Магазин

Училиштето не треба да биде нужно зло, туку место за развој на соништата!

Време на читање: 3 минути
- банер -

Во најосетливите години нѐ вреднуваат според добиените резултати на скала од еден до пет. Нѐ делат на добри и на лоши ученици, интелигентни и неинтелигентни. Знаете ли какви последици има тоа? Целосно уништување на нашата самодоверба
Почитуван министер за образование и наука!
Зборот образование потекнува од латинскиот збор „educе“ што значи „изнесува“. Целта на образованието треба да биде да се изнесе дарбата на секое дете поединечно, а не да се создадат идентични копии. Во последниве неколку децении зборот ‘образование’ инстинктивно се поврзува со училиштата, но голем дел од вистинското образование што го добиваме е од родителите, низ комуникација со пријателите и со вонучилишни активности. Тоа е поради големиот недостиг од есенцијални информации во образовниот систем и практични вештини, кои ќе ни помогнат во врска со важни прашања понатаму во животот. Од таа причина, сметам дека би требало да се спроведат неколку реформи со цел негово подобрување и зголемување на интересот кај учениците.

Првата идеја што би ја предложила е редизајнирање на учебниците со цел да се исфрлат непотребните информации, односно да се заменат со неопходни, кои се корисни во секојдневниот живот. Многу од учебниците се напишани на високо академско ниво, кое не е соодветно и доволно разбирливо за учениците во средните училишта. Дали знаете колку ученици секојдневно се мачат помнејќи неважни бројки, равенки, поими за да можат да добијат „повисока оценка“? Но, за што, всушност, добиваме оценки? Зборуваме за материјал што ќе го заборавиме еден час по тестот.
Би сакала да зборувам и за овој проблем. 
Стандардните тестови на заокружување одговори во никој случај не го оценуваат нашето знаење.  Тие го оценуваат нашето краткотрајно помнење. Интересот кон предметот и времето потребно за сoвладување на материјалот не се исти кај сите деца. Секое дете е приказна за себе со различни афинитети, способности, а, сепак, сите сме оценети на ист начин. Вие не го сметате тоа за неправда? Во најосетливите години нѐ вреднуваат според добиените резултати на скала од еден до пет. Нѐ делат на добри и на лоши ученици, интелигентни и неинтелигентни. Знаете ли какви последици има тоа? Целосно уништување на нашата самодоверба. Психолозите веруваат дека денес просечниот тинејџер го има истото ниво на анксиозност како психијатриски пациент во 1950 година. Меѓу 15 и 18 години ние сме во најранливата фаза на животот, кога најмногу ни е потребно да ни се даде поддршка, разбирање и платформа за искажување на нашите идеи и размислувања. Место тоа добиваме институции кои се потпираат на овој „one-size fits all“ концепт на предавање и оценување, кој, очигледно, веќе не функционира. Тој ја убива креативноста на младите умови – иднината на земјата и на целиот свет воопшто. Не дозволувајќи им на  децата да се изразат на свој начин и наметнувајќи им го овој стандарден метод како единствен, се создава одбивност, чијшто исход се послаби резултати. Постојат научни истражувања што кажуваат дека некои деца учат побрзо со присуство на музика, некои учат полесно низ слики, но тоа се само некои примери за алтернативни начини за поттикнување на учењето. Генеричкиот назив на образование – образ го претставува моралот, главната вредност што се јавува како недостиг кај овој професорски кадар. Недоволната мотивација доведува до недоволна заинтересираност и волја за соработка. Сепак, не можеме да ја бараме вината само во нив, поставеноста е еден професор наспроти повеќе од триесет ученици. Оваа разлика не обезбедува ниту доволно простор ниту доволно време за да се посвети потребното внимание на секој поединец. Финска во моментов го има најфункционалниот образовен систем во светот. Тие имаат пократки часови на училиште, се фокусираат на предметите што ги одбираат децата, не постои домашната работа, а односот со професорот и меѓу децата се базира на соработка.

Кога велам време е за промена морам да нагласам дека овој образовен систем е истиот од пред сто и педесет години. Сега споредете ги напредокот на транспортот, индустријата, технологијата и образовниот систем. Еве ви најпластичен пример, пред сто и педесет години луѓето сѐ уште немале светлина во домовите, а денес сме сведоци на речиси усовршени холограми, тридимензионални слики направени со помош од ласерски зраци.  Дали знаевте дека човекот што ја конструирал првата електрична светилка, кој се смета за еден од најголемите пронаоѓачи на Америка (Томас Едисон) бил избркан од училиште со образложение дека е премногу „бавен“. Голем број пронаоѓачи никогаш не го завршиле формалното образование како Бил Гејтс, Марк Цукенберг, Стив Џобс, браќата Рајт, како и многу други креативни умови, кои останале несфатени од овој монотон  образовен систем. Мојот предлог е природните науки да се приближат до ученикот не само теоретски, туку и практично, со експерименти и истражувања. За голем дел од истражувањата може да се послужиме со технологијата, која денес е и повеќе од развиена и достапна. Почести научни екскурзии, посети на музеи, настани што ќе ни помогнат во совладување на материјалот и воедно во нашето културно издигнување. Учење низ презентации, дебати, работилници и други техники.

Затоа, почитуван министер за образование и наука, испраќам молба до вас и до сите надлежни што имаат можност да направат некоја промена, не дозволувајте децата да го гледаат училиштето како нужно зло, туку како место каде што ќе можат да ги развиваат и да напредуваат во своите соништа, така од нив ќе се создадат креативни, успешни и зрели личности.

(Есејот  е една од наградените творби на конкурсот на Фондација Отворено општество – Македонија на тема „Моето образование“)

- банер -

Напишете коментар