Магазин

Училиштето е родно место на новиот подобар свет

Време на читање: 5 минути
СУШТИНАТА НА ОБРАЗОВАНИЕТО БАРА ОД НАС ДА ГО НАУЧИМЕ ДЕТЕТО КАКО ДА БИДЕ ВИСТИНСКИ ЧОВЕК, КАКО ДА СЕ СООЧИ СО ЖИВОТОТ, КАКО ДА УСПЕЕ И, ШТО Е НАЈВАЖНО, КАКО ДА БИДЕ НАВИСТИНА СРЕЌНО
- банер -

Образованието не се темели на дејствување на една личност врз другите, туку на меѓусебна соработка и одговорност, е ставот на бразилскиот педагог и еден од најзначајните теоретичари во воспитанието и образованието, Пауло Фреире. Тоа значи свест за педагогија како слободна творечка дејност, како активност што се темели на вредностите што имаат цел унапредување на општеството и градење на социјалниот капитал.

Критичката (револуционерна) педагогија, пак, е критика на конвенционалната педагогија за да почне да се сомнева и, конечно, да погледне дали нејзините претпоставки и тврдења се соодветни, дали е ова вистинското образование, дали не е време да се  спротивстави и, евентуално, да ја надмине оваа капиталистичка експанзионистичка динамика. Овој пристап се обидува да се спротивстави на овој неолиберален свет во кој т.н. слободен пазар го растура јавниот сектор, приватизира инфраструктура, ги одредува социјалните потреби, го загадува воздухот, ги претвора водата и воздухот во профит, ги менува клучните педагошки принципи, ги троши и претвора просветните работници во профитна и потрошна сила, ги подготвува младите за одржување и за служење на овој квазисистем.

Училишта без ѕидови и катедри

Иновациите во содржините и поттикнувањето на иновативното учење во пристапот на наставните планови и програми придонесуваат за создавање иновативно општество. Тоа значи дека во интерпретација на содржините треба да се даде повеќе простор на културата на мислење, отколку на културата на „складирање“ информации и податоци.
Според тоа, наставата со своите содржини мора да реагира на предизвиците што ги наметнува развојот. Затоа, голем е предизвикот како училиштето да стане „училиште без ѕидови“, „училиште без катедри“…
Комуникацијата со светот е темелна претпоставка за сите можни иновации. Другата значајна карактеристика е целосна фокусираност на ученикот – зголемена свест дека секој поединец е поинаков од другите, и токму поради тоа има природно право на личен избор. 

Еден значаен проект, кој имал цел да развие модел за образованието во 21 век, е „Образование за иднината“ (Schooling for Tomorrow). Подразбирал програма што опфаќа градење рамка и алатки за алтернативно и стратегиско размислување за иднината на образованието, како и развивање негови потенцијални и посакувани сценарија.

Трансформација на образовните институции во центри на општеството

Дел од нивните клучни забелешки биле дека културата на образовните институции е многу повеќе насочена на гледање во минатото, место на осмислување и планирање на иднината, но и дека новините во образованието, очигледно, не ги донесуваат посакуваните образовни промени. Правците за промени што биле предвидени биле многубројни, но се движеле од уште потешка институционализација и бирократизација до целосна трансформација на образовните институции во центри на општеството. Една од тие опции предвидува и промислување на образовните парадигми во погледот кон иднината. Наједноставната дефиниција за тоа што е образование –е дека тоа е подготовка за живот во иднината. Најголемиот страв, пак, на тие што веруваат во образованието е стравот од дешколаризација на општеството, од крах на образованието и од претераната технологизација на образованието. Училиштето како основен центар на општеството е едно од најпосакуваните сценарија. Училишта без ѕидови, отворени за соработка со локалната заедница, со која ги делат задачите и одговорноста. Особено се нагласува неформалното и информалното учење на колективните задачи и интергенерациската соработка. Висок квалитет на јавна поддршка ќе генерира квалитет и учителите во овој модел ќе бидат почитувани и ќе уживаат голема доверба.

- банер -

Првото и основно прашање на образованието е „што“ – што треба да се учи, што да учи младата генерација. Прашањето за ефикасноста, „како“, се поставува подоцна.

