Доза вести

Надгради ја твојата реалност – почнува конференцијата „Наука за деца“

Време на читање: < 1 минута
- банер -

Под мотото „Надгради ја твојата реалност!“ овој петок, во просториите на Интернационалното училиште Нова, ќе се отвори Третата конференција „Наука за деца“, која ќе трае и утре, 19-ти октомври со низа работилници кои ја промовираат науката и менталната фискултура кај најмладите.

Настанот го организира Фондацијата „Кантарот“ од каде велат дека преносот од отворањето ќе може да се следи на нивниот канал на „Јутуб“.
На отворањето, публиката ќе има можност да учествува на пет кратки научни предавања од младите финалисти на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“.

– Секое од овие предавања е подготвено под менторство на истакнат македонски научник кој работи во странство, илустрирајќи ја разновидноста на научниот талент од Македонија – објаснуваат од „Кантарот“.

Истата вечерта ќе има предавање за виртуелната реалност и нејзиниот потенцијал да го трансформира начинот на кој учиме, играме и истражуваме. Предавањето ќе го одржи професорот Бас Рокерс од Њујорк Јуниверзити Абу Даби од Обединетите Арапски Емирати. Отворањето ќе заврши со коктел и со доделување на овогодишните награди за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“.
На вториот ден од конференцијата, во соработка со Францускиот институт во Скопје ќе биде отворена изложбата „Parlez – vous franc-sci?“, како и три научни работилници за ученици на возраст од 10 до 15 години.

– За време на овие работилници, децата ќе истражат еден научен концепт во виртуелна реалност, а потоа ќе имаат практична демонстрација на тема електромотори, капиларна активност или француска наука – велат организаторите.

- банер -

Напишете коментар