Сведоштво на жена жртва на семејно насилство: Јас сум Фахрета и никогаш повеќе нема да пријавам насилство!
Кога сте жртва на насилство, не сте вие едниствената жртва, жртви се и тие околу вас. Јас бев жртва на почетокот на психолошко, но, потоа, и на економско и физичко насилство, раскажува жена жртва на семјено насилство, која, покрај со она на насилникот, се соочила со уште едно насилство – на системот!
Јас сум Фахрета и никогаш повеќе нема да пријавам насилство!
Дека животот е круг и сосема непредвидлив, сведочи и мојот пример, кога сосема случајно станав жена жртва на насилство.
Кога сте жртва на насилство, не сте вие единствената жртва, жртви се и тие околу вас
Во животот, мислите дека знаете што да правите, имате желби, цел, убави и лоши случки, но, секако дека никогаш не сте подготвени да доживеете насилство. Колку и да сте силни, внимателни или борбени, многу често во таква ситуација навистина не знаете како да се борите за себе. Барем, јас не знаев! Насилството е една од полошите работи кои можат да ви се случат и да ви го променат животот засекогаш. Јас, дефинитивно, станав личност која не очекував дека некогаш ќе станам. Не можев да се препознаам ни сама себе.
Сѐ уште се чудам како дозволив до тој степен да манипулира некој со мене и како јас, свесно, знаејќи дека тој нема да се промени, сепак му давав шанса секогаш кога ќе инсистираше малку повеќе. Се фатив самата дека се вртам во круг подолго време и со тоа не си штетам само на себе, туку и на сите мои блиски и далечни луѓе, но, највеќе ми беше, секако, за блиските. Кога сте жртва на насилство, не сте вие едниствената жртва, жртви се и тие околу вас. Јас бев жртва на почетокот на психолошко, но, потоа, и на економско и физичко насилство. Би рекла дека не знаете кое боли повеќе од сите овие. Тие што велат физичко, не знаат како изгледа некој да те натера да ја промениш сликата за себе си и да се изгубиш тотално. Тие, пак, што ќе речат психолошко, не знаат како изгледа да работиш, некој да ти ја зема целата плата и гладна да одиш на работа. А пак најтешко од сѐ е да ти се случуваат сите овие облици на насилство во исто време. Е тогаш навистина е борба, како да останеш нормален и како да продолжиш понатака.
Сериозни потреби и нула поддршка!
Кога одлучив дека повеќе нема да го трпам насилството, истото го пријавив во полиција. Од реакцијата на полицијата сум навистина задоволна. Таа беше брза, и мислам дека сторија сѐ што беше во нивна моќ. Веднаш повикаа соодветна социјална служба, која ме презема, и така се сместив во шелтер центар.
Кога го пријавив насилството, бев информирана дека постојат вакви центри на тајна локација и претпоставував дека и таму ќе бидам однесена, затоа што во тој момент немав каде да одам.
