Актуелно, Доза вести, Лице в лице интервју

(Интервју со Драгана Стикова) Надгради ја реалноста: Наука за деца преку виртуелна авантура во универзумот

Време на читање: 6 минути
- банер -

Третата конференција „Наука за деца“ им овозможува на младите да ја истражат науката преку виртуелна реалност и интерактивни експерименти.
Повеќе за целото случување од разговорот со Драгана Стикова, директорка на „Кантарот“, Фондацијата која го организира настанот, а програмата за двата дена е достапна на линкот.

Анета Ристеска

Конференцијата „Наука за деца“, која свечено ќе се отвори овој петок, 18 октомври во Интернационалното училиште НОВА во Скопје, годинава го носи мотото „Надгради ја твојата реалност“, фокусирајќи се на нови интерактивни пристапи кон науката преку виртуелната реалност (VR).
Преку оваа платформа, децата имаат можност да истражуваат научни експерименти и симулации на уникатен и динамичен начин, што ја прави науката поинтересна и пристапна. Темата е инспирирана од успешната соработка со Францускиот институт во Скопје, кој ќе организира работилници на тема виртуелна реалност, овозможувајќи на децата да доживеат науката во нови, возбудливи димензии.

Покрај интерактивните сесии, годинашното издание носи и нови можности за младите таленти преку менторска поддршка од истакнати македонски научници од странство. Овие ментори ќе ги водат финалистите на конкурсот „Иван Ќостаров“, помагајќи им да ги развијат своите научни потенцијали и да ги презентираат резултатите на отворањето на конференцијата.

Повеќе за целото случување од разговорот со Драгана Стикова, директорка на Фондацијата, „Кантарот“, а програмата за двата дена е достапна на линкот.

- банер -


„Надгради ја твојата реалност“. Ова е мото на овогодишната конференција „Наука за деца“. Што ве инспирираше за овој слоган/повик?
Каква е релацијата со содржината што ќе биде претставена?

Мислиме дека оваа тема одлично се надоврзува на холограмите од првата НЗД конференција и на оптичките илузии од втората. Оваа година, акцентот ќе биде ставен на користењето на виртуелната реалност (VR) како алатка за учење и откривање. Со помош на VR, децата ќе можат да се „вметнат“ во научни експерименти и симулации, што ќе им помогне да ја надградат својата реалност и да ја доживеат науката на нов, интерактивен начин.

Темата ни стана уште поблиска поради големиот интерес за виртуелната реалност во Францускиот институт во Скопје. Токму тоа нè поттикна да организираме заеднички активности за Третата НЗД конференција. Објавивме конкурс за плакати со наслов „Parlez-vous fran-sci?“, а Францускиот институт ќе организира и две работилници со виртуелна реалност за деца во саботниот дел од програмата.

Раскажете ни малку повеќе за соработката со истакнатите македонски научници во странство и нивната улога во менторирањето на финалистите од конкурсот „Иван Ќостаров“.
Што беше клучно за поврзувањето?

Минатата година за првпат ја доделивме наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Освен победничката награда, за петмината финалисти обезбедивме менторирање од страна на наши истакнати научници, родум од Македонија, кои работат на реномирани универзитети во странство. Децата повеќе од шест месеци работеа со своите ментори и подготвија одлични презентации во областите што ги интересираат, а своите резултати ќе ги претстават пред поширока публика на отворањето на Третата НЗД конференција. Нашата цел со ова менторирање беше да им отвориме пат на младите таленти, да ги охрабриме да продолжат со научната работа и да се стремат кон повисоки цели. Пошироката јавност ќе може да ги следи предавањата преку нашата Фејсбук страница: https://www.facebook.com/events/573063692057696

Клучот за поврзувањето беше желбата на нашите научници да придонесат кон развојот на науката во Македонија и да ги инспирираат младите таленти да го прошират својот видокруг и да се стремат кон меѓународни успеси.

Виртуелната реалност е централна тема на некои од предавањата и работилниците.
Каков е нејзиниот потенцијал за трансформирање на начинот на кој децата учат и истражуваат науката?

Виртуелната реалност (VR) има огромен потенцијал да го трансформира начинот на кој децата учат и ја истражуваат науката. Преку VR, учениците добиваат можност да се нурнат во интерактивни и тродимензионални средини кои ја прават научната содржина поинтересна и подостапна. VR овозможува учениците активно да учествуваат во процесот на учење, наместо само да бидат пасивни набљудувачи. На пример, тие можат да „патуваат“ низ Сончевиот систем или да „влезат“ во клетката и да ги истражуваат нејзините органели, што го прави учењето визуелно и интерактивно.

Што (ќе) ги карактеризира трите научни работилници (електромотори, капиларна акција и француска наука) како теми и како тие ќе ги поттикнат децата да се заинтересираат за научните концепти?

Заедничко за трите научни работилници — (електромотори, капиларна акција и француска наука) е тоа што се интерактивни, со визуелни елементи и практични примери. Наместо класично предавање, секоја сесија е осмислена така што децата активно учествуваат и изведуваат експерименти, а тоа пак им овозможува подобро да ги разберат и применат научните концепти. