Студенти и професори од Brainster го создадоа „Умниверзум“ – бесплатен AI тутор по математика

Тим составен од студенти и професори од Brainster Next колеџот, заедно со алумни од Brainster академиите, го претстави “Умниверзум” – иновативна платформа за учење математика базирана на вештачка интелигенција, наменета за сите средношколци во Македонија.
Платформата е создадена со цел да го поттикне интересот на младите кон математиката и да им овозможи пристап до квалитетна едукација во секое време. “Умниверзум е најдобриот тутор по математика во светот. Решава. Вежба. Подучува. 100% AI,” изјавуваат од тимот.
Овој дигитален тутор, достапен 24 часа дневно и целосно бесплатен, нуди низа функционалности: помош при подготовка за тестови, интерактивни задачи за подобрување на математичките вештини, чекор по чекор објаснување на математичките проблеми и асистенција при решавање на домашните и училишните задачи.
Проектот претставува значаен придонес кон дигитализацијата на образованието во Македонија и ја демонстрира посветеноста на Brainster Next и NU академијата кон унапредување на образовните ресурси за младите во земјата.