Со „Лице в лице“ честитките множиме добрина, делиме радост
Оваа година, дел од колекцијата се уникатни дизајни од Андреа Бојковска, Ва Дот, Ване Костуранов, „Кокидо“, Зоран Инадески, Георги Равански и Иван Претрушевски – Флим.
„Во Новата 2025 година бидете дел од заедницата што множи добрина и дели радост. Изберете празнични честитки, со срце и свест!“
Ова е повикот на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, што ги придружува овогодишните Новогодишни честитки, колекција создадена во соработка со македонски уметници кои ги донираа своите дизајни. Со оваа иницијатива, „Лице в лице“ продолжува да ја исполнува својата двојна општествена мисија – економско зајакнувањеза ранливите сораѓани и поттикнување заедница на с(о)весни компании, граѓани, институции и организации.
Оваа година, дел од колекцијата се дела од Андреа Бојковска, Ва Дот, Ване Костуранов, „Кокидо“, Зоран Инадески, Георги Равански и Иван Претрушевски – Флим.
Нивните дела носат празнична магија и уникатен естетски израз, кој ќе ги украси празниците со топлина и љубов. Честитките се достапни во печатена форма со преклоп и плик, а некои од нив се и во GIF верзија, што додава современ и интерактивен допир на традиционалните празнични пораки.
– Во време на брза комуникација, сакаме да потсетиме на вредноста на лично честитање, со ракопис, порака и внимателно одбрана честитка – гест што носи топлина и посебност. Со купување на Новогодишните „Лице в лице“ честитки, директно ги поддржуваме продавачите на списанието, но и ја поттикнуваме заедницата да негува вредности што носат бенефити за сите – велат од тимот на „Лице в лице“.
Со купување на овие честитки, не само што испраќате празнична радост, туку и активно учествувате во поддршката на социјалната економија. Средствата се насочуваат кон инклузивни програми за ранливите сограѓани, користењето на рециклирана хартија промовира одржливост, а истовремено се промовираат и македонски уметници. Секоја честитка е мало дело на добрина кое остава голем отпечаток!
Честитките се достапни за 100 денари, а сите заинтересирани можат да ги купат од продавач на фреквентните места во градовите каде што се продава списанието, или да нарачаат на [email protected]