Зошто ни е потребен речник на медиумската писменост?

Илустрацијата е изработена во „Канва“, користејќи вештачка интелигенција и насоки дадени од Натали Китаноска.
Во време кога медиумите и интернетот станаа неразделен дел од секојдневието, поимот медиумска писменост добива сè поголема важност. Со новите медиумски правила и стандарди што ги донесе глобализацијата во новиот милениум, граѓаните се соочуваат со предизвици како што се погрешни информации, манипулации и тешкотии во критичкото анализирање на содржините.
Токму затоа, речникот на медиумската писменост претставува важен чекор за адресирање на овие предизвици. Како прв ваков труд во Македонија, тој систематизира и објаснува термини од оваа област, достапни и на македонски и на албански јазик, со цел да им помогне на граѓаните полесно да се снајдат во медиумскиот простор.
Со интердисциплинарен пристап, речникот ги обединува најважните поими од медиумите, јазикот, филозофијата, правото и други дисциплини, правејќи го не само практичен водич, туку и едукативна алатка за сите што сакаат да ја разберат и применат медиумската писменост во современиот свет.
Во продолжение, ќе претставиме неколку избрани поими од речникот со цел подобро да ја разбереме важноста на медиумската писменост и нејзината примена во секојдневниот живот.
Масовна комуникација
Процес на создавање, испраќање, примање и анализирање пораки за голема публика. Се прави преку различни вербални и пишани медиуми, кои пренесуваат информации во јавноста и од новинарството и од рекламирањето. Развојот на технологијата ја трансформира масовната комуникација во процес на пренесување идеи, информации, мислења, норми и ставови на широка, хетерогена и анонимна публика. Поради масовноста, овие пораки влијаат на мислењето и на однесувањето на масите.
Епидемија на информации
Експанзија, брзо ширење информации или дезинформации во дигиталната јавна сфера. Се одликува со тоа што често предизвикува конфузија и ризично однесување. Инфодемијата предизвикува информациски шок, замаглување на рационалното мислење и правилно донесување одлуки. Дигитализацијата и социјалните медиуми ја интензивираат појавата на информации и олеснуваат манипулација со лажни вести.
Дефокусирање
1. Техника што се користи во комуникациите, пропагандата, политичките комуникации со цел да се пренесе вниманието од темата што е актуелна во моментот, на други прашања поврзани со темата или, пак, на сосема други прашања. Често се користат и дезинформации со цел да се пренесе вниманието на јавноста (дефокусирање) од темите што се негативни за клучните актери (политичари, бизнисмени, јавни личности итн.).
2. Техника на снимање со која намерно се избледува сликата за постигнување психолошки ефект.
Известување за различностите
Професионално известување и третирање на различностите во општеството според препораки и стандарди за известување за: етничките и религиозните разлики, родовите прашања, сексуалните малцинства, лицата со посебни потреби, постарите лица, бегалците и раселените лица и различните раси. Медиумите имаат обврска да ги промовираат различностите, а за тоа треба да го воведуваат и одржуваат концептот на различностите во редакциите. Новинарите треба да одржуваат контакти со припадниците на различни заедници.
Уредувачка независност
Целосна слобода на уредниците и на новинарите да донесуваат одлуки дали ќе објават нешто или не, дали ќе коригираат или ќе повлечат некој новинарски производ, независно од сопствениците на медиумот и од нивните спонзори, институции или нивни претставници. Во тоа се водат од уредувачката политика, која се базира на јавниот интерес и за информирање на јавноста. За темите што ја засегаат уредувачката политика, пожелно е медиумите да имаат свој правилник во кој подетално ќе се обработат овие прашања, а новинарите секогаш ќе може да пронајдат одговор на својата професионална дилема.
Медиумска критика
Дел од новинарството што се занимава со маркирање и со оцена на аспектите од информациското производство од аспект на социјалното значење, актуелноста, како и од професионално-етичка гледна точка.
Солидарно новинарство
Залагање на медиумите за човечко достоинство и против страдањето, а се практикува низ расудувањето на вредностите на вестите, изнаоѓањето на изворите и опишување на преживеаните искуства на луѓето во неправедни услови. Се спротивставува на неутралното или урамнотежено известување бидејќи се смета дека не треба да бледнее нарацијата на страдањето со барање мислења од извори што не го искусиле.
