Актуелно, Доза вести, Зелена република, Лице в лице

Во вила „Самовила“ – слатко од рози и терапија за душа и тело

Време на читање: 4 минути
- банер -

Од копнеж и идеја на едно семејство, местото стана дом на традицијата и биодиверзитетот, но и добар бизнис-модел за одржлив развој во иднина

Кирчо Анастасов

Внимателните добронамерници сè уште може да ги наслушнат песната и шепотот на самовилите во ова место надарено со духовност…

Кај танцот на самовилите
Во свежината и живописноста на планината Влаина на крајниот Исток во државата се наоѓа едно волшебно место наречено етновила „Самовила“.
Дали е според митолошкиот предзнак, со кој оваа раскошна природа го има надарено ова парче земја, или според грациозноста на мистериозната убавина, легендата вели дека сè уште може да се наслушне песната и да се насети танцот на самовилите, кои, од памтивек, му даваат една магија и инспирација на животот во ова поднебје.

Токму тука семејството Илиеви го нашло своето свето прибежиште од негативните појави на современиот свет за да создаде своја хармонична семејна приказна.
Етновила „Самовила“ е многу повеќе од стара пијанечка архитектура, изобилство од природа и занимања… Таа е еден вид стремеж, надеж и верба за подобро утре, идеја за посебност и опстојување. Местото е визија базирана на минато, сегашност и на иднина. Таа е дом на духот на едно семејство, кој од памтивек како бескрајна постојаност се втемелил во прегратките на планината Влаина.

Никогаш го немам напуштено селскиот начин на живот
Илчо Илиев, кој по потекло е од делчевското село Град, е дипломиран геодетски инженер во пензија со големо искуство во градежништвото и политиката.  Своите пензионерски денови ги поминува во спокојството на етновилата „Самовила“.

- банер -

– Оваа локација ја имам одбрано уште како дете. Мајка ми е родена тука во околината, и од моето село каде што сум роден, често пеш доаѓавме во село Град, до маалото, Мановско маало, каде што е родена мајка ми – ja почнува својата приказна Илиев, стопанот за оваа верна убавина, која го плени  вниманието додека чекориме по свежиот зелен килим распослан од природата под нашите нозе.

Со особена светлина во очите и со скаменет грч на челото Илчо се присетува на првите помисли што го мотивирале пред 30-ина години за да ја почне оваа приказна, која ден денес расте и се надградува.

Живот во соживот со природата
Насушна потреба на идејниот творец на овој животен простор при изградбата на идниот семеен дом била да се користат само природни материјали.

– Како градежник, секогаш сум ги ценел природните материјали за градење. Во овој објект има материјали што се средени и подготвени за градба пред 30 години. Само објект граден од природни материјали може да даде квалитетен простор за живеење. Затоа, подоцна со сопругата купивме непечени тули, па заедно ги печевме. Најдовме мајстори што знаеја да прават плитар и благодарение на нив и мојата стручност го изградивме објектот – вели Илиев.

Домаќинката, чијашто неисцрпна животна сила може да се забележи на секој агол од овој преубав дом, е можеби најсилниот извор на енергија што го пречекува секој добронамерник со еднакви чувство на гостопримство и топлина. Мика Илиева, која е дипломиран психолог, поранешен советник за образование во Бирото за развој на образованието вели:

Овде имаме можност повеќе да се споиме и зближиме со природата. Јас како дете многу сакав да одам боса.  Тоа беше некое посебно чувство. И сега кога сум овде ги соблекувам влечките и одам боса – вели Илиева, истакнувајќи дека нивни посетители од странство редовно го прават тоа за да имаат допир со природата, со земјата. 

Животот во куќа градена со природни материјали е своевидна терапија на телото
На почетокот етновилата била градена за сопствена душа. Но, помладата генерација во семејството Илиеви дошле до идеја да се стави на располагање на секој добронамерник и посетител.

– Оценивме дека не можеме да го користиме секојдневно овој простор  во кој имаме многу инвестирано. На предлог на нашите деца, го понудивме на пазарот. Исто така, вишоците храна од нашето село  им ги нудиме на нашите гости, место да ги носиме на пазар. На тој начин помагаме и на локалната заедница. Гостите што доаѓаат сакаат локални производи, кои ги набавуваме од локалното население – споделува Илчо.
Мика е „главнa виновничка“ за големиот број позитивни рецензии на туристичкиот оператор „Букинг“ за сместувањето и за храната што им ја овозможуваат на нивните гости.
– Љубител сум на добро зготвена храна. На времето, кога свадбите се правена на отворено, се готвеше во котли и  се правеа по десетина котли со супи, чорби… И мојата мајка и свекрва ми,  многу убаво готвеа традиционална храна. Странските гости ме поттикнаа да готвам, па со помош на моите деца направивме една процена за тоа што е добро да вкусат и да пробаат. Така, почнавме да им нудиме и храна од која се многу задоволни – раскажува таа, со жар за својата пасија и, се чини, може да зборува бесконечно за традиционалната храна.
На тоа се надоврзува Илчо.
– За тие што се љубители на природата, можеме да понудиме слободно да си скинат јагоди и лековити билки од нашите микроплантажи. Доколку заборавиле да купат пиперки и домати, можат слободно да скинат од градината и можеме да им понудиме мед за нивните потреби додека престојуваат тука – вели Илиев.

Од задоволните посетители дознавме дека Мика прави и убаво слатко од рози, за што таа самата не сака многу да зборува, туку, едноставно, вели:

 – Секој што сака да проба слатко од рози треба да дојде и да вкуси. Сè друго е приказна.

Напишете коментар