Системот сме ние, и ние го градиме системот! Одговорни сме сите! – е пораката која ја испраќа авторскиот тим на претставата
Документарната претстава „8%“, која е работена според истражување и интервјуирање на луѓе кои биле изложени на дискриминација, семејно насилство и системски неправди, ќе биде изведена овој петок, 15-ти март 2024 година, од 20 часот во малата сала во НУ Албански театар во Скопје.
Претставата е во продукција на АТО Центар за современа уметност и култура – Битола.
На оваа изведба, претходеше неколку месечна истражувачка фаза на која работел тимот и лицата кои биле интервјуирани.
Во најавата за оваа изведба, авторот и режисер, Јован Ристовски, посочува:
– Во претставата се раскажуваат различни непријатни вистини кои се сензитивни за македонскиот народ, како и за системот. Вистини кои лицата се плашат да ги кажат на глас. Вистини кои друштвото не ги препознава или најстрашно – ги одбегнува. Заклучокот од истражувањето и пораката на АТО Центар заедно со театарскиот тим до јавноста е дека: Системот сме ние, и ние го градиме системот! Одговорни сме сите!
Театарскиот настан ќе го отвори амбасадорката на Германија г-а Петра Дрекслер. Претставата е поддржана од ГИЗ Северна Македонија.