Магазин

Стручното образование создава генерации подготвени за новото време

ПОВЕЌЕТО ОД ПРОНАЈДОЦИТЕ ШТО СЕ РЕГИСТРИРААТ СЕКОЈА ГОДИНА ВО ГЕРМАНИЈА НЕ ДОАЃААТ ОД УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ИЛИ ИСТРАЖУВАЧКИТЕ ИНСТИТУЦИИ, ТУКУ ОД ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ СО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ. ПРИМЕНУВАЈЌИ ГО СВОЕТО ПРОФЕСИОНАЛНО ЗНАЕЊЕ И КРЕАТИВЕН ПРИСТАП, ТИЕ ГИ ПОДОБРУВААТ СВОИТЕ РЕШЕНИЈА И СОЗДАВААТ ИНОВАЦИИ

Повеќето од пронајдоците што се регистрираат секоја година во Германија не доаѓаат од универзитетите или истражувачките институции, туку од професионалците со стручно образование. Применувајќи го своето професионално знаење и креативен пристап, тие ги подобруваат своите решенија и создаваат иновации
Скопје е толку убаво и шарено во пролет. Расцветаните цреши во мојата улица и мирисот на виолетовите зумбули по градините измешан со мирисот на скара и на свежи салати од многуте мали ресторанчиња во Дебар Маало. Граѓаните на Скопје едвај дочекаа повторно да го освојат јавниот простор и така ќе биде до следната зима. На тревникот пред нашата куќа се собираат мажите од соседството и играат карти во вечерните часови. Семејствата седат по балконите, разговараат и ги гледаат минувачите. За време на викендите Градски парк во близина на реката Вардар е полн со луѓе што трчаат, возат велосипеди и со родители што шетаат со своите деца. Навистина ми се допаѓа Скопје како место каде што луѓето се собираат на дружење веднаш штом ќе забележат барем малку сонце на небото.

Фактот дека квалитетот на воздухот сериозно се подобри во последните недели, ќе значи дека во следните осум месеци ќе ги заборавиме сите поплаки за загадениот воздух во градот, сѐ до следната есен.

Јас не сум исклучок, признавам. Многу често ги заборавам претходните планови и одлуки и претпочитам да го живеам моментот. Седам пред мојот екран со полупразната страница со наслов – блог за „Лице в лице“. Место да пишувам, ги проверувам вестите на интернет и повторно правам пауза да каснам нешто. Мојот колега неколку денови по ред ме потсетува дека треба да го завршам текстот. На германски имаме убав термин за ова, „der innere Schweinehund“ или, во слободен превод „мрзливиот глас во мојата глава“, кој ме спречува да ја завршам мојата задача. Како да се соочиме со тој наш внатрешен глас, со нашите внатрешни искушенија, како да се осигуриме дека ќе го завршиме тоа што сме го испланирале, дека нема да останеме да тапкаме во место, туку постојано ќе се усовршуваме себеси и општеството во кое живееме? Мојот блог е токму за нив, за мрзливите гласови во нашата глава и како да се соочиме со нив.  

Образованието е една од основните алатки за ова. Тоа не подразбира само престижни училишта и дипломи, или свечени тоги, туку постојаното учење нови нешта разбирањето на заемните врски меѓу нив и развивањето нови решенија. Интересно, повеќето од пронајдоците што се регистрираат секоја година во Германија не доаѓаат од универзитетите или истражувачките институции, туку од професионалците со стручно образование. Применувајќи ги своето професионално знаење и креативен пристап, тие ги подобруваат своите решенија и создаваат иновации. За разлика од Северна Македонија, во Германија стручното образование е многу популарно и важно за развојот на општеството. Тоа им нуди на учениците практично искуство и технички вештини во различни полиња и тоа е многу важно за создавање нови успешни генерации, подготвени за предизвиците на новото модерно време. Генерации што успешно ќе се ослободуваат од мрзливите гласови во нивната глава.

