ПОЗНАТ КАКО ОМИЛЕН И ИНСПИРАТИВЕН ПРОФЕСОР, СИДО БУДЕШЕ ФИЛОЗОФСКА И ПРОГРЕСИВНА МИСЛА КАЈ МНОГУБРОЈНИ ГЕНЕРАЦИИ УЧЕНИЦИ
Стефан Сидовски – Сидо, омилениот професор по филозофија од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, и мајстор на аматерскиот филм, почина годинава, во јули, на 72-годишна возраст. Беше култен градски лик, без кој не можеше да се замисли ниту една филмска и театарска премиера, најредовен посетител на Кинотеката, целосно посветен на филмот и како автор и како едукатор. Освен во „Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја и по теорија на филм во ЕСРА.Уште од гимназиски денови се занимавал со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 година е член на „Академски киноклуб“. Го носи звањето мајстор на аматерскиот филм, највисоката титула што ја доделува Киносојузот на Македонија. Со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.
Сидо беше режисер и актер во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Познат како омилен и инспиративен професор, будеше филозофска и прогресивна мисла кај многубројни генерации ученици. Тој е автор на филмовите: „Контејнер“, „Полуден револуционер“, „Raison d’etre“, „Средба“, „Големиот оратор“, „C’est la Vie“ и „Последно кафе“.
Во продолжение споделуваме осврт на луѓе, негови ученици, соработници, во чијшто живот, со своето дејствување, оставил длабоки траги.
„Тоа што не можам да го кажам јавно – го кажувам преку филмот“
За мене, како и за многумина, Сидо беше омилениот професор од „Корчагин“. Човек што изврши големо влијание врз колективната свест на триесет и пет генерации ученици, кои поминаа низ клупите од оваа позната гимназија. На среќа и заемно задоволство, судбината ни ги вкрсти животните патишта, па Сидо стана мој драг соработник. Кога првпат се појави во просториите на „Партес продукција“ со снимениот материјал за аматерски филм, кој се договоривме да го измонтирам, со себе ја донесе книгата на снимање, во која педантно, во детали, беше разработена идејата, а материјалот, иако сниман во SD DV техника, содржеше само искористливи кадри од кои брзо и лесно можеше да се склопи целината. Тоа беше мојот прв контакт со мајсторот на аматерскиот филм, човекот што дотогаш го перципирав како импресивниот професор од „Корчагин“. За разлика од режисерите што талкаа по снимениот материјал за да ја пронајдат и интегрираат идејата, Сидо знаеше што сака. На мојата пофалба дека нема непотребен материјал и дека треба да служи за пример, ми одговори: Јас почнав да работам со филмска лента, па навиката остана… Оттогаш почна нашата соработка, која траеше сѐ до неговата смрт. Одлично се разбиравме, се договаравме брзо и прецизно. Сидо ги разработуваше идеите, заедно ги вршевме снимањата, а потоа самостојно, врз основа на книгата на снимање ги монтирав филмовите. Сидо најчесто немаше забелешки. Имаше обичај да каже дека е како режисерот Џон Форд, врз основа на чијашто книга на снимање монтажерите можеле да работат самостојно, а по завршената работа ќе ми подадеше рака, ќе кажеше честитам, завршивме уште една работа и задоволен од брзината и од експедитивноста на реализацијата на идеите ќе ми кажеше Ратомир, не си ти за тука, треба да работиш за странство… Филмот ќе беше финализиран, а книгата за снимање напишана на рака ќе ја сочувував за да можам да им покажам на студентите по режија на кои им предавав што значи темелен пристап кон филмското дело. Потоа следуваше дискусија, слична на таа од корчагинските клупи, за сѐ и сешто, која продолжуваше без крај. Се сеќавам дека еднаш го потсетив на една негова постапка, која не можам да ја заборавам цел живот. На крајот на годината требаше да правиме тест по марксизам, од кој зависеше крајната оценка по овој предмет. Сидо застана пред таблата, ги запиша прашањата, чиишто одговори се наоѓаа во учебниците што ги имавме и ни кажа: Дискутиравме често за слободата, дали таа треба да му се даде во целост на човекот и дали тој ја заслужува целосната слобода. Ова се прашањата, јас ќе ја напуштам училницата и ви давам слобода да го решите тестот. Решете сами… Сидо ја напушти училницата, а ние останавме „слободни“ и збунети. Тие четириесет и пет минути за мене не беа само тест по марксизам. Тие беа тест на личноста, самосвеста, самодисциплината и посветеноста. Поголемиот дел од моите соученици не ја злоупотребија слободата што им беше дадена. Еден фрлен поглед кон нив за мене беше доволен да здобијам мислење за нивниот карактер што до денешен ден не го менувам. Кога го потсетив на ова, тој само се насмевна и ми кажа Се трудев да ве натерам да размислувате со сопствената глава.
