„Зентрифуга“ од Иван Шопов е книга за месец февруари во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“
Збирката на Шопов „Зентрифуга“, издание на „Бегемот“, е книга за месец февруари во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ како дел кампањата „Читаме современи македонски автори“.
Расказите се навидум едноставни, напишани со лесен, разбирлив стил. Но, всушност, тие во себе содржат подлабока тематика бидејќи, преку неочекуваните духовити пресврти, ги откриваат и ги разнишуваат цврсто изградените, конзистентни етички гледишта на зен приказните, често со шокантен резултат – подвлекува Калина Малеска.
Разговорот со авторот е закажан за утре, 5 февруари, во 19 часот, информираат од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, и ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
Книгата на месецот, разговорот со авторот и Клубот на читатели се препознатливите активности на големата кампања „Читаме современи македонски автори“. За кампањата во 2024 година ГБСК ја доби наградата Промотор на читачката култура што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Настанот е дел од програмата Скопје европска престолнина на културата 2028.