Доза вести, Зелена република, Одговорна иднина, Одговорно претприемништво

Одржлив дизајн со 3D: Македонски бренд прави уникатни декорации од биоразградливи материјали

Украси oд биогразградливи материјали изработени со 3D технологија

По „Црниот петок“, кога полиците по продавниците остануваа празни, а кантите полни со пластика, ми одѕвонува прашањето: дали купуваме свесно или купуваме по инерција? Брзата потрошувачка ја задушува природата. А има толку опции кои се со биоразградливи материјали.
Затоа, сè повеќе вреди да се слават малите бизниси кои работат поинаку — паметно, одржливо и со љубов.
Еден од тие светли примери е „Simple Design“, македонски бренд кој создава уникатни украсни предмети за домот користејќи 3D технологија и биоразградливи материјали. Тие покажуваат дека иновацијата може да биде нежна кон планетата, а дизајнот да е беспрекорно убав.

Оваа содржина ја споделуваме со идеја да го инспирираме, промовираме и да го шириме кругот на одржливи идеи, добри навики и убави нешта создадени со љубов.

Кога ми пристапија, ми кажаа дека соработуваат со „Yes for Less“. Веднаш сфатив дека се работи за добра приказна. Така и започна нашиот разговор со Габриела Спасевска која заедно со нејзиниот сопруг Предраг, стои зад Simple Design.

Во продолжение, разговараме со Габриела, за тоа зошто за неа и Предграг, одржливоста не е тренд, туку начин на работа, создавање и живеење.

Симпл дизајн Украси oд биогразградливи материјали изработени со 3D технологија
Габриела и Предраг од „Simple Design“

Како се роди идејата за бизнис со биоразградливи материјали со 3D технологија?

– Идејата произлезе од фасцинацијата со 3D технологијата и можностите што таа ги нуди. Сакавме да докажеме дека технологијата и природата не мора да бидат непријатели. Забележавме дека на пазарот за декорации доминира евтина, масовно произведена пластика или тешки материјали чие производство загадува. Сакавме да создадеме нешто што е естетски префинето – со едноставни „simple“ линии – но изработено на паметен начин.

Зошто е важно малите бизниси да размислуваат одржливо?

– Малите бизниси имаат можност да внесат вистинска промена, бидејќи се блиску до своите купувачи и можат брзо да донесат подобри, етички одлуки. Кога мал бизнис работи одржливо, тоа значи дека секој производ е направен свесно: од изборот на материјали, до пакувањето и процесот на производство. Освен тоа, малите тимови најчесто се движени од лични вредности, па многу полесно е одржливоста да стане дел од нивната мисија, а не само маркетинг.

Што би им порачале на луѓето кои сè уште не купуваат одржливо?

– Не мора одеднаш сè да се промени. Доволно е да се почне со мал чекор — еден одржлив избор вреди повеќе од сто празни изговори. Купувајте производи што ќе ги користите долго и што навистина ви носат вредност. Одржливото купување не значи „помалку квалитетно“ или „здодевно“. Напротив, со купување на нашите производи, вие поддржувате иновација. Чувството да имате вазна направена од пченкарен скроб (био-пластика), која изгледа футуристички, е многу подобро од тоа да купите уште еден пластичен предмет кој ќе се разградува 500 години. Малите промени во домот прават голема разлика за животната средина.

Објаснете ги вашите производи.

– Нашите производи се внимателно дизајнирани и изработени од биоразградливи материјали. Користиме примарно PLA (Polylactic Acid). Тоа е био-пластика добиена од обновливи извори како пченка или шеќерна трска. Таа е цврста, но индустриски разградлива и нетоксична. Секој производ е осмислен да биде практичен, естетски и долготраен. Работиме во мали серии и често имаме уникатни парчиња, што ни овозможува постојана контрола на квалитет и минимизирање отпад. Пакувањето е исто така одржливо и едноставно.

Кој размислува според вас поодржливо? Младите или повозрасните?

– Во нашиот случај, младите се дефинитивно поотворени кон технологијата и концептот на био-пластика. Тие веднаш разбираат што значи „3D печатено“ и зошто PLA е подобар избор од обичната пластика. Тие ја бараат таа уникатна естетика за своите домови.

Сепак, пријатно сме изненадени и од возрасните. Иако на почетокот се скептични околу тоа како еден предмет „се печати“, кога ќе им објасниме дека е од природно потекло и кога ќе ја видат лесната и цврста структура, многу брзо ја прифаќаат идејата. 

Фотографиите се од архивата на Габриела и Предраг.

Напишете коментар