Блог

Приказни од домот на баба и дедо, каде времето застанува, а спомените живеат

Кај баба и дедо утрата сè уште се исти: чајот е топол, а појадокот веќе подготвен – питулици со домашно сирење и свежо подквасено млеко, печена тиква или домашно слатко од слива. Старите ѕидови сведочат на повеќе збиранки од која било денешна кафана. Носат мирис на семејство и топлина што не се опишува со зборови. Тие ме потсетуваат на тоа која сум во вистинската смисла и од каде доаѓам. Секое доаѓање тука ме исполнува со носталгија и истовремена среќа што одвнатре ми дава сила да продолжам напред.

Текст и фотографии: Евгенија Петреска

Мирот на земјава собран во само четири ѕида. Неописливиот мирис во собите кај баба и дедо, исполнет со долгодишни спомени од неколку генерации. Секој агол од тие соби за мене е потсетник на едно време кое одамна го нема, а баба и дедо успешно го сочувале од надворешниот свет. Секогаш кога ќе влезам, го има истиот мир кој ме тера да бидам, ништо друго освен дете. Малечката Евгенија, дојдена на поседок кај баба и дедо, се враќа во време кога не мора ништо друго, освен да седи до доцна и да разговара со сестра си во собата на мама и тета. Да играме игри, да се облекуваме, да се шминкаме и да глумиме „големи девојки“.

Звукот на штурците навечер е непроменет. Со истиот милозвучен тон што ме враќа петнаесетина години назад, во собите преполни со тетки и братучеди, сите собрани на гости кај нас. Галама од смеа и долги разговори до рано изутрина. Креветите на мама и тета, како живи сведоци на многу детски соништа, со истата топлина и прибежиште од сè што е надвор.

Кај баба и дедо утрата сè уште се исти: чајот е топол, а појадокот веќе подготвен – питулици со домашно сирење и свежо подквасено млеко, печена тиква или домашно слатко од слива. Старите ѕидови сведочат на повеќе збиранки од која било денешна кафана. Носат мирис на семејство и топлина што не се опишува со зборови. Тие ме потсетуваат на тоа која сум во вистинската смисла и од каде доаѓам. Секое доаѓање тука ме исполнува со носталгија и истовремена среќа што одвнатре ми дава сила да продолжам напред.

Тука засекогаш останувам дете. Тука секогаш можам да се вратам, секогаш кога ќе имам потреба да избегам од сè и да се потсетам како е да живееш. Да живееш мирно, без брзање, едноставно и со многу љубов и топлина – како никаде на светов. Домот на баба и дедо е за мене потсетник на тоа што е навистина важно во овој живот.

Напишете коментар