Магазин

Учениците треба да ги подготвиме за живот, а не за сведителство со петки!

НЕ МОЖЕ ТУКУТАКА ДА СЕ СМЕНИ ИЛИ НАДГРАДИ ЗАСТАРЕНИОТ ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ, ЗАЕДНО СО СИТЕ ЛУЃЕ ШТО РАБОТАТ ВО НЕГО. ИМАМЕ ПРИМЕР ВО ФИНСКА КАДЕ ШТО ЗА ЕДНО РАБОТНО МЕСТО, НАСТАВНИК ВО ОДДЕЛЕНСКА НАСТАВА, КОНКУРИРААТ ПО 200 ЛУЃЕ. КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ДОБИВАЊЕ НА ТОА РАБОТНО МЕСТО СЕ МНОГУ ПОИНАКВИ ОД НАШИТЕ, ЗНАМ ДЕКА СЕКОЈ ЗАСЛУЖУВА ШАНСА, НО ЗБОРУВАМЕ ЗА ЕДУКАЦИЈА НА НАШИТЕ ИДНИ ПОКОЛЕНИЈА И ТУКА ТРЕБА ДА СМЕ РИГОРОЗНИ

И меѓу учениците и меѓу нивните родители важи за нетипичен наставник, кој преку своите  креативни и неконвенционални чекори прави позитивни влијанија кај младите, чиешто внимание не е едноставно да се придобие ако само слепо се следат програмските образовни шеми – без индивидуален печат.
Ивица Трајковски е наставник што предизвикува внимание со својот начин на работа и пристап кон учениците, особено во време кога суштинските системски реформи во образованието тешко го наоѓаат својот пат.
Предава историја и граѓанско општество во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“ и силно верува дека мора да сме мотивирани секој ден зашто децата учат од нас, и тоа не само лекцијата, туку учат и од нашите постапки и однесување.

„Лице в лице“ го има за свој соговорник затоа што сме на страната на образование што носи предзнак современо, креативно, иновативно, граѓанско…


Вие сте единствениот наставник кај нас што, со своите ученици, активно се вклучи во глобалната иницијатива Fridays For Future.
Колку е важно наставникот / едукаторот да биде отворен за иновативен пристап, за отворање актуелни, глобални теми со учениците (како што се климатските промени, рециклирањето, штедењето електрична енергија) и за учење – преку теми за кои децата покажуваат и интерес, но и имаат афинитети?


Наставникот треба да си ја сака работата, тоа е основното. Во моментот кога ќе сфати дека ја има најважната работа во светот, прво што треба да направи е да преземе и да инсталира нов софтвер за работа. Стариот многу „запира и сечка“, односно е нефункционален. Децата се многу понапредни од времето кога ние бевме ученици, сакаат предизвици, навикнати се на технологија и преферираат нешто што е поопипливо, нешто од новово време. Дефинитивно, мразат препишување книга во тетратка и учење на памет. Сакаат разговори, дискусија и обожаваат дебата, ние само треба да ги насочиме кон вистинскиот извор. Кога наставникот ќе каже дека доаѓа нов предизвик за човекот, а во игра е и неговото истребување од планетата Земја, а мобилизацијата треба да биде на повисоко ниво од тоа во Втората светска војна (тема интересна за секој ученик), веќе имаме насочена дискусија со многу поважен исказ. Веќе не се работи за добри и за лоши луѓе, туку за животот на сите луѓе на оваа планета. Веќе имаме тензично внимание и почнува сервирањето на најактуелната тема што, секако, ќе ги интересира, климатските промени. Може да истражуваат на интернет, има многу видеа на „Јутуб“, има познати актери и музичари што прават дела и дискутираат токму за ова. Потоа почнуваме ненападно со работи како што се штедење енергија во училиштето и во домот, рециклирање пластика, чист и зелен училиштен двор и слично. Јас почнав вака. Верувам секој наставник може да оддели време (ако сака) за мал осврт на тоа што ќе дишеме наредната зима, особено во Скопје.


Колку може наставникот сам да се избори за слобода во креативното осмислување и на часот, но и, генерално, на зададената образовна програма? Или, пак, тоа треба да биде (по)добро поставено од страна на самиот образовен систем? Каков е вашиот став?  


Образованието трпи критики низ целиот свет, какво било, какво е и какво треба да биде. Тоа не значи дека наставникот треба да биде пасивен и да чека некој друг да направи промена, а тој само да ја спроведе. Мислам дека сѐ тргнува од него. Тој е главниот лик во приказната на неговиот час. Колку и да е добро „сервирана“ програмата од МОН, наставникот е тој што треба да биде интересен во пристапот. Во спротивно, какви и активности да им дадам на учениците, ако претходно не сум соодветно „поврзан“, сè е џабе. Според мене, приодот е најважен, па потоа програмата за предметот и наставната единица. На „досадниот“ наставник дајте му го најинтересниот предмет со најинтересната лекција, часот нема да биде таков како што треба да биде. Учениците ги подготвуваме за животот, не само за свидетелство преполно со петки.


