Актуелно, Доза вести, Лице в лице интервју

Твојот ум заслужува грижа како и твоето тело

Време на читање: 3 минути

РАЗГОВОР СО ЈАСМИНА ЈОНУЗ, ПСИХОЛОГ
Разговорот со психологот Јасмина Јонуз дава увид во најчестите предизвици со кои се соочуваат луѓето кога бараат помош, и открива како пандемијата го промени начинот на кој ја перципираме важноста на менталното здравје.

Анета Ристеска

Менталното здравје е темелот на нашето секојдневие и внатрешниот баланс што ни овозможува да ги надминеме предизвиците на животот. Денес, повеќе од кога било, свесноста за значењето на менталното здравје е клучна, бидејќи стресот, анксиозноста и депресијата се чести придружници на современото живеење. Одржувањето на менталната благосостојба не само што го подобрува квалитетот на животот, туку и влијае на нашата продуктивност, односите со другите, и генералната среќа.

Зборувањето за менталното здравје е од витална важност бидејќи сè уште постојат предрасуди и стигма кои ги спречуваат луѓето да побараат помош. Со отворен дијалог, ги рушиме бариерите и ја нормализираме потребата за поддршка и грижа за себе. Време е менталното здравје да добие подеднакво внимание како и физичкото здравје, бидејќи само со целосна грижа за себе можеме да го живееме животот во целосен потенцијал.
Разговорот со психологот Јасмина Јонуз дава увид во најчестите предизвици со кои се соочуваат луѓето кога бараат помош, и открива како пандемијата го промени начинот на кој ја перципираме важноста на менталното здравје.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат луѓето кога бараат помош за менталното здравје?

- банер -

– Мојата пракса, работејќи како когнитив – бихејвиор советник, покажува дека по перидот на пандемијата, најчесто доаѓаат луѓе со проблеми поврзани со анксиозност или симптоми на анксиозни растројства како панични напади, прекумерна загриженост, несоница, и анксиозност поврзана со здравјето. Се разбира, може да е поврзано со мојот тераписки правец кој е често избран за вакви проблеми, но, во разговор и со колеги, и според светски истражувања, анксиозните растројства се најчестиот проблем поради кој луѓето бараат психолошка поддршка.

Како стигмата и табуата поврзани со менталното здравје влијаат на луѓето и на нивната одлука да побараат помош?

– За жал, стигмата сè уште постои и може да влијае на тоа луѓето да избегнуваат консултација со психолог. Но, мојот впечаток е дека таа е сè поретка, за сите возрасни групи.
Особено во пандемијата, која, за жал, помалку или повеќе беше тригер за сите нас, забележав голем раст на интересот за психолог и намалување на табуата. Мислам дека за тоа допринесе и трудот кој многу психолози и медиуми, го дадоа пружајќи бесплатни или достапни работилници и материјали за психоедукација и себепомош со кои луѓето имаа можност да се запознаат со работата на психологот и што всушност се случува на една сеанса.

Кои се најчестите симптоми на анксиозност и депресија кај младите и како можат родителите да ги препознаат овие знаци?

– Симптомите може да варираат зависно од специфичниот тип на анксиозно растројство, но, она што може со сигурност да го потенцирам е дека вообичаено луѓето се жалат на страв, прекумерна загриженост, ирационални мисли, вознемиреност, како и маладаптивно однесување, најчесто избегнување, кое го одржува проблемот. Кога зборуваме за депресијата, од моето искуство, најчесто луѓето се жалат на пад во расположението, намалена волја и мотивација, песимизам… Секако, ова е само мој впечаток и симптомите и дијагнозата според нив се прави со консултација со психијатар, па секогаш препорачувам при сомнеж да се направи консултација со стручно лице.

Како може технологијата да се користи за подобрување на пристапот до грижа за менталното здравје и кои се потенцијалните ризици?

–  Ова е време кога за менталното здравје се зборува многу, без разлика дали се работи за интересен пост на социјалните мрежи или официјален ресурс како онлајн советување или материјали за себепомош. Тоа особено ме радува. Социјалните медиуми се одличен начин за ширење на свесност за ментално здравје и меѓусебна поддршка, но, кога се работи за дијагностика и сомнеж за ментално растројство она што често го советувам е задолжителна консултација со стручно лице за адекватна дијагностика и третман.

 Каква е улогата на работните средини во поддршката на менталното здравје на вработените и кои се најдобрите практики за создавање на позитивна работна атмосфера?

– Голем дел од денот, речиси секојдневно, го поминуваме на работа и јас лично верувам дека е мошне важно да се има колку што е можно попозитивна работна атмосфера и психолошка поддршка за одредени предизвици. Психолошко советување, односно сеанси со психолог, бесплатни за вработените, покриени од претпоставените, се тренд во светот, а трендот почнува да се шири и кај нас. Токму периодов и јас креирам таква иницијатива за нашиот регион со кој имам визија да се рашири свесноста за оваа тема и да се понудат психолошки сеанси, анонимни, бесплатни за вработените во контекст на работното место.

Што можат заедниците да направат за да ја намалат стигмата и да промовираат отворен дијалог за менталното здравје?

– Она што од моето искуство се покажа ефективно – се бесплатни или достапни психолошки работилници на теми кои се често барани, достапни материјали на интернет, и секако текстови или дискусии во медиумите, преку кои луѓето ќе може да дознаат повеќе за работата на психолозите и психијатрите. Последниот тренд на онлајн сеанси мислам дека, исто така, беше ефективен за што повеќе луѓе да побараат сеанса од своите домови и да искусат како изгледа тој процес.

Photo: Freepik

Напишете коментар