Соработката со Сидо на продукција на неговите непрофесионални филмови, кои се направени без никаков буџет ниту заработка, од чист ентузијазам, со техника што ја имавме на располагање, не беше само снимање и монтажа на филм. Таа беше продолжување на одамна почнатите дискусии и континуирана животна надградба, која професорот ја пренесе и врз моите наследници од кои еден заврши како еден од најдобрите во својата генерација во гимназијата „Корчагин“. Со Сидо можевте да дискутирате на која било тема. Знаеше да сослуша и да се надоврзе на дискусијата и скромно, ненаметливо но темелно да ги пласира фактите. Секој негов збор имаше тежина и не беше напразно изговорен. Филмовите што ги работевме со Сидо беа неговиот начин на израз на сопствениот став во однос на конкретни прашања. Тоа што не можам да го кажам јавно го кажувам преку филмот – имаше обичај да каже, а „аматеризмот“ го сфаќаше како посветеност и работа од љубов. Темите во филмовите еволуираа, од општествено ангажирани до универзални и филозофски. При подготовките за снимањето на последниот филм разговаравме за вештачката интелегенција, можностите за машинско учење и за роботиката. Неговиот интерес беше насочен кон иднината на човештвото. Последниот наш филм „Последното кафе“ го снимивме на 15 март годинава, со постар фотоапарат, кој имаше можност за снимање HD видео со 20 фрема во секунда, мал статив и користење амбиентална светлина без никакви интервенции. Сидо глумеше, јас го снимав додека околу нас се одвиваа вообичаените активности на вработените во кафулето. Кога ја виде првата измонтирана верзија, ми кажа: Восхитен сум, треба да го дадеме филмот на фестивалот „Браќа Манаки“. Кога се сретнавме за последен пат, на поминување од возилото му го предадов филмот на професорот, а тој кратко ми кажа дека има во план посериозен проект за кој би требало да разговараме. Додека заминував низ ретровизорот го погледнав за последен пат. Со дивидијата в раце ми заличи на дете што зрачи од среќа и се радува на посакуваната играчка. Тогаш помислив: колкава животна енергија, колкава радост… Следната негова слика што ја видов беше фрем од филмот „Последното кафе“ и написот „Почина култниот професор по филозофија Стефан Сидовски“.
Ратомир Цениќ, дипломиран електроинженер и магистер по филмска и ТВ-режија, поранешен ученик и соработник на Сидо
За Сидо со „с“ со сѐ
Чувам огромна кутија со писма напишани од драги луѓе во 90-тите години. Често копам по неа за да се навратам на едно време кога мислев дека со луѓето, чиишто писма се спакувани таму – ќе можам во секој момент да контактирам и да го продолжиме разговорот таму каде што застанал. Каква заблуда! Многу од тие луѓе веќе одамна не постојат. Постојат нивни нови верзии, филтрирани низ филтри на „Инстаграм“ и ажурирани на „Фејсбук“, ама со тие верзии… јас немам муабет. Лесно е да се заборави зошто некои од нив ми значеле толку многу што сум им посветувал часови пишувајќи писма и години чувајќи ги нивните одговори. Но, тоа не е случајот со Сидо.
