Жените како лидерки: Од внатрешна промена до надворешно влијание
Вистинското влијание не се мери со гласност или доминација, туку извира од внатрешната јасност, самопочит и свесност за сопствената вредност. Јасност, а не борба. Самопочит, наместо надмоќ.
Токму ова е во с`ржта на Лидерската програма за жени со влијание (WILP). Станува збор за програма преку која се создава простор каде жените се охрабруваат да размислуваат, чувствуваат и делуваат поинаку. Оваа есен почнува нова програма, која ќе обезбеди на нова генерација жени од различни сфери на општеството да ги развиваат своите лидерски вештини, да ја обновуваат самодовербата и да учат да водат со интегритет, емпатија и јасна свест за сопствените вредности.
Објавуваме кус разговор со дел од обучувачките на оваа програма, Ирена Јакимова и Викторија Јордановска, кои неуморно работат на градење капацитети на жените да станат лидерки што создаваат влијание.
Викторија, која е НЛП тренер и коуч за развој на човечкиот потенцијал, објаснува зошто жените најчесто се спречени да го препознаат својот лидерски потенцијал.
Израснати сме во патријахално општество и уште од мали сме условени или „програмирани“ да не покажуваме премногу, да не отскокнуваме, дека „тоа не е за жени“, дека „девојчињата не треба така…“. Нè учеле да бидеме скромни. Со други зборови – да бидеме просечни и да се вклопиме во правилата и нормите што некогаш некој ги одредил за нас. Тоа несвесно кондиционирање потоа се одразува на секој аспект од животот. Се сомневаме во себеси и во својите способности, немаме самодоверба или доволно храброст да отскокнеме и да го препознаеме и покажеме својот потенцијал. Едноставно не чувствуваме внатрешно дека можеме и дека сме доволно добри.
Таа додава дека стереотипите за лидерство, како идеализирањето на „машките“ карактеристики како агресивност и доминација – исто така влијаат жените да се видат себеси како лидери:
Истражување на „Харвард бизнис ривју“ од 2022 покажува дека жените се проценуваат себеси 20-30% пониско во лидерски вештини од мажите, токму поради културните норми кои ги поврзуваат лидерството со мажественост. Во земји како Македонија, патријархалните традиции дополнително го засилуваат ова, каде жените често се очекува да приоритетизираат семејството пред кариерата. Истражување на „Галуп“ од минатата година пак, покажува дека во Источна Европа, 30% од жените не веруваат во својата лидерска подготовка поради недостаток на обука. Затоа, токму на тоа се фокусира програмата WILP – зголемување на вербата и можноста кај жените за водство преку искуствено учење на голем број врвни техники и методологии кои сме ги научиле ние како обучувачки, кои веќе со години ги пренесуваме и кои нам ни помогнале.
Ирена пак, која е обучувачка, коуч и тренер за лидерство, специјализирана за работа со жени вели дека програмата не е класична обука, туку процес што менува однатре.
Често велиме „сѐ е во главата“, нели? Но, во најголем процент не знаеме што точно тоа значи. И што треба да се прави. Со програмата WILP, со учењето нови пристапи, нови вештини, со поддршката и енергијата на групата, учесничките ја менуваат перспективата, го менуваат начинот на размислување, на носење заклучоци, одлуки… Го менуваат верувањето за себе, за другите, за околината, за животот…
Викторија посочува дека автентичноста е суштината на секоја промена.
Жените често се чувствуваат како да мораат да изберат – семејство или кариера, успех или мир. Но, вистинското лидерство почнува кога ќе сфатиме дека можеме да ги имаме и двете. Кога ќе престанеме да играме според туѓи правила и ќе почнеме да создадеме свои. Мирот е внатрешна состојба. Сите ние имаме капацитет да креираме внатрешен мир, и да го оддржиме без разлика на она што доаѓа од надвор. Регулирање на внатрешната состојба е вештина која секој може да ја научи, и е една од основите на лидерството. Затоа тоа е една од основните вештини на кои се фокусира програмата – лидерство од внатре нанадвор – споделува Јордановска.

Ирена додава дека најчестите трансформации за кои посведочила како обучувачка се токму во личниот став и чувството на сопствена вредност.
-Жените поубаво се чувствуваат, охрабрени се да преземат најразлични чекори, водат со поголема самоувереност, зборуваат посигурно, расте самопочитта, расте креативноста, се намалува срамот и чувството на вина… Главно, гледам едно балансирано задоволство од себе.
Викторија ја гледа програмата како простор каде што жените учат да ја поврзат својата сила со смислата.
– Лидерството не е титула или позиција. Тоа е избор да создаваш влијание, но на начин кој не те исцрпува, туку те исполнува. На оваа обука, жените учат да поставуваат здрави граници, да ги препознаат своите вредности и да водат со свесност. Лидерството не мора да биде борба. Може да биде мирен чекор, ако потекнува од внатрешна јасност.
И двете обучувачки се согласуваат дека токму затоа WILP е различна: таа не создава „совршени лидерки“, туку жени што водат од внатре нанадвор.
Фотографии: WILP.