Доза вести

Уште два дена од кикстартер кампањата за собирање средства за краткиот игран филм „Нема духови во туѓина“ на режисерката Ана Јакимска

Уште два дена остануваат од кикстартер кампања за собирање средства за краткиот игран филм „Нема духови во туѓина“ на македонската режисерка Ана Јакимска во Лондон, Велика Британија.

Приказната ја следи фотографката Кира која за првпат во животот доаѓа во родното село на нејзините родители во Македонија со цел да направи проект со локалните жени за којшто се надева ќе и донесе слава во уметничкиот свет во Лондон. Но, ништо не оди по планот и Кира набрзо сфаќа дека нејзините дејства имаат последици.
Иако филмот ќе се снима во Англија, приказната е македонска – најголем креативен предизвик за интернационалната екипа што работи на овој филм е сценографското создавање на Македонија во Лондон. За да може да се направи овој амбициозен филм, на екипата сè уште и фали значаен дел од буџетот. За да ја надоместат разликата, со продуцентскиот тим од Голдсмитс започнаа јавна Кикстартер кампања.
Идејата за филмот ја доби поддршката од публиката на јавен пичинг одржан на Голдсмитс, Универзитетот во Лондон, и доби поддршка од 3.000 фунти и опрема.

„Филмовите од домашната продукција се по правило финансирани од државниот буџет, преку Агенцијата за филм. Тоа значи дека сите граѓани учествуваат во нивното создавање преку плаќањето даноци. За жал, публиката знае за мал процент од оваа продукција, а уште поретко е запознаена со самиот процес на развој и изработка на филмот. Со јавното собирање донации, ние излегуваме пред целата јавност на отворен пичинг. На овој начин, секој може да прочита повеќе за приказната, да ги види биографиите на креативниот тим, да дознае како го замислуваме филмот и да одлучи дали сака да нè поддржи и да го гледа овој филм“, велат од екипата.

Во овој случај, со донација од 140 мкд или повеќе, секој може директно да учествува во создавањето на овој македонски филм во Англија.

Напишете коментар