Друг начин да се ослободуваме од „der innere Schweinehund“ се организациите – алатка патентирана од човекот, која ни помага да одиме напред и да останеме на вистинскиот пат. Организациите се фокусираат на дефинирани, конкретни теми, овозможувајќи успешно спроведување одредени задачи и сервиси. Но, за жал, нашите организации и институции не секогаш ги исполнуваат нашите основни потреби. Затоа, мораме да ги комбинираме образованието и организациите за да дојдеме до „организации што учат“, места што ги мотивираат своите вработени и членови да продолжат да се образуваат и постојано да се развиваат.

Тоа е тоа што јас сакам да го постигнеме со проектите на ГИЗ и со германско-македонската соработка, заедно со нашите партнери во јавниот и во граѓанскиот сектор во земјава – да работиме сите заедно на остварување на нашите долгорочни планови за функционално општество и истовремено постојано да се надградуваме. Сите наши активности имаат долгорочна цел, подобрување на регионалната соработка и подготвување на Северна Македонија за прием во ЕУ. Германија е голем поддржувач на европската интеграција и ги гледа земјите од Западен Балкан како составен дел на обединета Европа во иднина. Но, главната цел на ЕУ не е само економскиот развој, просперитетот и хармоничната интеракција и соработка на нејзините членки, нешто што понекогаш изгледа толку далечно и тешко остварливо. Европската интеграција е процес составен од мали чекори, кои придонесуваат за континуирано подобрување на нашите општества и за дефинирање на моделите и на правилата за заедничко живеење. Овие мали чекори се многубројни и различни, а ние мора заеднички да ги осмислуваме и спроведуваме.

На пример, подобрување на можностите за вработување во руралните средини се дел од тие мали чекори, кои ГИЗ, заедно со Министерството за земјоделство, се обидува да ги спроведе. Главната цел на оваа иницијатива е да се промовира диверзификацијата на економските активности во прекуграничните рурални области, како што се Преспа и Шара.

Друга област е општествената одговорност и социјалниот бизнис. Неодамна, во Струмица, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ја отворивме првата бејгл-продавница во земјава, социјален бизнис што нуди вработување и работна терапија на различни ранливи групи, корисници на НВО „Избор“ од Струмица.

Многу сум горд и на слатките кучиња што ги обучивме за потребите на Министерството за внатрешни работи  да пронаоѓаат пари и да откриваат нелегални финансиски текови на граничните премини, како и на советниците ангажирани да им помагаат на локалните колеги од полицијата и јавното обвинителство во решавањето на големите криминални случаи.

Додека го пишувам мојот блог за „Лице в лице“, обидувајќи се да ги сумирам активностите на ГИЗ во земјата, јас сум повторно со моите мисли на почетокот, пролетта во Скопје. Не смееме да заборавиме на квалитетот на воздухот за време на пролетта и на летото. Затоа и дискутиравме со градските власти на град Скопје за соработка со германски градови, која ќе се фокусира на мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје. Концептот има цел да се идентификуваат и спроведат практични мерки, кои ќе придонесат да се избегне загадувањето на воздухот. Градовите ќе соработуваат на промоција на решенија за енергетска ефикасност или за подобрување на услугите за чистење на оџаците и за проверка на системите за греење во приватните домови, како и предлози за подобрување на системот.

За жал, јас не се соочив успешно со моите „inneren Schweinehund“. Сега е веќе 1.30 часот наутро, а вчера беше крајниот рок да го испратам мојот текст. Се надевам дека уредниците на „Лице в лице“ не само што се добро организирани за да се соочат со авторите што доцнат, туку и ќе бидат доволно љубезни да го прифатат моето доцнење.

Исто така, се надевам дека со своите идеи, почнувајќи од образованието и од организациите што учат, па сѐ до социјалниот бизнис и борбата против загадувањето на воздухот, ќе мотивирам некои луѓе во земјата да почнат да размислуваат за можните решенија, за начините за подобрување на општеството и за начините како успешно да се соочат со внатрешните мрзливи гласови во својата глава.

(Авторот е директор на ГИЗ за Северна Македонија и за Косово)

Напишете коментар