Актуелно, Блог, Доза вести, Лице в лице став, Лице в лице тема

НЕСЛУШНАТИ И НЕРАЗБРАНИ

Време на читање: 6 минути
- банер -

Колку од децата имаат значаен возрасен во своето најблиско опкружување, кој умее да слуша, да разговара и да сочувствува со детето кога е во неволја или кога се соочува со нови искуства и предизвици во својот развој? Податоците се недвосмислени. Додека поддршката од соучениците не се менува со возраста, кај наставниците таа се намалува. На прагот на адолесценција, кога е таа најпотребна, контактот се губи. Слично е и со родителската поддршка, која се намалува како што детето расте, вели психологот Лина Ќостарова-Унковска, во актуелното издание на „Лице в лице“, посветено на менталното здравје

Лина Ќостарова – Унковска

Што да се направи и како да се прифати податокот дека секое трето девојче (31 процент) на 15 години во земјава изјавува дека е осамено, а повеќе од половината (54 проценти) во изминатите 12 месеци се чувствувале толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинале да ги прават вообичаените активности?

Ова се наоди од студијата „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“ (ХБСЦ) на 11, 13 и на 15 години, што се спроведува секоја четврта година во 54 земји од Европа и Централна Азија, меѓу кои и во Северна Македонија. Добиените резултати откриваат широко застапен и загрижувачки тренд на пад на менталното здравје на адолесцентите, особено меѓу девојчињата, при што со возраста расте пропорцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на сите индикатори на менталното здравје.

Кои се столбовите на детската благосостојба?

- банер -

Во македонските наоди откриваме често нерасположение речиси секојдневно, во последните шест месеци, кај повеќе од половината (57 проценти) девојчиња на 15 години, како и истовремено страдања од психосоматски тегоби повеќе пати неделно, во последните шест месеци (болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата) кај шест од 10 девојчиња на истата возраст.

Овие податоци се добиени на национален примерок ученици, во училиштата низ цела Македонија. Во истражувањето учениците учествуваат анонимно и доброволно, со високи гаранции за приватноста и доверливоста на податоците. Одговорите на децата се тие. А ние возрасните можеме да се прашаме: Може ли образованието да покаже поголем интерес за менталното здравје и да го интегрира во своите наставни планови и програми, како еднакво важна тема со сите други образовни содржини? Може ли училиштето, како заедница, да изгради безбеден простор за учество на учениците, за истражување и експериментирање со различни прашања што ги засегаат младите? Со цел децата да станат чувствителни на различности, но и да се разбијат табуата во безбеден простор и со информации.
Може ли училиштето да изгради визија за поттикнување на развојот на детските потенцијали и сила, со слух и грижа за детските развојни потреби и права, место да применува паушална воспитно-корективна политика и практика, во кои децата немаат никаква улога и учество?
Која е улогата на учениците, на наставниците и на сите други членови на училишната заедница во градењето училишна атмосфера на заедништво, приврзаност, припадност, учество и солидарност  – столбовите на детската благосостојба?
И, конечно, може ли сето тоа да помогне да дојдеме до темата за менталното здравје во училиштен контекст диференцирајќи ја неговата моќ за промени, резилиентност  и благосостојба, наспроти стравот од ментални болести и жигосувањето, кој ги блокира сите развојни процеси?

Во сите овие прашања, доколку ги поставиме како истражувачки (образовни) цели, се содржани и најголемиот дел од одговорите за улогата и капацитетите на училиштето да ги унапредува менталното здравје и квалитетот на животот на учениците и на целата заедница.


Чии очекувања децата не успеваат да ги исполнат? 
Има многу показатели дека токму училиштето е главната појдовна точка на промените. Тие даваат јасни насоки каде и како да се тргне во менување на состојбите.
Во одговорите на учениците откриваме дека приврзаноста кон училиштето значајно опаѓа со возраста, како кај девојчињата, така и меѓу момчињата, за сметка на оптовареноста со училишни задачи, која расте и се удвојува од детските 11 до 15 години. Децата сè помалку го чувствуваат училиштето како свој простор каде што припаѓаат, се дружат, учат и растат.
Истовремено, трендот од повеќе истражувачки циклуси во период од 20 години покажува континуирано опаѓање на интересот за училиште, од дури 40 проценти во периодот од 2002 година до 2022 година. Наспроти оптовареноста со училишни задачи, која расте.

Поврзано со овие наоди, можеме да се прашаме колку од децата имаат значаен возрасен во своето најблиско опкружување, кој умее да слуша, да разговара и да сочувствува со детето кога е во неволја или кога се соочува со нови искуства и предизвици во својот развој?

И тука податоците се недвосмислени. Додека поддршката од соучениците не се менува со возраста, кај наставниците таа се намалува, а на прагот на адолесценција, кога е најпотребна, контактот се губи. Слична е состојбата и со родителската поддршка, која, исто така, се намалува како што расте детето.

Со тоа, меѓуврсничката блискост останува да биде единствената потпорна точка на децата во периодот на крупни развојни промени низ кои поминуваат.

