Доза вести

Струга пулсира во ритамот на стихот и животот

Графички дизајн на плакатот: Енкел Дика
Време на читање: 3 минути
- банер -

Графички дизајн на плакатот: Енкел Дика

Повеќе од половина век, секоја година, на крајот на месец август, во Струга се одржува најголемата светска поетска манифестација – Струшките вечери на поезијата. Манифестацијата е основно одбележје на градот како туристички центар и на неа до сега присуствувале повеќе од 5000 поети од стотина земја. 61. издание „Струшките вечери на поезијата“ се одржува под мотото: „Ритам на стихот, ритам на животот!“

-Струшките вечери на поезијата се раѓаат како идеја по одржаното поетско читање на 15 јули 1961 година, од страна на неколку истакнати македонски поети во чест од 100-годишнината од издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци, славните струшки браќа Димитар и Константин Миладинов. Првичната идеја било тоа поетско читање да стане традиционално и да се одржува секоја година. Импресивно е како ентузијазмот на оваа група истакнати македонски поети бил широко прифатен и од тогашните општествено-политички фактори и од општина Струга и како за три години од првичната идеја, Струшките вечери стануваат меѓународен фестивал кој успева да ги донесе во Струга најистакнатите светски поети од втората половина на 20. Век. Во годините на Студената војна, Струшките вечери на поезијата и градот Струга се едно од ретките, а можеби и единствено место на земјината топка во кое истовремено доаѓаат поети и од Западниот и од Источниот блок во тогаш поделениот свет со зони на влијание, така што би можеле да кажеме дека Струшките вечери на поезијата, освен уметничка, имале и геополитичка важност, вели Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата.

И после толку години, за да се одржи жив духот на вечерите на струшката поезија треба многу труд и посветеност. Но, не помалку важна е и љубовта на стружани кон овој фестивал.

-Она што го одржува духот на Струшките вечери на поезијата, освен неприкосновената репутација и импресивното портфолио што го прави еден од најпознатите светски фестивали е посветеноста, вложениот напор и постигнатите резултати од сите претходни раководства на Струшките вечери на поезијата, во чии организациски тела биле членови најпознатите македонски поети од цела Македонија. Но, исто така и професионалноста во извршување на работните обрски од страна на редовно вработените во установата Н.У.М „Струшки вечери на поезијата“. И на крај, но не и  најмалку важно туку напротив. Духот на Струшките вечери на поезијата го одржува желбата, посветеноста  и љубовта кон Фестивалот од страна на самите стружани. Стружани се горди на Фестивалот и со право чувствуаат дека во деновите на одржување на Фестивалот. Тие се навистина во фокусот на внимание, како од домашната, така и од меѓународната јавност, вели Тасевски.

Но, воопшто не е лесно во гратче како Струга да се организира фестивал од светски размери. Организирањето на меѓународен Фестивал од ваков формат, со толкав број на странски и домашни учесници и со Програма што трае повеќе денови и која што вклучува најразновидни и бројни настани е тешко и претставува предизвик секаде, не само во Струга. Но, желбата, посветеноста и љубовта кон Фестивалот се движечка сила да се надминат сите потешкотии, додава директорот на Фестивалот.

Огромна улога во организирањето имаат и надворешните соработници, претежно стружани кои се вклучени и во кретивниот дел како што се развојот на идејниот концепт и мото за секое поединечно издание, сценографското и идејно- графичко решение, промотивното видео, препевите и преводите и сѐ што е врзано со креативниот аспект на Фестивалот. Но, исто така и надворешните соработници, исто така стружани, коишто  се вклучени во организациските и логистичките сегменти без коишто не е можно да се случува Фестивалот. Сите тие се директно заслужни за успешните изданија и претставуваат движечка сила на Фестивалот.

Иако Струшките вечери на поезијата веќе долги години имаат традиционална програма, директорот на фестивалот најави дека годинава ќе има изненадувања за јавноста.

– Она што посакувам е овој ентузијазам и посветеност да се приклучат со уште поголема поддршка и Општина Струга и успешните компании од струшкиот регион за да можеме да организираме уште подобри и поуспешни изданија на Струшките вечери на поезијата.Струшките вечери на поезијата имаат веќе препознатлив профил и Програма што ги задржува главните обележја: традиционалното садење дрво од страна на лауреатот, двете најглавни поетски читања: Меридијани (по церемонијата на свеченото отворање) и Мостови (завршното читање на Мостот на поезијата), Портрет на добитникот на Златниот венец што се одржува во катедралната црква Св. Софија во Охрид, портретите на добитнициге на наградите Мостови на Струга и Браќа Миладиновци, но и повеќе поетски читања, меѓу кои се и Ноќите без интерпункција, читања на кои земаат учество и помлади поети. Но, покрај ова, се трудиме секоја година да внесеме некоја нова содржина што ќе го доближи Фестивалот до публиката и ќе го направи попривлечен, додава Тасевки, потсетувајќи дека од неговото именување за директор на Фестивалот, внесени се повеќе новитети на СВП.

Оваа година беше најавена новина во однос на самата церемонија на свеченото отворање преку една смел авторски, режисерски и сценографски концепт.

Меѓународен поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“ се одржува од 25 до 29 август.

Шефкије Аласани Дика
Фото: СВП

- банер -

Напишете коментар