Доза вести

Фестивалот „Прво па женско 11“ почнува со перформансот „Extima: Плодна плочва“

Време на читање: 2 минути
- банер -

На 13 мај, сабота, ќе започне единаесеттото издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО со перформансот „Extima: Плодна почва“ на Оља Грубиќ.
Перформансот е дел од проектот „Женски тела во јавниот простор“, кој истражува како женските тела се третирани и перцепирани во различни контексти.
Организаторите Тиииит! Инк информираат дека интердисциплинарната програма на Фестивалот вклучува изложби, промоции, концерти, филмски проекции, перформанси и ќе трае до крајот на годината.

„Водени од зборовите на Одри Лорд, оваа година ‘Прво па женско’ се води од идејата дека ‘Иднината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите’“, велат организаторите.

Под мотото „старите дефиниции не ни беа од полза, ни нам, ни на Земјата што нѐ крепи*“, оваа година концертната програма на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“, ќе понуди нов, свеж, експериментален и автентичен звук.

Концертот, кој е во соработка со Младински Културен Центар, Liveurope и „Прво па женско“, ќе се одржи на 13 мај во Денсинг салата на МКЦ, а со почеток во 21 часот ќе настапат српската изведувачка Бојана Вунтуришевиќ и македонското музичко дуо „Алембик“.

- банер -

„Вунтуришевиќ ја знаеме како како пејачка на инди поп бендот Svi na pod! А од 2016 година почнува и со соло кариера. Нејзиниот деби албум Daljine доби многу позитивни критики и признанија, а во 2021 година со песната ‘Пари’, го најави и вториот албум ‘Ljubav’, кој го издаде во февруари оваа година. Вунтуришевиќ го опишува нејзиниот стил како ‘капиталистички блуз’ и црпи влијанија од инди поп, трип хоп и денсхол“, велат организаторките, кои додаваат дека со неа ќе настапи тапанарот Пеџа Милутиновиќ.

Освен Вунтуришевиќ ќе настапат и музичкото дуо „Алембик“ – Виктор Танасковски и Ива Дамјановски.

„Нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку игра со музичките елементи. Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 и е посветен на конфликтот, но и возможната симбиоза на природата и технологијата, инспириран подеднакво и истовремено од звукот на градскиот метеж колку и од птичји и китовски песни“, посочуваат од „Прво па женско“.

Програмата на единаесеттото издание на „Прво па женско“ го слави интерсекцискиот феминизам и има за цел да поттикне нови можни дефиниции за поправеден свет зашто старите дефиниции веќе не ни служат, посочуваат од „Тиииит! Инк.“.

Напишете коментар