Колку (дигиталната) технологијата, или добро подготвениот училиштен амбиент, кој го носи духот на новото време, може да влијае на зголемување на мотивацијата, заинтригираноста кај учениците? Имаме ли, всушност, кај нас соодветна современа настава? Како вие ги вметнувате дигиталните алатки, особено ако знаеме дека имаме генерации што „се растени“ пред таблет, лаптоп и сл?


Денешните ученици уште од најмала возраст добро се запознаени со современата технологија носејќи ја во сопствениот џеб. Таквиот факт мораме да го прифатиме и, според мене, подобро да го искористиме нејзиниот позитивен ефект, отколку да се обидеме комплетно да ја спречиме. Имаме реномирани канали на „Јутуб“, кои вешто и интересно ги објаснуваат историските настани (било како документарен или анимиран филм). „Македокс“ ни подготви прекрасни документарни филмови што ги користиме по многу предмети. Мотивациски видеа и приказни на успешно живеен живот се повеќе од добредојдени кога енергијата во одделението е на ниско ниво. Некогаш слушаме музика и така се охрабруваме во „дождливите“ денови. Имаме примери кога учениците даваат предлог-видео за наредниот час. Комуницираме преку е-пошта и социјалните мрежи и ги користиме како алатка за прашања и за одговори поврзани со учењето. Јас имам „пластичен“ предмет, па можам, буквално, на секој час да ја спроведам фамозната ИКТ-техника (Информатичко-комуникациски технологии) што, дефинитивно, е најинтересна за учениците. Но, тоа не е изговор за другите часови да бидат монотони. Познавам колега по математика, кој како предмет е прилично со помал простор за маневрирање на самиот час (освен мал број наставни единици, другото е решавање задачи), кој прво е пријател со своите ученици, и колку и да е лекцијата што треба да се изучува специфична, енергијата на часот е позитивна, а тоа учениците јавно го споделуваат. Сѐ додека наставникот има контрола врз часот, со мала заемна доверба и почит, многу лесно часот може  да биде интересен – со вметнување на нивните омилени дигитални алатки и апликации. Се разбира, на крајот да извадиме заклучок и среќни да појдеме на следниот час.




Норвешка, Финска се земји што  го надминаа принципот на работа со учениците на ниво на предмети. Со учениците се работи преку „тема на денот“. Што мислите, колку ваквите модели влијаат здраво и позитивно на резултатите што би ги постигнале учениците?


Го следам скандинавскиот образовен систем и најмногу насоки спроведувам од него. Резултатите во тие земји допрва ќе докажат дали тој е успешен, со оглед на пораснатите деца и нивното ниво на зрелост, успешност и снаодливост во животот, водејќи се токму од таков тип образовен систем. Знаеме со сигурност дека децата им се среќни, а за мене тоа е доволно. Јас немам „тема на денот“, туку на табла запишувам мисла од некоја личност што живеела убав и успешен живот (најчесто е од денешнината, за да има допирни точки со мојот ученик) и дискутираме што сака да ни каже. По серија лични примери кога надарени ученици во секое поле од училиштето на тест добиваат слаба оценка сопнувајќи се на банална работа и притоа, очигледно, се вознемирени, решив да не правам тестови. Тие се само стрес за моите ученици. Најдов начин преку интересни анимирани наставни ливчиња да го разбијам еднонасочното давање знаење, прво разбивајќи ја очигледната тензија пред него. Секојдневно разговарам со многу ученици не само за историја и за граѓанско образование, туку и за животот, советувајќи ги за многу работи, градејќи искрено пријателство. На секој мој час може да се презентираат знаења, секој „доброволец“ има јавен настап вежбајќи го ораторството и  говорот на телото, градејќи самодоверба и на крајот е награден од одделението со аплауз за неговата презентација. Ниту еден не е присилен на фамозното „испрашување“ и секому му се дава следна шанса. Верувајте, учениците секогаш вистински ја користат и не се случило некој да ја злоупотреби. Зошто? Наставникот е прво родител, пријател, па наставник и децата го чувствуваат тоа. Никој не сака да го изневери искреното пријателство на некој што вистински се грижи за нив. Се има случувано на тест по хемија да се потфрла зашто било „ветено“ дека ќе се одговара историја за тој ден, а немало време да се повтори другото. Со овој пример детето го гради својот карактер, а работата на него, според мене, е поважна од која било тројка по хемија. Најинтересно е што учениците се свесни за тоа, знаат дека ќе се поправи оценката по кој било предмет и не се загрижени, но се задоволни што не изневериле пријател. За мене ова е вистинското образование. 



