Политиката беше присутна во мојот живот уште од детските денови. Тогаш го гледав татко ми (ценетиот професор Ѓорѓи Марјановиќ н.з.) како мака мачи да истера правдини, но не успева. Можеби неговата смрт беше поттик за мене да се вратам кон она што мене ми е главен двигател во животот – уметноста, па затоа и овој циклус му е посветен баш нему, вели уметникот Андреј Марјановиќ, кој во петок ја отвора изложбата „Политичарење“ во Отворено графичко студио, при Музејот на Град Скопје.
Додека широките маси се зафатени со политичарење, она што денес е дозволено во светот на политиката, ја снижува до политикантство. Политиката се сведе на „глумење политика“, „псевдополитика“ и „квазиполитика“. Кога принципите на доброто граѓанско владеење и општествениот интерес веќе не постојат, занимавањето со политика добива значење на чисто интригантство поради лична добивка. Денес стана нормална пракса професионалните политичари да ги имаат своите лични интереси како врвен приоритет, наместо интересите на луѓето кои биле избрани да ги претставуваат. Многупати сум се нашол себеси како несвесно пародизирам фотографии на сите политичари во весниците, цртајќи врз нив и спојувајќи ги сите во ист кош како заговорници против доброто и разумот. Сега решив отворено да си поиграм со политиката, за – соочувајќи се со неа и разобличувајќи ја – уште еднаш да ја избегнам – вели уметникот Андреј Марјановиќ, во пресрет на неговата нова изложба „Политичарење“ која ќе се отвори овој петок, 24 ноември, во Отворено графичко студио при Музејот на Град Скопје и ќе трае до први декември 2023 година.
Иако себеси се гледа првенствено како графичар, Марјановиќ се изразува во повеќето класични техники (сликарство, скулптура, цртеж), а особено твори и како мултимедијален, графити уметник и електронски музичар. Со неговото 25-годишно професионално искуство во брендирање, графички дизајн, веб дизајн, фотографија, продукција на видео, аудио и анимирани содржини, Марјановиќ, оваа година, втор пат се претставува пред скопската публика, овој пат, со изложбата „Политичарење“.
Со него разговараме за новите дела во коишто тој разработува теми со „политичка“ заднина или се вид коментар на наметнатите „политикантски“ ситуации што тој ги забележува во современата култура. Терминот „политичарење“ е негов неологизам што ги спојува термините „политика/политичар“ и „трачарење“, или, како што самиот кажува, нешто како „бистрење политика“ или „тепање празна слама“. Како што објаснува тој, тоа се се разговори за политика кои не го менуваат актуелниот status quo и не делуваат кон промена.
Подолг период сте надвор од изложбената сцена, а оваа година спремивте две изложби. Што опфаќа новата изложба и како ја „крчкавте”?
Да, на „сцената“ ме немаше, барем не со самостоен настап од 2007 година, иако не престанав да делувам, соработувајќи со моите креативни пријатели на разни изданија, видеа, па и музички ремикси. Сепак, за самостојна изложба чекав да се наталожат идеи, кои можам да ги пробам и да видам што држи вода, што може да се вклопи во циклус кој ќе раскажува приказна или ќе заокружи некои мои размислувања на одредени теми. Минатата изложба „Коцкоглави“, со дела стилски поблиски до уличната уметност отколку академската, се крчкаа на тивко дури од моите студентски денови. Слично и идеите за „Политичарење“ се насобираа додека не почувствував дека имам доволно материјал.
Како дојдовте до инспирацијата за „Политичарење”?
Во градината, додека раскопував да ја прочистам земјата најдов една малечка играчка војник, која ме заинтригира да почнам да ја студирам, цртам од повеќе агли, да ја ставам во други амбиенти и контексти. Така, на виделина излегоа теми кои се вклопуваа со претходните идеи и скици, а имаа некаква допирна точка со политиката, па решив да ги заокружам во еден циклус. Политиката беше присутна во мојот живот уште од детските денови. Тогаш го гледав татко ми (кој беше ценет професор по кривично право и ја формираше и водеше првата политичка партија во самостојна Македонија – Лига за демократија, Ѓорѓи Марјановиќ) како мака мачи да истера правдини, но не успева. Тој самиот беше свесен дека во политиката нема место за чесни луѓе и дека некои линии не се за преминување и компромиси. Можеби неговата смрт беше исто поттик за мене да се вратам кон она што мене ми е главен двигател во животот – уметноста, па затоа и овој циклус му е посветен баш нему. „Политичарење“ е мој слободен превод на американскиот абоникиски сленг термин „Politickin’“ – кој јас го толкувам како „тепање празна слама“ или „многу зборување без преземање конкретна акција“.