Кампања од јавен интерес
Облик на комуникација со цел преку низа планирани активности да се наведе јавноста на мобилизација за постигнување посакувани социјални, економски, еколошки и политички промени. Настојување да се информира, едуцира и да се подигне свеста на јавноста за одредено прашање и како резултат на тоа да се постигнат промени во однесувањето на поединците, групите, организациите и општеството. Јавни комуникациски кампањи, на пример, се тие за подигање на свеста за опасностите од пушењето, алкохолизмот или наркоманијата, значењето на безбедното возење, заштитата на децата и на возрасните лица, заштитата на лицата со посебни потреби, подобрувањето на односот кон маргиналните групи, странците или мигрантите, кампањите за јавно здравје, подобро образование, здрава храна, развој на спортот, еколошка свест и слични кампањи.
Анонимни извори
Личност или институција што дава информации за вест или истражување, без да се открие идентитет. Анонимноста на изворите на информации се практикува кога објавувањето на тие информации влијае врз безбедноста на изворот или на трета страна. Заштитата на изворите е уставно и законски гарантирана.
Приказна
Содржина (фотографија или видео) на социјалните медиуми, која трае 24 часа од времето на објавување. Пристапот до неа зависи од поставките за приватност на корисникот (јавна или приватна). Корисниците можат индивидуално да отстранат други корисници од пристап кон нивната приказна или да создадат посебни групи (блиски пријатели) за посебни приказни.
Интелектуална сопственост
Право на сопственост над оригинални и иновативни идеи или продукти. Можат да бидат интелектуални творби од наука, техника, технологија, уметност, дизајн и книжевност. Почитувањето на авторството се уредува со законски механизми за заштита на интелектуалните права, во форма на патенти, трговски марки, трговски тајни или авторски права.
Соопштение
Алатка во односите со јавноста, која служи за најава и / или известување. Соопштението, најчесто во печатена или електронска форма, е упатено до различни целни групи и / или медиуми.
Метатекст
Текст, чијашто цел е да го анализира самиот текст или други текстови, нивната природа, функција или структура.
Емпатија, сочувство
Чувство на поистоветување со искуството, со состојбата или со емоциите на друга личност.
Нарација
Приказна; исказ што поврзува настани и личности поврзани меѓу себе; одреден начин на сфаќање или објаснување настани. Според литературната теорија на рускиот формализам, нарацијата се дели на фабула и на сиже. Нарациите може да бидат базирани на факти, како во документарните филмови, или да бидат измислени, како во романите или филмовите и сериите. Нарациите вообичаено содржат четири елементи: дејство (тоа за што се раскажува), ликови (учесниците во дејството), опкружување (место и време) и наратор (тој што раскажува, раскажувач). Во науката за комуникацијата, нарацијата зазема посебно место. Од особен интерес е како е склопена нарацијата, која е нејзината функција и полза за тие што ја читаат или слушаат.
Објективност
Еден од основните принципи на новинарскиот занает, кој подразбира не толку научна точност, колку прикажување на фактите со апстрахирање на емоциите и на личниот став или мислење. Стјуарт Хол смета дека објективноста, како и непартијноста, е фикција.
Спин / извртување
Претставување вести или идеи според одреден начин на гледање (вообичаено политички). Станува збор за тактика на управување вести – вообичаено од страна на владини институции или важни позиции во општеството, кои сакаат да ги обликуваат вестите во нивна корист или да ги контролираат настаните за да добијат позитивен публицитет. Вообичаено се користи тактика на пренагласување на добрите работи, занемарување на лошите, а кога треба да се пласираат лошите вести, тоа се прави во време кога има многу други популарни настани во медиумите со цел да не се забележат лошите вести. Ризикот од користење на оваа тактика е што компаниите и организациите што се служат со извртување може да бидат јавно изложени, да бидат гледани со цинизам и да опадне довербата во тие што ги управуваат вестите.
Тренд
Тенденција што генерира или привлекува голем интерес или внимание, особено на интернет и на социјалните медиуми.
Целосниот речник на медиумска писменост е достапен на овој линк.
Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.