Колку образовниот систем треба да биде расадник на граѓани на светот, одговорни, свесни, совесни, емпатични, грижливи, толерантни – кои ќе дејствуваат одговорно како возрасни личности и во поглед на генерациите што доаѓаат по нив, во поглед на заштитата на земјата, на природата и слично? Колку ги подготвуваме учениците за реален живот?


Знам и свесен сум дека срцето им го оставам на моите ученици, секој час. Учениците и нивните родители го препознаваат тоа. Гледам дека сѐ уште им се крилјата на грбот што некој работодавец ќе сака да им ги исече враќајќи ги во строј, велејќи дека не можат и не смеат. Некој ловец на таленти ќе сака да профитира од сонот на некој мој ученик. Некој, едноставно, ќе падне во калта и никогаш нема да стане зашто конкуренцијата учи на канибализам, а не на подадена рака. Ние возрасните брзо заборавивме како ни беше на нашата прва работа, нашиот прв шеф, нашата прва плата. Забораваме дека живееме во свет каде што редовно се прават сопки… и, иако не е удобно во редицата, глумејќи, и понатаму стоиме гордо. Во училиште ги учиме нашите деца сѐ, освен за тоа што ги чека надвор од училишната ограда. Кога кажувам „учиме“, се мисли и на домашните, не само на наставниците. Родителите се зафатени повеќе од кога било, наставниците се платени само да предаваат и да оценуваат, соработката е на најниско ниво… погодете кој ќе страда? Образовниот систем треба да биде база каде што ќе се канализираат вистинските потреби на секое дете. Но, без заемна поддршка меѓу „вистински“ родител и „вистински“ наставник, нашите деца се оставени да учат сами од сивиот свет. Затоа сме дојдени на ова ниво. Вреднуваат сарказам, вреднуваат марка на очила, не боја на очи, слушаат неморална музика, која влијае врз секојдневниот живот на најлош можен начин, сѐ помалку читаат, сѐ помалку се дружат, бројат лајкови и поважен им е ликот од играта, отколку вистинскиот начин на живот. На крајот, мора да знаеме, образовниот систем не ја гради индивидуата во целост, не смее да се заборави улогата на семејството, друштвото и сл. Кога сме кај критичкото размислување, на пример, за заштита на природата, таа никогаш не била главен приоритет и се сомневам дека ќе биде, а тоа треба да е тема број еден почнувајќи од најмала возраст. Не само на читање текстови, туку на самото место, прво во домот, училиштето и во училишниот двор, општината и на крај нашата држава. Ме радува што низ светот најмладите почнаа да сфаќаат што се случува и преземаа некои работи во свои раце, неизбежно е тоа размислување и дејство да дојде и кај нас. Во многу земји се штрајкува секој петок во некои училишта и учениците, едноставно, одбиваат да одат на училиште, односно штрајкуваат за својата иднина (Fridaysforfuture, односно schoolstrike4future на Грета Тунберг). Јас искрено и гласно го поддржувам ова движење и често зборувам со моите ученици за предизвиците што ни доаѓаат поврзани со климатските промени. Еден мој ученик запиша на парола „Кога лидерите се однесуваат како деца, децата стануваат лидери.“ И доколку само еден свесен ученик размислува вака, верувам дека има надеж, а иднината ќе ни биде посветла.



Колку е важно нашиот образовен систем да ги препознава талентираните и надарени деца и колку верувате во констатацијата: квалитетно образование – основа за силна економија?