Вашата публика на социјалните мрежи има можност за sneak peek кон новите дела. Зошто Че стана насмеаниот револуционер, од каде таа идеја?
Мислам дека вистинската револуција треба да почне во самите нас, кога човек ќе научи да биде среќен и задоволен со она што го има, да тргне од самиот себе, да се погледне и да си се насмевне, тогаш сѐ станува можно. Оттаму тој спој на smiley-то и херојот на герилата – Че Гевара ми се појави како идеја.
Вие сте вешт мултимедијален уметник, па зошто одбравте графика и стари графички техники за оваа изложба?
Некогаш и јас се прашувам зошто си ги комплицирам работите, но едноставно тоа е мојот modus operandi – работите да ги учам на најтешкиот начин. А кога ќе се помачиш со нешто, обично задоволството е уште поголемо. Мислам дека и премногу се потпираме на „новото“ а всушност губиме од задоволството на правење на нештата на потешкиот/старински начин. Дел од таа мака останува врежана во секој отпечаток, а графиката како уметност на мултиоригиналот, дозволува делата да бидат подостапни до публиката.
Ова беа некои истражувања кои ми останаа неистражени од периодот кога бев студент, а бидејќи графиката е тежок и комплициран процес кој бара посебни услови за работа, морав да ги оставам за подоцна. Сега им дојде тоа време, па за среќа, тука беа моите пријатели кои ми помогнаа во изведбата, а исто така и Отвореното графичко студио, каде можев да изведам дел од овие графички експерименти.
Ќе го спаси ли уметноста светов?
Не мислам дека тоа ѝ е функцијата, но можеби, некогаш решенијата произлегуваат од сосема неочекувани места, па можеби уметноста може да биде катализатор на една позитивна промена. Но, од друга страна, ја има и на секој чекор, како оружје на маркетинг машинеријата која цело време од сите страни нè бомбардира со цел да нè натера да копнееме по работи кои навистина нема да нè направат среќни, но ќе наполнат нечии џебови.
Делата од „Политичарење” ќе бидат изложени пет дена во Отворено графичко студио. Каков „живот” планирате за нив понатаму?
Би сакал да ја видат што повеќе луѓе, да ја прошетам низ Македонија, можеби и некаде надвор. Знам дека сѐ гравитира кон главниот град, но би морале самите да ја започнеме таа „децентрализација“.
Со своето семејство, одбравте да живеете надвор од Скопје и мигриравте кон внатрешноста на земјата. Како градот, за еден урбан уметник, стана непожелно место за живеење?
Тоа е судбината на сите градови, барем оние што се во подем. „Напредокот“ го претвори Скопје од едно пријатно, пријателски настроено место (со паркови, клупи и чешмичиња на секој чекор, со локални меанчиња и занаетчиски дуќанчиња) во средина каде човекот е ставен на последно место, за сметка на профитот и сличните „западни“ и „модерни“ вредности. Ја почувствував промената, така што за среќа на време „избегав“ со семејството во една понормална средина… Иако од самите себеси не можеме да избегаме.
Дел од претходната изложба на Марјановиќ, „Коцкоглави“
Што работите следно?
Наскоро треба да излезе мојата прва книга за деца за „Сказнувалка“, каде имам улога на илустратор. Наредната година пак, во чест на роденденот на Горан Стефановски ќе изложам пет нови коцкоглави (тоа се концептот од делата од претходната изложба, „Коцкоглави“). Во најава се и други книги за деца, турнеја на „Коцкоглави“ низ повеќе градови во Македонија, но сѐ во свое време. Би сакал и повеќе да им се посветам на моите музички и аудио/визуелни експерименти.
\