„Нема да нè снема“: Осмомартовски марш во Скопје против фемицид, нееднаквост и насилство
По повод Меѓународниот ден на жената, ќе се одржи Осмомартовски марш, кој го носи слоганот „Нема да нè снема“, алудирајќи на актуелните системски агресии кои продолжуваат да го загрозуваат постоењето на жените.
Маршот го организираат граѓанските организации Мрежа „Стела“, Рурална коалиција, Тииит! Инц. и Реактор – Истражување во акција, кои повикуваат на здружена и солидарна акција за правата на жените и родовата еднаквост.
– Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина. Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне. Овој систем на нееднаквост и надмоќ преживува на грбот на женската слобода и труд – велат од организацијата на маршот.
Нагласуваат дека 8-ми Март не треба да се сведува на симболични гестови и формални честитки, туку да биде ден за потсетување на борбата за достоинствен и слободен живот на жените. Според нив, и покрај постигнатите придобивки, жените и понатаму се соочуваат со системски нееднаквости, несигурна работа, недоволна заштита и насилство.
Во повикот за маршот се посочува и дека голем дел од женскиот труд останува невидлив, потценет или помалку платен, а многу жени кои работат хонорарно немаат здравствено, социјално или пензиско осигурување. Дополнително, податоците покажуваат дека учеството на жените на пазарот на труд е значително пониско.
– На секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Жената никаде не е безбедна. Жената постои на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под континуиран ризик да биде избришана, заборавена, убиена – и фактички и фигуративно.
Организаторите предупредуваат и дека економските нееднаквости и еколошките кризи, дополнително ги погодуваат жените и нивната безбедност.
– Маршираме за да кажеме и покажеме дека се сеќаваме, бележиме, продолжуваме да постоиме и заедно да се бориме. Маршираме по улиците на нашите градови, за да порачаме: нема да нѐ снема. Маршираме во чест на сите паднати борки и храбри жени кои си го посветиле животот на оваа борба. Маршираме во чест на сите жени кои изминатава година не доживеаја правда. Маршираме за сите жени кои секојдневно се борат за опстанок. Маршираме зашто оваа борба е наша традиција. Маршираме за свет кој е праведен, солидарен, а иднината можна.
Со маршот ќе им се оддаде почит и на жените кои низ историјата се бореле за права и слободи, како и на жртвите на родово базирано насилство. Учесниците ќе испратат порака против фемицид, екоцид и геноцид, и повик за општество во кое еднаквоста и достоинството се основни вредности.
Маршот ќе започне во 12 часот во „Жена парк“ во Скопје, а организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и да дадат поддршка на борбата за родова правда.