Но, кога видов каде стигнав на разочарувањето му немаше крај. Знам каде живееме и не очекував хотелски услови, но во тој шелтер навистина условите не беа соодветни. Јас сум лице кое се соочува со неколку здравствени предизвици, па можам да кажам дека таму немаше никакви услови за моите потреби. Навистина не очекував никаква привилегија, никаков услов, но, основните потреби сепак мора да бида задоволени. Медицинските прегледи ми беа овозможени на крајот на престојот и тоа благодарение на мојата упорност, затоа што навистина имав неминовни потреби. Јас сум жена што има проблем со хипертензија и во шелтерот немав можност ни притисок да си измерам, а неколку пати чувствував дека ми е доста покачен… Во шелтерот не ми беше овозможена ниту психолошка поддршка, една од клучните работи кои ми беа многу потребни тогаш. Во шелтерот одат жени што имаат навистина голем проблем, но, би рекла дека работата за надминување на таа огромна траума, од страна на стручниот тим таму е и огромна нула! Во шелтерот жената е само скриена од насилникот и толку! Ништо повеќе не се работи со жените. Престојот таму не е воопшто краток и навистина би можел многу покорисно да се искористи. Јас конкретно таму престојував точно два месеци, а прв пат на разговор ме повика социјалната работничка на 21-от ден од престојот таму. До тогаш се чувствував осамено, исплашено, збунето, без буквално никаква поддршка, само со кров над глава. При самиот влез ви се одзема и телефонот, и јас тој дел го разбирам, затоа што постои ризик некоја од жените да сподели локација со насилниот, или, пак, да му каже директно каде се наоѓа и со тоа сите останати се изложуваат на навистина висок ризик. Сепак, во шелтрите нема само жени, туку и деца, и зборуваме за еден навистина огромен ризик. Но, без телефон немате можност да разговарате со блиските, барем малку да ви олесни. Останувате сама со себе. Не знаете што е потешко, денот или ноќта, затоа што кога имате проблем – вие деноноќно размислувате за него.
Моите блиски секојдневно ми носеа храна во шелтер центар
Во однос на останатите услови, дури ми е непријатно да се сетам на нив. Јас, заради одредени здравствени предизвици кои ги напоменав, сум алергична на глутен. Имам проблем кога јадам глутенска храна. Таму не ми беше решено ова прашање, и имав можност да јадам само храна што е достапна таму. Па така, членови на моето семејство, требаше речиси секојдневно да испраќаат храна која што смеам да ја конзумирам. Додека бев во шелтер, ја изгубив и работата, па така останав без финансии. Ми беше непријатно што не можам сама да си купам тоа што ми е потребно, па требаше дел од моето семејство да троши свои пари за да можам да ја добијам соодветната храна.
Секојдневно бев сведок како жените помеѓу себе се расправаа за да поделат подеднакво еден патлиџан или краставица.
Затоа, сега ми е навистина „смешно“, кога ќе видам дека релевантните луѓе и институции, повикуваат да се пријави насилство, за кое и јас се согласувам, но, навистина треба малку повеќе да се позанимаваат со условите на шелтрите и квалитетот на услугите кои ги нудат како решенија.
Жал ми е да го кажам ова, но, ако во животот, повторно би била жртва на семејно насилство, истото, никогаш не би го пријавила. Не е лесно да се одлучите да пријавите насилство, колку и да ве уверуваат дека податоците и информациите се од доверлив карактер. Сепак, не ви е сеедно таму некаде да има отворено досие со ваши податоци. Тука е и средината. Живеам во мал град и многу често и во овие институции наидувате на луѓе кои ги познавате лично или преку некои ваши блиски луѓе. Замислете, се охрабрувате, да поминете преку сѐ придружно, и на крај да не добиете соодветна поддршка. Навистина е поразително за системот и дефинитивно ја одвраќа жената од тоа да го пријави насилство.
Јас, поддршката на која сум и благодарна, сепак, ја добив преку невладиниот сектор. Преку организацијата која ме поддржа, низ процесот, добив социјален ментор со кој заедно работевме да ги зајакнеме и доистражиме вештините кои ги поседувам и да најдам соодветно вработување.
За кратко време се вработив и тоа ми овозможи за почеток барем да го вратам долгот кон блиските и кон банката, кој во меѓувреме стануваше сѐ поголем. А потоа, чекор по чекор, напредував на своето работно место и се почувствував како „старата јас“, па кога бев сигурна дека сум спремна го променив тоа работно место. Сега, конечно, се пронајдов себе си и чувствувам дека имам контрола над својот живот.
(Идентитетот на жената жртва, припадничка на албанската националност, е познат на редакцијата на „Лице в лице“, а во ова сведоштво името е измислено. Тестемонијалот е дел од активностите при подготвка на сторијата „Системски (не) одговор кон семејното насилство“ која наскоро ќе биде објавена на веб страницата на „Лице в лице“).