Првата самостојна изложба на Филип Мартиновски – „Соништа“ ќе се отвори вечерва, (10 мај), во 20 часот, во галеријата на Младински културен центар (МКЦ), и ќе биде изложена до 25 мај.
Филип Мартиновски (Скопје, 2003) е студент во прва година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на класата Ликовна педагогија. Средношколското образование го завршил во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски” во Скопје, на Одделот за сликарски дизајн. Матурирал со проектна задача на тема „Соништа”, а најголемиот дел од делата на оваа изложба се сочинети во завршната година од средношколското образование.
Со свое дело дебитантски учествувал на колективната изложба посветена на односот „сликарство-поезија” во рамките на првото издание на Скопскиот поетски фестивал во 2021 година, како и на хуманитарна изложба во 2023 година, а и двете први претставувања во јавноста на овој млад ликовен автор се во Младинскиот културен центар.