Според мене, талентираните и надарените деца се препознавани од самиот систем, прашањето е како ги надградуваме и опслужуваме во нашето општество. Вилијам Баркли запишал: „Најважни денови во вашиот живот се денот кога си се родил, и денот кога ќе дознаеш зошто си се родил“. Секое дете има своја дарба, свој талент, работата на родителите и на наставниците е да помогнат таа дарба, тој талент да почне да се манифестира и соодветно да се насочи чувајќи го и грижејќи се за него. Често возрасните ги форсираат своите деца во поле на кое тие не успеале или, поблаго кажано, не се докажале. Било тоа во академско, спортско или уметничко поле. И така нашите деца „прегоруваат“. Некои ученици брзо созреваат и добро се соочуваат со тој притисок, но често најдобронамерната и најчиста акција на родителот врз своето дете завршува во спротивна насока. Сум предавал на шампиони, репрезентативци и на натпросечно талентирани деца. Кога сите ќе седнат во клупа, никој не се разликува од никого, барем не од почеток. По неколку излагања на ученикот, разликата е евидентна, особено на тие што се родени со афинитети за брз напредок во учењето и во совладувањето на материјалот. Токму тие и се „најопасни“ ако не се свесни за својата супермоќ. Во многу случаи го презентираат училиштето на државни натпревари, собираат еден тон медали и дипломи. Наставниците ги ангажираат во полињата во кои предаваат и се трудат да соберат што повеќе „поени“ со својот ученик. И тоа е до некаде сфатливо бидејќи со тие „поени“ се китат со одредени награди што се важни за нив, плус скромна парична награда за ученикот и за наставникот ако се први во натпревар на државно ниво. Но, несфатливо е тоа да не се сподели со светот. И не мислам на „Инстаграм“ или на „Фејсбук“. Имањето талент е едно, сочувувањето, работата и надградбата се сосема друго. Освен што ќе имаат олеснување за упис во некое „попрестижно“ средно училиште или, ако се даде целосна стипендија од малкуте приватни училишта, товарот останува на родителот. Сме биле сведоци на многу талентирани деца што добиваат светски награди, а кај нас страдаат зашто нема кој да работи со нив. Едноставно, општеството сѐ уште не ни е созреано, имаме пулс, но, освен популаризмот, едноставно, не сме дораснати да ги „чуваме“ овие деца. И на крајот доаѓа неизбежното, родителот сам се снаоѓа, дава саможртва и во секојдневниот муабет се препознаваат индикациите за подобрата иднина „надвор“. За жал, и така завршуваат нашите најдобри деца. Не само на колеџ и привремена работа, туку се селат само поради едно нешто. Таму се препознаени и вреднувани, таму ќе добијат шанса за поквалитетен живот, без тато и мама да се некој и нешто.



Што е тоа што треба итно да се промени во нашето образование? Од каде би почнале вие? Како да ги надминеме недостатоците и училиштето да не биде мака и здодевна обврска за учениците?



Како што нашето општество расте, полека сфаќа дека секојдневната политика треба да биде настрана од сѐ што може да го направи граѓанството многу подобро. Според моето скромно искуство, филтерот за квалитет е порозен и селекцијата на кадрите што треба прво да го одржуваат е бедна. Понатаму сѐ друго е домино-ефект. Не може тукутака да се смени или надгради застарениот образовен систем, заедно со сите луѓе што работат во него. Имаме пример во Финска каде што за едно работно место, наставник во одделенска настава, конкурираат по 200 луѓе. Критериумите за добивање на тоа работно место се многу поинакви од нашите, знам дека секој заслужува шанса, но, зборуваме за едукација на нашите идни поколенија и тука треба да сме ригорозни. Така едноставно и пополека ќе се даде свежа крв во самиот систем. Обуките и едукацијата мора да се редовни и министерствата не треба да штедат средства на тоа. Монополот на знаењето веќе не е кај грст луѓе и тие што ќе кажат, тоа е. Имаме на интернет работилници и советувања на докажано успешни луѓе, кои помагаат во совладување животни вештини, техники што мене како човек ми се потребни работејќи со чувствителна жива материја. Мора да сме мотивирани секој ден зошто децата учат од нас, не само лекцијата, туку и од нашите постапки и однесување. Сакаме училници на отворено, освен музеи, посета на ликовни галерии, музички и филмски фестивали, поттик за фотографирање, графити, стрипови, водење дневници и пишување приказни и случки од секојдневниот живот, изработка на документарни филмови и видеа, сакаме музика во училишниот двор за време на големиот одмор, еднаш месечно забава во училиштето, кино и театарски клубови, летни и зимски кампови организирани од самото училиште каде што генерациското сполотување ќе биде иницијална каписла. Во моето училиште, по иницијатива на моите ученици, организирав натпревар по компјутерски игри, се запишаа повеќе од 100 ученици, најинтересното беше другарувањето и бодрењето на деца од различни генерации, смеењето и позитивната енергија што се чувствуваше во кабинетот по историја. Сплотувањето треба да ни биде приоритет, како за учениците, така и за наставниците. Да не сме странци во сопственото училиште, да си помагаме и да се подучуваме, децата ќе го видат и ќе го почувствуваат тоа, ние треба да сме им пример за убав живот. Во наследство ќе оставиме врски што се создадени со искрена љубов и пријателство, таква врска и конекција никој нема да може да ја раскине, никогаш. Според мене, ова е вистинскиот пат за успешно образование.

Напишете коментар