Ова отвора и други прашања, врзани не само за училиштето туку и за целата заедница и за нормите на културата и за политиката што ја диктираат.  Дали овие податоци, секогаш на сметка на девојчињата, значат дека девојчињата се поинакви и поранливи од момчињата, или дека традиционалните  родови улоги и норми управуваат со правото и просторот за автентично изразување на децата, на нивните лични доживувања и чувства? Чии норми и очекувања девојчињата не успеваат да исполнат на 15 години и подоцна?  Или, смеат ли воопшто момчињата некаде да покажат слабост и болка?

Потреба за промени од корен

Оттука, не е веќе за изненадување што задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, и повторно кај девојчињата многу побргу отколку кај момчињата.

Уште едно поле за размислување на кое укажуваат овие податоци. Имено, во последните осум години, од три истражувачки циклуси  (2014, 2018 и 2022 година), добиваме трендови со исти насоки на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, но и со забележителна сличност меѓу 2014 година и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што открива висока чувствителност на децата на општествените случувања и на условите во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата. Тоа го потврдуваат и податоците од пред ковид и периодот по ковид (2018 – 2022), за (не)задоволството од животот меѓу младите од Северна Македонија, кое значително опаѓа во 2022 година.

Ова не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта и семејства, но и на нашата политика и на нашиот однос кон младите. Сместени во традиционални вредносни рамки, потпрени на  медицинскиот модел на здравје, кој не соодветствува на реалноста на детските развојни потреби и права, овие состојби упатуваат на потребата од коренито менување на работите. Особено кога го имаме предвид периодот на адолесценција, обележан со силни развојно-идентитетски предизвици низ кои поминуваат младите во своето растење и осамостојување и со кои не смеат да останат препуштени на самите себе, без да бидат слушнати и разбрани. Тие, очигледно, имаат многу работи да кажат и отворено кажуваат.

Нивните пораки се јасни, не само низ овие наоди, туку и во непосредните разговори во кои ги коментираат резултатите од студијата.

„Важно ни е родителите да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава, која ќе нѐ мотивира за успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование.“

За Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да дејствуваме побрзо и да им дадеме поголема поддршка на промените.

Каде лежи одговорот на ваквите сериозни предизвици за промени? Решението е: холистички пристап (повеќе за ова во 55. издание на „Лице в лице“. Достапно е на овој линк).

Психолошката отпорност  е важен сегмент на менталното здравје

Психолошката отпорност  е важен сегмент на менталното здравје. Таа може да се учи и развива во секакви услови, но и со нужно водство, со почит, поддршка и со доверба во детските искуства на учество и правење избор. Независно од детските првични резултати и исход.

Психолошки поотпорните деца полесно закрепнуваат по преживеана несреќа, се однесуваат поздраво и покомпетентно во околности на тешки предизвици, подобро умеат да проценат или да избегнат ризични ситуации и, општо земено, можат да продолжат со продуктивен живот, наспроти лошите искуства (Морган, 2011; Скалес, 1999).

Така доаѓаме до психосоцијалниот модел на унапредување на менталното здравје во училиштето, со активно учество на ученикот. Модел што го напушта и отворено се спротивставува на традиционалниот, посесивно-корективен однос кон детето, препознаено само низ „проблемот“ во: учењето, (не)приспособеноста и / или во поведението. Со него се отфрла и потребата од дијагностичка одредница и обележување на детето врз основа на „симптомот“, како мерка за постапување.

Со други зборови, место санирање и корекција на „проблем – детето“,  грижата за неговото ментално здравје се пренасочува кон унапредување на условите во кои детето учи и расте, односно кон грижата за неговата општа состојба и права. А вештините на препознавање, активно слушање и почит, како претпоставки за автентичен контакт со детето, се главните вештини на возрасниот / наставникот / во размена на информации, градење на довербата и меѓусебно разбирање.

Училиштата да станат развојно-воспитни средини
Оттука и итната потреба од промена на училиштата во развојно-воспитни средини, подготвени активно да придонесат во унапредување на менталното здравје на учениците и наставниците. Во ваква средина училиштето информирано и безбедно ќе ги отвори темите за психолошките, социјалните и емоционалните потреби на децата, ќе ја подигне чувствителноста за овие теми во заедницата, ќе проговори отворено за менталното и за сексуалното здравје на децата и на младите и ќе ги истражува со нивно активно учество. Училиштето може да го направи тоа така што ќе стане поотворено за важните теми од животот на децата и ќе понуди нови простори за контакт, поврзување, разбирање и поддршка. Ќе треба да понуди и обуки за развој на компетенциите на наставниците на овие теми, со што ќе помогне во емоционалното и социјално созревање на младите, во нивната мотивација за учење и учество. Училиштето може да ги препознае позитивните резултати од таквиот пристап преку степенот на училишни постигнувања, успешните социјални поврзувања, задоволството од животот и општата благосостојба на учениците.

Холистички гледано, психосоцијалниот модел на унапредување на менталното здравје во училиштата е токму тоа: засилување на детето, на возрасните и на заедницата, да ги препознаат и да станат свесни за влијанијата на факторите на ризик (предизвиците) и на факторите на отпорност (потенцијалите и ресурсите), како одговор на промените во сите сфери на животот на младите. И да ја согледаат нивната меѓусебна поврзаност во одржување / создавање на проблемите, или обратното, во нивното разрешување и ослободување.

(Авторката е психолог, координатор на студијата ХБСЦ за Северна Македонија и активистка за правата на детето)

Напишете коментар