ЗЕНици

Кој е крив кога куче ќе касне човек?

Време на читање: 3 минути

Овој текст не е за да го впериме прстот на вината кон кучињата, туку да видиме што ние како луѓе, можеби, како сегашни или идни сопственици на миленици, треба и може да правиме

Ангела Тошева

„Малолетник каснат од куче на средно Водно“
„Внимавајте, куче каса низ Автокоманда“
„Куче испокасало осуммина кумановци, се трага по сопственикот“…

Во учебниците по новинарство, не е вест кога куче ќе касне човек, а сепак, ваквите наслови се многу често во дневните вести на порталите.
Очигледно, кучињата скитници, но, и оние кои, иако имаат сопственици, се чуваани неодговорно, се голем предизвик во земјава. Предизвикот со кучињата скитници, освен прашања за благосостојбата на животните повлекува и низа други елементи – загриженост за јавното здравје, одговорност кон заедницата и  социјални проблеми.
Овој текст не е за да го впериме прстот на вината кон кучињата, туку да видиме што ние како луѓе, можеби, како сегашни или идни сопственици на миленици, треба и може да правиме.

Милениците не се играчки за деца

Еден од главните предизвици во решавањето на проблемот со кучињата скитници е огромниот број на кучиња кои се напуштени или родени на улица. Многу од овие кучиња не се стерилизирани, што значи дека тие можат да продолжат да се размножуваат. Ова може да создаде циклус на сè повеќе и повеќе кучиња кои се напуштаат, што ќе доведе до постојано зголемување на популацијата на кучиња скитници.

Клучен начин за справување со ова се програмите за стерилизирање. Ова подразбира евтини или бесплатни услуги за стерилизација на домашни миленици, како и на кучињата скитници. Зголемување на финансирањето на овие програми е важен чекор кон контрола на популацијата на кучињата скитници на долг рок.

Image by Freepik

Друг важен елемент е образованието и градење свесност. Едукацијата на јавноста за одговорното поседување миленичиња, може да помогне да се спречи повеќе кучиња да завршат на улица. Оваа едукација вклучува елементи за важноста од стерилизирање и кастрирање на милениците. Исто така, вклучува и свесност дека кога купуваме или вдомуваме миленик, мора да сме свесни за обврските кои доаѓаат со тоа. Не се тоа играчки, подароци или предмети, туку живи суштества на кои им треба грижа, но и одговорност.

Казни за напуштање или малтретирање миленик

Подигањето на свеста за маките на кучињата скитници може да поттикне повеќе луѓе да ги поддржуваат организациите за заштита на животните или и самите да посвојат кучиња скитници.
Зајакнувањето на законите за благосостојба на животните и спроведувањето е исто така клучно во решавањето на проблемот со кучињата скитници. Во нашата земја има закони за благосостојба на животните. Незаконско е напуштање на домашни миленици или малтретирање на кучињата скитници. Казните за злоупотреба на животни се зголемени. Ова би требало да помогне да се одврати неодговорното однесување. Сепак, сè уште треба да се работи за да се осигура дека овие закони се спроведуваат правилно.

Организациите за заштита на животните исто така играат витална улога во решавањето на проблемот со кучињата скитници во Македонија. Тие се фокусираат на спасување, стерилизирање и обезбедување медицинска нега на кучињата скитници. Работат и на едукација на јавноста за одговорното поседување миленичиња и важноста од стерилизирање на нивните миленици. Сепак, овие организации често се соочуваат со ограничени финансии и ресурси, што им отежнува да ја обезбедат потребната грижа и поддршка за кучињата скитници.

(авторката е средношколка и волонтерка во „Лице в лице“)

Напишете коментар