ВО ЧЕКАЛНА: ЛИЧНИ ИСКУСТВА: Дали здравјето преминува од право во привилегија?
Мини истражувањето на „Лице в лице“, кое опфати 60 жени на различна возраст, покажува дека долготрајните чекања за здравствени услуги претставуваат сериозен предизвик за нив. Прегледите за гинеколошки услуги, мамографии и хормонални испитувања често бараат месеци чекање.Системот „Мој термин“ дополнително ја отежнува ситуацијата, особено кога се работи за итни случаи каде секој месец е клучен за рано откривање и третман на сериозни заболувања.
Долготрајните чекања за здравствени услуги се еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жените во Македонија. Според анализата која ја направи Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, гинеколошките прегледи, мамографиите и испитувањата на хормоналниот статус се меѓу услугите за кои пациентите чекаат со месеци. Ова создава чувство на фрустрација и несигурност кај жените, кои честопати се принудени да бараат услуги во приватниот сектор, со значителни финансиски последици.
„Гинеколошки прегледи, прегледи на дојка и хормонален статус. За сите нема термин повеќе од 7 месеци“, вели една од испитаничките.
Оваа изјава ја отсликува обесхрабрувачката реалност за многу жени кои се обидуваат да добијат навремена здравствена грижа.
Дополнителен предизвик е системот „Мој термин“, кој е наменет да ги олесни закажувањата. Многу од испитаничките нагласуваат дека овој систем е несоодветен, особено кога се работи за акутни здравствени проблеми.
„Мој термин“ не е ефикасен кога здравјето бара итна интервенција,” предупредува една од учесничките во истражувањето.
Последиците од долгото чекање се далекусежни. Раното откривање на болести како рак на дојка или репродуктивни проблеми е од клучно значење за успешен третман. Жените кои немаат пристап до редовни прегледи ризикуваат нивните здравствени состојби да станат посериозни, што дополнително го зголемува товарот врз здравствениот систем.
„Имам наод после ехо на дојки кој не е толку сериозен, ама сепак е потребно следење. Колку и да е минорен наодот, несериозниот пристап од специјалистите предизвикува страв, паника и неизвесност кај мене.“
„Чекањето за термин за ехо трае со месеци. Ако е нешто итно, како што е рак, секој месец е важен.”
Ова се само дел од изјавите на испитаничките кои ги детектираат предизвиците во здравственот систем, кога е во прашање женското здравје.
Анализата укажува и дека повозрасните испитанички (жени над 50 години) искусуваат несериозен и дискриминирачки пристап од страна на медицинскиот персонал што ја поткопува нивната доверба и им создава и чувство на страв и несигурност.
Психолошката поддршка е потребна, но не е овозможена
Според анализата, над 90% од испитаничките се свесни за важноста на менталното здравје, но, многу од нив немаат пристап до соодветна психолошка поддршка. Жените кои се соочуваат со хронични или онколошки заболувањаистакнуваат дека психолошката поддршка е неопходен дел од нивната нега, но, не успеваат да си ја овозможат.
Прегледите на приватно не се под 300 евра
Друг посочен предизвик се високите цени за приватни здравствени услуги.
„Прегледите на приватно не се под 300 евра. Тоа е недостапно за многу семејства,” вели една од испитаничките.
Ова дополнително ја истакнува потребата за зголемување на достапноста на бесплатни услуги и подобрување на јавниот здравствен систем.