На „Лице в лице“, нашата Платформа посветена на одржливиот развој, социјалната правда, еднаквост, демократија и хуманост, и на Борче Стаменов од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери и од нив создава нови донирајќи им ги на социјално загрозени семејства, денеска, 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права, во Собранието на РМ им беше доделена државната награда „Мето Јовановски“ 2023 – највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
„Лице в лице“ постои од 2012 година и вклучува повеќе од 150 продавачи на списанието, што е пионерски чекор во социјалното претприемништво во земјава. Се залага за правата на загрозените и за демаргинализирање на групи и поединци и нивно вклучување во општеството, промовирајќи позитивни животни приказни. Списанието, кое се печати на рециклирана хартија, а од 2020 е достапно и во дигитална верзија, прерасна во алатка за застапување и за комуникација при подигнувањето на свеста кај јавноста за општествено важни теми.
Наградата ја прими Маја Раванска, уредничка на списанието, која истакна дека ја креваат свеста и се застапуваат за важни теми како што е правото на работа. За нивните улични продавачи, кои доаѓаат од најранливите општествени групи, рече дека кога пред 11 години првпат почнале во кафулињата на Дебар Маало да го продаваат списанието, се чувствувале рамноправни со оние на кои им го нуделе.
-Тие знаат дека в раце имаат производ со додадена вредност, кој освен што им носи заработка, значи и зајакната самодоверба, чувство дека вредат, дека се дел од системот, и можат да придонесуваат, а не да бидат негов товар, рече Раванска.
„Лице в лице“ значајно влијаеше и за измени на Законот за матична евиденција ова лето кои, рече таа, дојдоа предоцна за нивниот продавач Мемет кој почина во болница без матичен број.
-„Лице в лице“ влијаеше врз тие измени токму затоа што причината за смртта на Мемет ја комуницираше со барања за акција, со поттик да се делува. Ова поттикна лавина од реакции, но и делувања. Влијанието значеше крај на повеќедеценискиот предизвик на т.н. лица „фантоми“, граѓани на земјава кои се без единствен матичен број и без државјанство. Сето ова, целата оваа борба ја работевме „на мускули“, волонтерски, но борбата не беше залудна. Нашиот Валентин Ракип, кој овде, во Собранието, денеска влезе со неговата лична карта, зајакнат од неговата социјална менторка Магдалена и целиот тим кој стои зад програмата Менторство за работна интеграција, стана гласноговорник на лицата без матичен број и без државјанство. Затоа, за нас тој е лицето за оваа државна награда, истакна Раванска.
Награда „Мето Јовановски“ му беше врачена и на Борче Стаменов од Кавадарци кој прави нови компјутери од делови од стари и расипани и им ги донира на ученици од социјално загрозени семејства. Првиот компјутер го донирал во декември 2016 година, а неговата мисија беше особено важна во периодот на пандемијата, во период кога МОН објави дека 40 илјади деца се без компјутер за онлајн-настава.
„Донирај компјутер“ има работилници во Кавадарци, Скопје и Штип и им овозможува на младите бесплатно образование преку пракса каде што компјутерите се поправаат. Еден од аспектите на неговата работа е и во тоа што придонесува за продолжување на животниот век на навидум застарената технологија со што се намалува електронскиот отпад.
Примајќи ја наградата, Стаменов рече дека Обединетите нации неодамна го прогласија пристапот до интернет за основно човеково право и дека наградата што тој ја добива е и прослава за колективниот напор во „Донирај компјутер“ за надградба на тие човекови права.
-Во изминатите седум години имав привилегија да донирам околу 2700 компјутери на социјално загрозени семејства и во опремување на 40 кабинети во училници низ цела држава. Со ова правиме чекор напред кон премостување на дигиталниот јаз. Од прва рака бев сведок на трансформативното влијание што овие донации го имаат врз поединците и заедницата, рече Стаменов.
Наградите им ги врачи Александра Цветановска, претседателка на Одборот за доделување на наградата „Мето Јовановски“ за 2023 година. На Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, таа истакна дека тие се прекршуваат секој ден и дека токму поради тоа луѓето треба да се залагаат за нивна заштита и за борба за еднаквост.
-Улогата на активистите е клучна и повеќе од исклучителна во процесот на влијание на јавната свест и токму затоа државната награда „Мето Јовановски“ во изминатите години се обидува да ги афирмира активистите и организациите и да ги поттикне во правењето добри дела и во унапредувањето на човековите права, рече Цветановска. Додаде дека одлуката за годинашната награда ја донеле лесно во Одборот зашто биле едногласни дека годинашните добитници ја заслужуваат поради промените што ги прават во нашето општество.
Државната награда „Мето Јовановски“ се доделува на Меѓународниот ден на човековите права 10 Декември. Именувана е по писателот Мето Јовановски (1928-2016), прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа и негов почесен претседател.