Стимулативната средина – предуслов за квалитетно образование
Авторка на текст: Елена Апостолова
На наставниците не им e дозволено да се водат според можностите,
интересите и желбите на децата во училиштата затоа што така би го нарушиле
распоредот на часови или, пак, не би го почитувале предвидениот редослед од
наставната програмата за работа, а тоа подразбира и добивање казни
Во последниве десет години Македонија се втурна во многубројни проекти и реформи во образованието. Целта беше унапредување, но ефектот и резултатите се поинакви. Денес има многу збунети, демотивирани наставници, кои веќе почнуваат да ја отфрлаат секоја новина без притоа да проценат дали се работи за нешто корисно или не. За среќа, ова не е карактеристика на секој наставник.
Сè уште има ентузијазам и наставници што ги ставаат учениците на прво место, а не службите, инспекцијата и разноразните проекти. Наставници што се грижат за средината за учење што ја создаваат за своите ученици, а која има клучна улога во воспитно-образовниот процес. Стимулативната средина за учење му овозможува на ученикот да се здобие со долготрајни знаења и со доживотни вештини и го подготвува за животот утре. Тој
ќе умее да го почитува туѓото мислење и разликите, аргументирано да го брани својот став, да размислува креативно и критички, ќе знае како да се промовира себеси и своите знаења и вештини, ќе има високи морални вредности. Овој ученик ќе биде добар граѓанин и конкурентен работник. Краткорочно, ова е придобивка за
ученикот, родителот и за наставникот, но, долгорочно, придобивки има целото општество. Затоа, за средината за учење, освен наставникот, треба да се грижи и државата.
Средината за учење – занемарена
Како креативен наставник, кој подолго време се занимава со создавање стимулативна средина за учење, се сретнував со одредени проблеми и ограничувања. Со текот на времето забележав дека и на креативниот наставник полн со ентузијазам треба да му се понудат одредени услови за да може да се покаже во вистинска светлина. Моите проблеми и согледувања ме инспирираа да направам истражување на тема „Менаџирање на средината за учење во основните училишта“. Вака ги идентификував условите што треба да се исполнат
дополнително за да се обезбеди ваква средина. Истражувањето во кое беа опфатени приближно 700 испитаници покажа дека средината за учење не е во целост занемарена во испитаните училишта, но, сепак, недоволно се работи на нејзино обезбедување. Кај испитаните наставници се забележи доза на несигурност. Тие не знаат дали еден од нивните работни приоритети е создавање стимулативна средина за учење, ниту, пак, се сигурни кој
треба да се грижи за нејзино обезбедување. Од каде произлегува оваа несигурност, кога сè што треба да работи еден наставник е наведено во националните документи и закони, препораки и прописи за создавање
стимулативна средина за учење?
Во суштина, ваква средина може да обезбеди само креативен наставник, кој истовремено е добар психолог, менаџер, методичар, дидактичар и кој остварува добра комуникација.
Наставниците под постојани притисоци и стеги
Анкетираните наставници посочија пречки во спроведувањето на нивните замисли, кои влијаат на процесот на создавање стимулативна средина – ограничено времетраење на часовите, планирање и реализирање на наставата,
постојани притисоци и стеги од авторите и од реализаторите на образовната политика… Иако принципите за планирање и за реализирање на настава со која би се создавала ситимулативна средина за учење се засновани на проекти, обуки и на прирачници што се реализирани или одобрени од Министерството за образование и за наука, на наставниците не им е дозволено да работат според некои од наведените принципи. Тие не смеат да ја интегрираат наставата, односно програмата, затоа што тоа би значело дека не го почитуваат поставениот
распоред на часови затоа што ова подразбира испреплетени часови низ целиот училиштен ден.
Во суштина, на наставниците не им дозволено да се водат според можностите, интересите и желбите на децата, како што е наведено во литературата, затоа што повторно би го нарушиле распоредот на часови или, пак, не би го почитувале предвидениот редослед од наставната програма за работа.
И друг многу загрижувачки проблем се наѕираше од интервјуата со наставниците што обезбедуваат стимулативна средина за учење, а тоа е притисокот од околината (колеги, стручна служба, инспектори и слично) да бидат како другите наставници, кои не вложуваат толку во својата работа. Тие сè почесто се прашуваат дали вреди тоа што го прават. Овие позитивни наставници, кои за време на часовите понекогаш живеат во бајките, соништата, тешко им е да ја напуштат училницата и да се соочат со реалноста. Тие сметаат дека има многу субјекти што се директно вклучени во образованието, а истовремено или не се запознаени со значајноста на стимулативната средина за учење или несвесно ја запоставуваат. Овие субјекти со нивни одредени дејства влијаат негативно врз
наставниците што се грижат да создадат стимулативна средина за учење за своите ученици.
Фокусот треба да е на продуцирање квалитетни кадри
Создавањето средина за учење е предуслов за квалитетно образование, а за да ја имаме, потребно е владините институции, локалната самоуправа, управувачките и раководни органи во училиштето, стручните соработници и
наставниците да го сфатат нејзиното суштинско значење. Сите овие субјекти заедно треба активно да придонесуваат за нејзино унапредување. Создавањето стимулативната средина за учење претставува комплексен процес за кој наставниците треба да се сретнуваат најмалку еднаш во две години за да можат да ги усовршат своите знаења, а притоа и да ги споделат своите искуства со колегите. Потребно е да се поттикнат тие наставници што создаваат стимулативна средина да го споделат своето искуство со другите преку издавање книги, лични веб-страници, снимени часови…
Владините институции треба координирано да дејствуваат на терен и заеднички да ги поставуваат приоритетите и инструментите за следење и за оценување на наставникот, а, во суштина, многу поголем ефект би се постигнал кога државата својата енергија, време и пари би ги трошела на создавање квалитетни наставнички кадри.
Државата е клучен фактор за обезбедување квалитет во образованието, кој, пак, како бумеранг би ѝ вратил со квалитет во сите пори на општеството.
(Авторката е наставничка и авторка на трудот „Менаџирање на средината за
учење во основните училишта“)
(Се потсетуваме на содржини на „Лице в лице“ кои се актуелни и денес. Текстот е оригинално објавен во 18. број на „Лице в лице“)