Блог, Граѓаните можат, Зелена република

Уметноста на ужасот на загадувањето

Време на читање: 3 минути

Како фотограф се обидов да го доловам  ужасот на загадувањето што го предизвикува човекот на старата хидројаловина во Пробиштип. Овде се депонирани  околу 12 милиони тони хидројаловина на стотина метри воздушна линија од многубројни објекти, вклучително и куќите на жителите

Текст и фотографии: Стефан Димитриевски

Отсекогаш имав различни погледи, а фотографијата ми послужи како средство да ги изразам кога почнав да изучувам фотографија. Со искуството многу процеси и форми станаа прилично познати. Технологијата, исто така, одигра улога. Дигиталните фотоапарати, дроновите и алатките како „Гугл ерт“ (Google Earth) многу го олеснија идентификувањето на фотографиите.

Палетата на бои што ја забележуваме на фотографиите толку многу флертува што, всушност, може да ја доведете во прашање нивната автентичност, но како автор потврдувам дека тоа што се гледа на фотографиите е токму тоа што постои во реалноста. Овие фотографии ги надминуваат самите неправилности што ги изложуваат. Во нивната наједноставна форма, без никакви написи и описи, тие се само убави фотографии.

Олово, кадмиум, цинк, жива, железо, бакар, арсен, ураниум и хемикалии како бакар сулфат, натриум цијанид, калиум амил ксантат, калциум оксид и калциум карбонат се само дел од опасните состојки што ги содржи хидројаловината во Пробиштип. Тешките метали, кои се опасни по човековото здравје, се лоцирани во самиот град, на стотина метри воздушна линија од многубројни објекти, вклучително и куќите на жителите.Во Пробиштип е лоцирана една од најжешки еколошки точки во Македонија, која е создадена од децениско работење на рудникот за олово и цинк. Во старата хидројаловина од овој рудник се депонирани 12 милиони тони јаловина. Ова е еквивалент на шест милиони кубни метри преполни со тешки метали (што е површина од 12.000 базени). Жителите на Пробиштип со децении живеат со опасните материи во својата околина, а најлоша е состојбата кога дува ветер и го носи правот од јаловината кон самиот град или кон населените места околу градот.


Напишете коментар