Разговорот со Сидо започна во 1996 година. Јас бев штотуку вратен од средно во САД, а тој беше легендарниот професор за кого зборуваа сите претходни генерации корчагинци. Првите неколку часови кога предаваше го слушав со доза на потсмев. Ми беше смешен кога инсистираше дека философија се пишува со „с“. Ми беше несфатлив кога зборуваше против спортот затоа што создавал менталитет на стадо. Како син на спортски новинар, ми пречеше и непочитувањето на правописот и негирањето на професијата на татко ми. А, сепак, во текот на таа година престанав да пишувам „филозофија“ и го загубив интересот за спортот.
Одеднаш Сидо ми стана репер за добар вкус. Кога Сидо го спомена Сартр, морав да прочитам сè од него фаќајќи детални белешки. Кога ни препорача да се претплатиме на „Интимни дијалози“ (зин за самопомош во кој тој беше соработник) ги читав неговите колумни како Библија. А, сепак, не го запознав добро во текот на таа година. Знаев дека со други ученици од генерација разговара на секакви теми, дури и ги вклучува во неговите филмови. Со мене односот му беше строго учител – ученик и ми беше по малку криво поради тоа. Сепак, не успеав да најдам начин да му се приближам.
Наредната година заминав на студии во Америка. Тетратките со белешките од Сидо ги зедов со себе. Се запишав на интензивен курс по философија. Му побарав адреса и решив да му пишам писмо. Колкава беше само радоста кога добив одговор – читко напишано писмо во кое ми бара да му пратам повеќе детали за програмата по философија на „Стенфорд“. Одеднаш имав нешто што Сидо го посакуваше! Станав кул во сопствените очи.
Следуваше период на интензивни преписки. Тој ми пишуваше за културните настани во Скопје и за некултурата во македонското секојдневие. Јас му ја опишував атмосферата на часoвите по философија, структурата на студиите, обврзаноста на студентите (дури и на тие на технички науки) да земат предмет поврзан со философија. На секој мој одговор враќаше со повеќе прашања затоа што неговата љубопитност немаше граници. Помагаше и тоа што никогаш немав проблем да се видам со Сидо кога ќе се вратев во Скопје. Доволно беше да се појавам на некој културен настан и знаев дека тој ќе биде таму.
Како и сите интензивни преписки, и оваа во еден момент згасна, а со неа и жарта во нашите разговори. Секоја наредна средба ни беше cè посувопарна. Тој со листа на настани на кои планира да оди, јас со листа на планови за иднината, кои мислам дека му стануваа сè потуѓи и понеразбирливи. Го поканив на 20 години матура, иако знаев дека нема да дојде. Го видов на проекцијата на македонскиот филм „Копање“, и дури го споменав во мојот осврт како човек со кој не ми се копаше низ минатото. Последната средба ни беше годинава, на влезот од киното „Милениум“ пред проекцијата на документарниот филм „Медена земја“. Му раскажував за апсурдите на канадскиот здравствен систем, а тој ме слушаше со познатата комбинација на резигнираност и на вчудовиденост дека таму некаде постои свет што му е истовремено и одбивен и привлечен.
Се прашувам што ни ја уби преписката. Го обвинувам интернетот, кој им стави точка на интимните дијалози по пошта. Сакам да мислам дека Сидо никогаш и немаше е-адреса, затоа за мене тој беше и остана лоу-фај фанатик. Зошто да биде исполирано, кога може да биде сурово? Зошто да биде комерцијално, кога може да биде вистинито? Ги враќам писмата на Сидо во кутијата. Тој веќе не е со нас, но муабетот со него ќе трае сè додека имам философски дилеми и аматерска љубопитност за светот. Ти благодарам, професоре!
P.S. Три и пол безвременски параграфи од последното писмо што ми го напиша Сидо:
Во градов се одржуваат концерти на Македонската филхармонија, џез-фестивал, ликовни изложби, промоции на книги, драмски претстави, јавни предавања…
Но, тоа што се чувствува е немаштијата, беспарицата, затвореноста на секој во себе, апатичност и немоќ да се менуваат нештата на живеењето во државата.
Инаку, јануари почна многу топло, како да е пролет. И за нас е многу чудно среде зима климата биде олку невообичаено топла.
Од 19 јануари почнува полугодишниот зимски распуст.
Засега толку,
Стефан Сидовски
Никола Стиков, Професор на Универзитетот во Монтреал и поранешен ученик на Сидо