Заврши уште една пливачка сезона за пливачите од триатлон клубот ,,3 Дисциплини“ – Струга.
-Додека во светот се рушат рекордите во пливање, нашите веќе искусни пливачи, натпреварувачи, напредни и почетници, го научија значењето на секундата и стотинката во пливањето и значењето на резултатот во овој спорт. Некои се стекнаа со новото искуство во нивниот живот, други се усовршија и напреднаа во категорија самостојни пливачи, а најискусните и тие со најмногу трки, цела сезона добиваа медали на сите пливачки триатлон, акватлон и велосипедски трки, информираше тренерот Никола Кутаноски.
Летната пливачката сезона ја започнаа на 7-ми јуни и имаа само неколку пропуштени тренинзи поради лоши временски услови.
Кутаноски изрази надеж дека додека се чека завршувањето на изградбата на струшкиот затворен пливачки базен, пливањето ќе продолжи во хотелски базен благодарение на помагатели и спонзори.
Членовите на ,,3 Дисциплини“ сега се подготвуваат за новите предизвици што им следуваат.
На 27-ми август, (утре) тие ќе учествуваат на пливачки маратон во Љубаништа, а ден потоа на Акватлон во Охрид.
На 3-ти септември струшките триатлонци ќе се натпреваруваат на триатлон во Србија. На 11-ти септември една група ќе учествува на велосипедскиот трофеј куп во Прилеп, а другата група на Балканското првенство во Акватлон во Загреб. На 18-ти септември во Авто камп-Ас струшките триатлонци ќе се натпреваруваат на уште едно триатлон првенство во конкуренција од над двесте натпреварувачи од Македонија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска,Србија, Албанија и Косово.
Ирена Мрческа