Соларни панели за училиштата – пат до зелена образовна трансформација
Поставувањето соларни панели ќе ја зголеми финансиската одржливост и моќ на училиштата. Ова ќе им овозможи и финансиски заштеди, со што ќе се овозможи на учениците, на училишните заедници и на советите на родители да ги адресират потребите. Ова е заклучокот од завршната конференција „Зелена образовна трансформација“ која се одржа деновиве во Штип, во организација на Национален младински совет на Македонија (НМСМ).
На овој начин креираме еколошки самоодржливи училишта кои преку користење на обновливи извори на енергија ја следат зелената агенда и трансформација, притоа влијаејќи позитивно на зелената образовна трансформација – велат организаторите.
Конференцијата е дел од проектот „Зелена генерација: Училишта за климатска акција, во кој учествуваат 21 училиште од општините: Берово, Штип и Чаир во Северна Македонија, Ваљево во Србија, Ѓаковица во Косово и Живинице, Лопаре и Грачаница во Босна и Херцеговина. Организаторите споделија дека на конференцијата говореле градоначалниците на Штип и Берово и претставници на скопската општина Чаир. Како што додаваат од НМСМ, „Зелена генерација: Училишта за климатска акција“ има за цел да ги поттикне училишните заедници да преземат активна улога во климатските активности, да ја подобрат енергетската ефикасност и да промовираат одржливи практики.
Во работни групи учесниците разговараа за што треба и што не треба да опфати зелената образовна трансформација. Во овој клучен период на енергетска транзиција на земјите од Западен Балкан, со овие активности обезбедуваме активно учество на сите засегнати страни во правичната транзиција и енергетската демократизација, истовремено градејќи ги капацитетите на училишните заедници, како и зајакнување на нивното чувство на припадност и одговорност во процесот – велат од НМСМ
Преку својот разновиден опсег на активности, проектот се стреми да ја подигне свеста, да ги зајакне капацитетите и да ја поттикне соработката, стремејќи се кон иднина на Западен Балкан која е отпорна на климатските промени и независна во енергетските ресурси.