Доза вести

Средба на Претседателот Пендаровски со продавачи на уличното списание „Лице в лице“

Време на читање: 4 минути

Денеска, во рамки на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, (03.02 – 09.02.2020), во просториите на „Млади Хаб“, беше остварена средба меѓу  претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и со продавачите на единственото улично списание за одржлив развој „Лице в лице“, со дел од нивните координатори, како и со претставници на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, којашто е издавач на списанието.

Преку непосреден разговор, продавачите на уличниот печат, на претседателот Пендаровски му објаснија дека нивниот ангажман во списанието „Лице в лице“ им помогнал да преземаат конкретни чекори за подобрување на својата животна состојба.

Исто така тие истакнаа дека преку продажба на уличното списание и процесот на работна интеграција, градат вредности коишто за нив биле непознати дотогаш.

Продавачот Хасан Аметовски, кој важи за еден од најискусните продавачи и е регрутиран преку Црвениот Крст на Град Скопје,  вели дека секогаш го ценел трудот на луѓето кои работат и заработуваат.
„За­поз­на­ва­ње­то и ши­ре­ње на ко­нек­ци­и­те со мно­гу ху­ма­ни лу­ѓе пре­ку оваа ра­бо­та за ме­не зна­чи и лич­но по­до­бру­ва­ње на осо­би­ни­те ка­ко чес­ност, искре­ност и про­ду­ктив­ност. Се­то ова се одра­зу­ва на мо­јот живот и резултатите кон кои се стремам. Тоа што преку „Лице в лице“ ја но­сам и по­ра­ка­та за за­шти­та на при­ро­да­та, при­род­ни­те ре­сур­си и еко­ло­ги­ја­та, ме мо­ти­ви­ра до­пол­ни­тел­но. Ја са­кам при­ро­да­та, за­тоа за ме­не „Ли­це в ли­це“ е тир­киз­на бо­ја“ – ве­ли Хасан, или „Хари“ за пријателите.

Меѓу присутните продавачи беше Валентин Ракип, лице без матичен број. „Секогаш кога некој за мене ќе рече дека сум дете фантом, не се чуствувам убаво. Тоа за мене е исто како да не постојам“, рече Валентин на средбата. И додаде дека државата треба подеднакво да се грижи за сите свои граѓани, без разлика во какви околности се родиле и во какви околности растеле.

На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави мисијата на списанието „Лице в лице“, економски и социјално да ги зајакне ранливите групи граѓани во нашето општество, истовремено делувајќи во насока на кревање на јавната свест за важни прашања за развојот на општеството.
Претседателот Пендаровски истакна дека тој и неговиот Кабинет ja поддржуваат секојa иницијатива којшто во себе ги обединува засегнатите страни коишто сакаат да придонесат на полето на одржливиот развој, социјалната инклузија, но и да делуваат кон демаргинализација на поединците. Платформата „Лице в лице“, како што посочи претседателот Пендаровски е насочена токму кон поддршка на процесот на работна интеграција на социјално ранливите групи, а на продавачите на уличен печат им нуди и можност за социјално и економско интегрирање.

Истовремено, претседателот Пендаровски на средбата изрази поддршка и за методологијата „Социјално менторство“, која е одговор за ранливите лица кои не можат да се задржат на работните места, бидејќи, како што посочува тимот на „Паблик“, „за лице коешто долго време било исклучено или никогаш не добило шанса да биде дел од пазарот на труд, процесот на работна интеграција е комплексен и придружен е со бројни предизвици“.
Оваа програма преку низа алатки и документи поставува оперативен протокол за активација, за мотивирање и за задржување на работата на отворениот пазар на труд на тешко вработливи лица.

Средбата на продавачите на уличен печат со претседателот Пендаровски е една од низата активности коишто ги организира „Лице в лице“, по повод Глобалниот настан, Меѓународна недела на продавачи на уличен печат, којашто се одбележува од 3 до 9 февруари. Целта на активностите во текот на оваа седмица, е да се активираат различни чинители од заедницата коишто влијаат на социјалната инклузија на ранливите категории граѓани. Во периодот од 3 до 9 февруари се оддава почит на работата на околу 9 илјади продавачи на улични весници и списанија во светот.

Во земјава се регистрирани 35 улични продавачи на „Лице в лице“ во 5 градови, односно во Скопје, Битола, Струга, Неготино и во Куманово.

Напишете коментар