Анализата на наставните содржини може директно да покаже и утврди што мисли општеството за себе, за целите на образованието, односно за поединецот и за заедницата. Основното прашање на кое мора да се одговори во програмата на училиштето е: кои содржини од целото човеково искуство заслужуваат да бидат предмет на наставата и на учењето? Со кои знаења и способности ќе може да располага ученикот кога ќе заврши со своето образование? Всушност, младата генерација и го почнува својот живот со тоа што партиципира во постојните вредности што ги усвојува и ги развива понатаму.

Понатаму, содржини што зборуваат за тоа што е човекот и кон што тежнее, за идентитетот на поединецот и на заедницата. Тоа се подрачја на повеќе сфери што ги познаваме како наука, уметност, филозофија, јазик, морал, обичаи, историја, традиција. Тоа се знаења за развојот на човекот и за разбирање на природата и на себе, за неговите откритија и изуми, за борбата за личен опстанок. Содржини за актуелниот социјален живот (општествено-економски односи) и за материјалното производство. Сите овие содржини се израз на своето време, научниот, културниот и на техничко-технолошкиот развој.

Неопходни се фундаментални промени

Образовните системи мора да ги променат своите правци на однесување со цел да им помогнат на децата, учениците, студентите да здобијат социјални вештини потребни за надминување на отуѓеноста, сомнежот и на недовербата што ги имаме во денешното општество, конечно, заради својот опстанок. Тоа никако не значи дека треба да престанеме да им обезбедуваме на децата неопходно знаење, туку дека лекциите мора да станат дел од комплетна програма, чијашто цел е да им помогнеме  да разберат како да го користат знаењето откако ќе заминат од училницата. Позната е мислата на Ајнштајн „Образованието е тоа што ќе остане во тебе, откако ќе заборавиш сѐ што си научил на училиште“.
Во една тема, како што е историјата, можеме да покажеме дека човечкото его нè поттикнува кон големи достигнувања и развој на возбудливи технологии, но и дека може да биде причина за војни и за трагедии, какви што ни се случиле низ историјата.
Има нешто фундаментално што треба да се промени во денешниот образовен систем. Во моментов, системот ги охрабрува учениците да успеат сами и да се натпреваруваат против другите. Оваа методологија предизвикува учениците не само да сакаат да успеат, туку неизбежно ги тера да сакаат нивните врсници да не успеат. 

Училницата треба да се претвори во мини-општество, каде што секој ученик го чувствува и го разбира својот интерес од придонесот кон успехот на целото општество (т.е. клас). Мудроста на наставникот се наоѓа во можноста часот  и училницата да ги претвори во општество на децата, каде  што континуирано ќе влијае позитивно на секого. Ваквиот пристап кон образованието ќе придонесе наставникот да биде многу позначаен во очите на децата, не преку контрола или доминација, туку поради мудроста и животните вештини што ги обезбедува, со што ќе се оствари вистинското воспитување на децата за реалноста.
Училиштето е родно место на новиот подобар свет на нашето општество. Училиштето треба да се изгради во „место за живот на младите“.

Иновациски пристап на  Франција – мотивација за многу ученици и наставници

Многу е поучен еден пример од Франција, на поранешниот министер Жозе Фонтан, кој во 1973 година ја донел следнава одлука: „Решив во средното образование 10 проценти од времето во целата учебна година да се искористи за иновациска дејност во образованието“. Училиштата биле целосно изненадени и неподготвени за тоа. Како да се искористи тоа време? Па, почнале да работат на програми во кои можеле да се пронајдат и учениците и наставниците и многу институции и луѓе од општеството. На почетокот имало од сè по нешто, многу импровизации и сè и сешто. Но, на видело излегле и многу вредни иницијативи од областа на културата, уметноста, социјалната работа, науката, техниката, екологијата, спортот… и во сето тоа се пронашле и мотивирале многу ученици и наставници.

(Авторот е професор на Факултетот за образовни науки во Штип, a текстот е објавен во 40. издание на „Лице в лице“, јуни, 2020 година)

Напишете коментар