Доза вести

Вечерва се доделуваат наградите на „МакеДокс“

На последниот ден од фестивалот „Македокс“, во дворот на Кинотека вечерва од 20:30 часот ќе се прикажуваат документарните филмови „Диши“, „Испеј ми песна“, како и „Фантастичното“ и Нашата временска машина“.

Во исто време, преку Фејсбук страницата на фестивалот ќе може да се проследи доделувањето на наградите.

Секоја година на „Македокс“ се доделуваат награди во пет категории: награда за најдобар филм во главната програма „Кромид“, награда за најдобар филм од млад автор „Млад кромид“, награда за најдобар краток филм „Сечкан кромид“, награда за најдобар студентски филм „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи.

Жирито за наградата „Кромид“ е во состав: Орва Нирабија, уметнички директор на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам (ИДФА), Лари Снајдер, филмски монтажер и дизајнер на звук, и Ненад Пуховски, филмски режисер, продуцент и директор на „Загребдокс“.

Жирито за наградата „Млад кромид“ е во состав: Амир Џорџ, филмаџија, куратор и програмски селектор на филмски фестивал во Колумбија, Самир Љума, филмски снимател и дел од снимателскиот тандем на филмот „Медена земја“, и Беатрис Вангонду, продуцентка, сценаристка и режисерка на документарни филмови од Кенија.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ е во состав: Јармила Утратова од чешкиот Меѓународен документарен филмски фестивал во Јихлава, Тамта Габричиџе, филмска режисерка од Грузија, и Тони Бел од Меѓународната документарна асоцијација.

Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав: Срџан Кеча, филмски автор и доцент на Катедрата за уметност и историја на уметноста во Стенфорд, Мануел Инакер, германско-хрватски режисер кој живее во Берлин и добитник на минатогодишната награда „Кокарче“ на „Македокс“, и Марго Мека од Меѓународниот фестивал на документарен филм во Фиренца.

Жирито за наградата за филм со најдобри етички идеи е во состав: Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии во Скопје, Јуко Касеки, кореографка и директорка на танцовата компанија „Цокасеки“, и Лука Циут, композитор на музика за документарни филмови.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

Напишете коментар