Живеј поодржливо со новата платформа за зелени и општествено одговорни бизниси „Yes for Less“
„Дали често се наоѓаш во ситуација да сакаш да замениш некој производ/услуга со еколошка алтернатива? Имаш некое уникатно искуство во природа, но не знаеш каде да бараш или мислиш дека тоа не постои во Македонија? Замисли на една веб-страница, јасно и убаво да ти бидат прикажани сите зелени и општествено одговорни бизниси во Македонија, кои го нудат тоа што го бараш. Таму ќе може да најдеш и информации и практични совети од други луѓе кои веќе го прават тоа, за да се инспирираш и дознаеш како и ти да започнеш да живееш на еден поодржлив начин. Не мора веќе да замислуваш, бидејќи платформата која ќе ги популаризира екосвесните бизниси и ќе ги доближи до тебе станува реалност.“
Ова е идејата со која тимот нa „Yes for Less“ во 2021 година аплицираше на натпреварот за социјално претприемништво „RISE Journey“, организиран од здружението за социјални иновации „АРНО“. Оттаму, тие излегоа како победници кои добија грант и менторска поддршка за да ја доразвијат идејата. На почетокот на јули, оваа идеја конечно доби свое место во дигиталниот свет, подалеку од социјалните мрежи, и платформата „Yes for Less“ официјално е пуштена во етер!
Моментално, на неа може да ги најдете првите одбрани бизниси од целата територија на нашата држава, кои нудат најразлични еколошки производи, услуги и искуства, од оние потреби во секојдневниот живот, па сѐ до такви кои ќе ви се најдат и во најпосебните прилики. Освен ова, идејата е на веб-страницата да се соберат сите места за селектирање и рециклирање на секаков вид отпад – пластика, хартија, стакло, облека, електроника, па дури и отпадни масла за готвење.
Целта на платформата е да се промовира одржливото живеење и одговорниот консумеризам, сѐ со цел да се зголеми еколошката свест во нашата држава. Тимот на „Yes for Less“ верува во малите промени на индивидуалните навики, кои од нивното досегашно искуство на социјалните мрежи, многу често имаат домино-ефект и доведуваат до меѓусебна инспирација и мотивација и на поголеми маси.
Во достигнување на оваа цел, Катерина Илијовска и Сара Коцевска од „Yes for Less“ не се сами, туку тие позади себе ја имаат својата екозаедница која постојано ја градат од самото отворање на нивниот инстаграм-профил во јануари 2021 година.
Доколку сѐ уште не ги следите, препорачуваме да ги заследите на нивниот инстаграм-профил: https://www.instagram.com/yesforless.mk/ или пак на Фејсбук – https://www.facebook.com/YesforlessMK/.
Можеби се прашувате дали и вие можете да се приклучите во целата приказна?
Доколку сте индивидуа и правите нешто што влијае позитивно на животната средина, или пак сакате да пишувате на теми поврзани со одржливо живеење;
Доколку сте бизнис кој нуди еколошки производи и/или сервиси, кој сака да е транспарентен пред купувачите за придонесот кој го има кон одржливиот развој;
Доколку сте организација и имате идеја за соработка или заеднички проект, или пак организирате настан или размена со еколошка тематика;
Тогаш, контактирајте го тимот на „Yes for Less“ на нивните социјални медиуми или пак на нивната емаил адреса [email protected]
Посетете ја yesforless.mk и станете дел од зелената промена во Македонија.