш не е доцна да сфатиш дека сепак не било сè залудно и одвеано со ефемерноста на времето.
Биди храбра во љубовта.
Не можеш да избегаш од неа. Иако изборот е на срцето, а не на умот, заветот „додека смртта не нè раздели“ ќе се покаже вистинит.
Биди храбра во вербата дека можеш да бидеш добар родител. Не се сомневај и не стравувај за тоа. Од моментот кога ќе ја земеш за прв пат на своите гради ќе знаеш што треба да правиш. А од моментот кога ќе почне да те критикува, ќе знаеш дека си завршила добра работа. Па, иако нејзината брутална искреност (единствена на која можеш да сметаш), не е секогаш пријатна, истрпи! Тоа те прави подобар човек во секоја смисла.
Биди насмеана постојано. Луѓето секогаш ќе те сакаат поради тоа.
Откриј што те прави среќна и стреми се кон тоа секој ден. Чувствувај се удобно со ова бидејќи сè што ти треба е веќе во тебе. Уживај во патувањето. Дури и нерамните патишта ќе ти дадат ново ниво на мудрост. Знај дека имаш таленти и способности кои злонамерните ќе се обидат да оспорат, деградираат и маргинализираат. Иако многупати ќе те прогласуваат за Persona non grata, не им дозволувај. Верувај си себеси!
Ќе наидеш на падови и неуспеси на патот, но те молам не дозволувај тие да те дефинираат. Секоe сопнување е шанса да се издигнеш посилна и помудра. Биди нежна кон себе во овие времиња. Не се сожалувај. Однесувај се кон себе со истото сочувство што би му го понудила на пријател кој минува низ тежок период.
Знам дека има моменти кога ќе се чувствуваш несигурна и ќе се сомневаш во себе. Запомни дека е во ред да ги немаш сите одговори. Животот е серија откритија, а секој предизвик со кој се соочуваш е можност да научиш, и да растеш. Не плаши се да побараш помош или совет кога ти треба. Знам дека си горда и сакаш да мислиш дека не ти треба никаква помош и дека си до толку способна. Барањето помош е знак на сила, а не на слабост.
Научи да се ослободиш од блокадите од детството.
Знај ја својата вредност и имај почит кон неа. Ова се однесува на твојот иден животен партнер, работа, пријатели и сите други врски. Ако сакаш да уживаш и да добиеш заслужено внимание, тогаш не се чувствувај ограничено или недоволно добра. Направи го за себе она што го правиш за другите.
Пријателствата ќе доаѓаат и ќе си одат, и тоа е исто така во ред. Некои луѓе ќе бидат со тебе цел живот, додека други ќе те научат на вредни лекции за краток временски период. Негувај ги врските што ќе ги создаваш, но обиди се навремено да ги препознаеш и раскинеш токсичните врски кои некогаш можат да бидат и болно забивање нож во грб. Опкружи се со луѓе кои те подигаат и поддржуваат.
Создади одлични навики за нега и здравје. Постојано барај да дознаеш што е правилно за тебе.
Иако си тотално неталентирана кога станува збор за финансии, животот постојано ќе те турка да ја нучиш лекцијата. Лош ученик си, но ќе мора силно да се трудиш.
Напиши си свои книги и сподели ја својата мудрост и искуство порано отколку подоцна. Ти треба да бидеш свој гласник и апологет за промена и тоа треба да те направи среќна и исполнета.
Верувај во себе и верувај им на своите инстинкти. Твоето патување е само почеток и исполнето со неверојатни искуства и можности. Верувај во себе, прифати ги предизвиците и уживај во моментите на радост. Ти си посилна, похрабра и поотпорна отколку што можеш да замислиш. Чувај го своето срце отворено, а твојот ум љубопитен. Остани со сопствените вредности и добро запомни дека си сакана и поддржана.
И, да биди си себеси најдобар пријател.
Има уште многу што можам да споделам, но знам дека ќе бидеш повеќе од ОК, повеќе од доволно. Ќе блескаш и растеш, ќе сакаш и ќе бидеш сакана и твојот живот ќе ги збогатува другите. Почувствувај го тоа и сакај го.
Гледам во тебе и многу сум возбудена поради тоа, трогната, вљубена во тебе. Ќе победиш. Ветувам. Ќе научиш како да опстоиш во склад со животни услови. Како да ги прифаќаш и се справуваш со промените. Само те молам биди трпелива. Сакам да видиш колку животи си допрела. Ти го заслужуваш местото на оваа земја. Имаш приказна за раскажување. Те молам никогаш не престанувај да се бориш.
Љубов за секогаш,
Твојата постара Ти