Актуелно, Доза вести

Социјалното менторство менува животи: Надминати стравови, реализирани потенцијали

Време на читање: 4 минути

Давид и Кјара се двајца млади луѓе, кои откако ја поминаа програмата на социјално менторство, го сменија предзнакот на својата животна приказна. Сега и двајцата се вработени, независни и исполнети со оптимизам за иднината

Текст: Анета Ристеска
Фото: Ирина Крстевска

Менторството не е само обука за професионален успех – тоа е процес што го отвора патот кон лична и емоционална трансформација. Давид и Кјара, двајца млади луѓе што ја искористија шансата за менторска поддршка (социјално менторство, програма развиена од „Паблик“ што се спроведува во пет земји во регионот), денес живеат нов, подобар живот, исполнет со надеж и самодоверба.

Нивните приказни се доказ дека кога ќе се создаде релација на охрабрување и разбирање, животот може радикално да се промени. Овие млади луѓе не само што пронајдоа нова смисла и стабилност, туку и ја разбудија својата внатрешна сила.

Менторската поддршка – двигател на промени

Давид Илчов и Кјара Галоска, иако со различни предизвици, ја споделуваат истата инспиративна приказна за храброст, поддршка и пораст. Тие беа дел од програмата за социјално менторство, која ги насочува луѓето кон професионален и личен развој помагајќи им да ги надминат стравовите и да ги реализираат своите потенцијали.

Денес и двајцата се вработени, независни и исполнети со оптимизам за иднината. Нивните приказни се доказ дека вистинската поддршка може да го промени не само начинот на живеење, туку и погледот кон животот.

Од несигурност до нова професионална визија

Давид Илчов, 26-годишен дипломиран историчар архивист, долго време живеел во сенка на своите стравови. Иако дипломирал, неговата попреченост му создавала страв дека нема да може да врши соодветна работа, споделува тој објаснувајќи дека несигурноста често го блокирала дури и да се обиде.

Но, сè се променило кога ја запознал неговата менторка Магдалена.

– Таа ме прифати таков каков што сум. Ми даде надеж и ме научи дека и јас можам да бидам корисен, вели Давид со благодарност.

Првите чекори во програмата биле фокусирани на градење доверба и анализа на неговите вештини.

– Мојот ментор внимателно разговараше со мене и ми помогна да ги идентификувам работите што можам да ги правам добро. Ми објасни како изгледаат работните задачи во различни фирми, но и како да ги надминам стравовите што ме спречуваа, се присетува тој.

Пресвртницата се случила кога добил понуда за работа во едно графичко студио пред четири месеци.

– Ова беше момент кога првпат почувствував дека сум почитуван како професионалец, објаснува Давид.

Работното место не било само форма на приходи, туку и извор на самодоверба.

– Сега имам цел – да здобијам поголемо искуство и да преземам посложени обврски. Сакам да бидам вреднуван и награден за мојата работа, вели Давид додавајќи дека неговото мото „Образувај се“ сега е надополнето со „Биди стрплив, одговорен и благодарен за добиената шанса“.

Од страв до целосна самостојност

За Кјара, патувањето кон независноста почнало со силен страв. Вели дека ѝ било страв дека не може да направи ништо и дека никогаш нема да најде работа.

Но, нејзиниот ментор успеал да го претвори овој страв во мотив за напредок.

– Кога ја запознав менторката, знаев дека ќе ми биде поддршка и дека ќе ми помогне да успеам, се сеќава Кјара.

Преку менторството, таа научила како да комуницира, како да поставува приоритети и како да изгради самодоверба во професионалниот свет.

– Ме научи како да зборувам со луѓето, како да поставам прашања и како да избегнам стресни ситуации, додава таа.

Но, најголемиот момент за Кјара бил денот кога добила работа. Тогаш сфатила дека може сама. Нејзиниот живот, како што вели, е целосно променет.

– Сега заработувам и ги покривам сопствените трошоци за тренинзи и превоз, вели со гордост. Мојот план е да напредувам на работното место, да ја зголемам својата плата и да продолжам да се докажувам, додава таа.

Менторството има моќ да отвори врати, но и да го трансформира целиот начин на размислување. Овие приказни се инспирација за сите што се двоумат – секој заслужува шанса да го пронајде својот пат, а, понекогаш, токму поддршката на менторот е тоа што е потребно за да се почне.

Менторството урива пречки, раѓа можности

Иако приказните на Давид и Кјара се уникатни, нив ги поврзува истата сила на менторството. Социјалното менторство оди подалеку од обичниот професионален развој. Тоа ги урива пречките на стравот и создава простор за лична трансформација.

Во суштина, менторите не се само водачи – тие се двигатели на промени, кои со својата поддршка и верба помагаат лицата со кои работат да ги надминат сопствените граници и да почнат ново поглавје во животот.
– Соработката на менторот и на бизнисот треба да има заедничка цел, лицето да се задржи  на работното место и, по можност, уште повеќе да се развива. Менторската улога има централна функција во процесот на приспособување на лицата да излезат на отворен пазар на труд, но, во исто време, подразбира и работа со бизнисот на подобрување или создавање соодветна атмосфера, која ќе помогне овие лица што поуспешно да се интегрираат на работното место, вели менторката за социјално вклучување, Магдалена Чадиноска-Кузманоски.

Пристапот на работа кај оваа целна група е индивидуален и затоа секое лице има свој успех и своја приказна. 

– Да се работи со Кјара беше многу интересно. Млада девојка, која штотуку завршува средно училиште, и ѝ требаше поддршка да ги препознае и надгради своите капацитети. Како и секоја млада личност, така и таа имаше свои желби, кои секако дека ги земав предвид и се обидовме да ги урамнотежиме со можностите. Така се случи едно многу убаво вработување. Тоа што е важно е дека и Кјара беше многу посветена на самиот процес, редовно доаѓаше на средбите и беше многу љубопитна за можностите за својата иднина. Беше максимално вклучена во целиот процес и мислам дека токму поради тоа успехот е заеднички. Ме радува што сè уште е на истото работно место, силно поддржана и од менаџментот и од сите колеги, споделува нејзината менторка.

Кај Давид, пак, вели, било потребно да се унапредат одредени вештини и капацитети што се потребни за извршување на работните задачи, а истовремено и да се работи на развивање на неговата самодоверба.
– Тој е едно многу воспитано и културно момче, кое на прв поглед не остава впечаток дека е толку упорно. Но, со упорноста и желбата и мене ме изненади. Користејќи индивидуални стратегии и комуникација, помогнав да се надминат потенцијалните предизвици и да се создаде пријатна работна атмосфера, која ги поддржува потребите на Давид. Одржав редовна комуникација со тимот и со менаџерите за да се обезбеди соодветно приспособување на работното место и тоа и се случи. Давид доби максимална поддршка од колегите и се радувам дека на работа оди среќен. Резултатот беше не само успешно вработување, туку и значително зголемена самодоверба и мотивација за натамошно професионално растење, децидна е Чадиноска-Кузманоски.

Напишете коментар