Посакуваме никогаш да не се повтори ваква приказна и во иднина сите заедно да придонесеме за создавање поправеден свет и опкружување во кое постојат еднакви можности за сите!
Смртта на Мемет Камбер, продавач на „Лице в лице“ пред два месеци потегна лавина од реакции, а предизвика и, конечно, промена во Законот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција. Измените на законот кои тогаш се „откочија“, сега ја добиваат својата завршница.
Промените се случуваат кога повеќе страни делуваат обединето околу една цел. Во текот на вчерашниот ден претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје, ги придружуваа лицата без државјанство во Управата за водење на матични книги за да добијат прв извод од матичната книга на родените:
„Сите лица кои се запишани во матичната книга на родените и чии родители се македонски државјани, автоматски со првиот извод ќе добијат и државјанство и пристап до сите основни права“, објави МЗМП.
За нас во „Лице в лице“, овој закон е Меметов закон!
Жалиме што тој, како и Тони Сали, мораше да биде жртва, но гледаме кон светлата иднина со тоа што луѓето како нив стануваат правно видливи за државата.
Потсетуваме на тажната животна приказна на Мемет Камбер, продавачот на „Лице в лице“, кој почина на 19 години без лична карта и остварени соништа.
Сонуваше за живот по свое, ама патот до личната карта ги менуваше плановите
Анета Ристеска
„За мене уличните списанија значат многу повеќе од само работа! ‘Лице в лице’ ми е инспирација. Уживам во рапот и во хипхоп-музиката и затоа, додека сум на улица, тоа е поттик и за песните што ги создавам. Комуникацијата со другите луѓе ми е многу важна. Ми дава чувство на припадност. Тоа ме придвижува“.
Сѐ уште ни одѕвонуваат овие зборови на младиот Мемет Камбер, продавач на „Лице в лице“, чиешто придвижување наеднаш запре, на нецели 20 години.
Со тага и неверување ја дочекавме веста дека од здравствени компликации, продавачот од редовите на Дневен центар за деца на улица во Шуто Оризари нѐ напушти прерано, ненадејно, неправедно…
Читателите и неговите поддржувачи го сретнуваа често во неговото омилено Дебар Маало и низ „Лептокарија“. Никогаш не остануваа рамнодушни на неговата насмевка, на мекоста и топлината што зрачеа од него.
Ќе го паметиме Мемет како кроток и љубезен млад човек, вреден и скромен. Другаруваше со сите продавачи на списанието, уживаше во извидничките дружења, тука беше да сподели трик, шега, да каже нешто за добрината. Веруваше во љубовта и во грижата на луѓето, кои секогаш го поддржуваа.
Сонуваше да сними рап-песна и да стане познат рапер.
За неговата личност посебно со гордост зборуваа и неговите ментори. Тие го насетуваа потенцијалот што го носеше Мемет во себе за промените што се возможни и посакувани, но останаа нереализирани.
Сериозноста на здравствената состојба не ги покажа своите заби само меѓу болничките ѕидови, туку ги покажувала долго време пред тоа. Но, Мемет немал можност да прави здравствени прегледи. Причината, исто така, е сериозна. Немал здравствена книшка, која ќе значи редовни прегледи. Задоцнетата документација за идентитет, личната карта, ги ставила на почек сите потреби, услуги, замисли за поинаков живот на еден млад човек.
И Мемет сонуваше вдишувањето и издишувањето да му бидат со полни гради, без страв дека бавниот процес на здобивање потврда за идентификација и видливост ќе му се одрази негативно во сите пори од живеењето. Неговиот пркос беше постојаната насмевка и одлука да работи за да си ги овозможи основните потреби како млад човек.
– Преку верификуваната програма за социјално менторство го подготвувавме Мемет за пазарот на труд. Постојано покажуваше забележителна активност и желба да се здобие со работни навики и работни вештини, но најголема желба, сепак, му беше да извади лична карта. Со работни навики се здоби, но, за жал, не дочека да се здобие и со лична карта – вели неговата социјална менторка за работна интеграција, Магдалена Чадиноска-Кузманоски.
Од оваа перспектива, додава таа, по овој трагичен исход, се наметнува прашањето, колку е оправдано, и сурово, на еден млад човек најголемата желба да му е да извади лична карта.
Правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита без оглед дали имаат лични документи. Но, овие права го одминаа Мемет Камбер.
Адресите на виновниците што потфрлија во овозможување на правата за овие лица во системот се многубројни, а решенијата се можни само ако постои волја, отвореност и подготвеност за нивно вклучување.
Интенцијата да се укаже дека е потребно пошироко видување на проблематиката, кое ќе опфати обид да се артикулираат и предложат опции како решенија на ваквите предизвици, најмногу беше пресретната и препознаена од граѓанските здруженија, медиумите и од јавноста. Тие безрезервно упатуваат на потребата од пристап што ќе продуцира решенија, а не нови пречки.
Социјалните медиуми не престанаа да вреват за шокантната вест, која ги обедини сите граѓани во ставот дека се неопходни промени. Итно и бескомпромисно!
Не можам да поверувам. Си замина од овој свет без да му се оствари најголемата желба да се здобие со личен документ. Нека почива во мир. Сочувство до семејството.
Душо мила. Ти беше ангел на земјата. Мој ученик. Среќа беше ти. Почивај во мир, прекрасен мој Мемет.
Секогаш беше среќен и насмеан кога зборувавме. Нека почива во мир.
Од него го купив последното издание на „Лице в лице“. Многу ми е жал. Сочувство до најблиските и сите што го познаваа. Нека почива во мир.
Многу, многу, многу жална вест! Колку пати имав купено честитки и „Лице в лице“ од него. И, вистина, секогаш беше насмеан и позитивен. Не ми се верува! Сочувство!
Тажната приказна за Мемет Камбер, за неговата младост и подготвеност за успешни летови во животот, од една страна, и за пасивниот однос на државата, од друга страна, ја разбранува јавноста, домашните и меѓународни организации, медиумите и само дел од институционалните актери.
Многу од прашањата што се отвораат – наскоро ќе добијат и свои одговори, но, за жал, предоцна за Мемет Камбер. Понесе на грб огромна тежина, но и остави печат, преку својата работа и заложба да се биде „видлив“. Тоа ќе остане како потсетник за сите нас колку потфрливме како систем и колку тој станал бесчувствителен, особено кај најранливите.
Посакуваме никогаш да не се повтори ваква приказна и во иднина сите заедно да придонесеме за создавање поправеден свет и опкружување во кое постојат еднакви можности за сите!
Сѐ додека не се превенира, исходот ќе биде трагичен.
Почивај во мир, драг Мемет!
(ВО СЕЌАВАЊЕ НА МЕМЕТ КАМБЕР 2004 – 2023 ГОДИНА)
Повеќе на оваа тема