„Текстилијада“ во Штип – за подобри права на работниците и работничките!
Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ – Штип по петти пат го организира настанот „Текстилијада“ што ќе се одржи во Штип во периодот од 7 до 9 октомври, 2021 година.
Под мотото „Известувањето и улогите во борбата за работнички права“, настанот кој е најголемиот од ваков вид во регионот, ќе ги поттикнува младите, работниците и работничките да се вклучат во процесите на одлучување. Преку настаните кои се од социјален и уметнички карактер, „Текстилијада“ ќе се обиде да образложи за потребата од поддршка за подобрување на правата на работниците и работничките.
„Овогодинешната јубилејна „Текстилијада’ има за цел да ја отвори темата за почитувањето на работничките права и стандардот на текстилните работници и работнички. Затоа, оваа година повеќе ќе се осврнеме кон улогата на локалните и национални медиуми, како и странските модни брендови за кои нашите текстилни работници и работнички ги шијат модните парчиња“, велат од „Гласен текстилец“.
Оттаму додаваат дека преку дијалог со носителите на одлуки, институциите, медиумите, брендовите, работниците и работничките, ќе ги приоретизираат проблемите.
„Ова е особено важно за економијата и стандардот на граѓаните односно, благосостојбата на вработените од приватниот сектор бидејќи од нив зависи иднината и економијата на една држава. Нашата улога како носители на законски регулативи, имплементатори, брендови, медиуми и здруженија е важна за унапредувањето на правата и стандардот на огромна група на граѓани“, истакнуваат организаторите.
Целосната програма со учесниците е достапна тука.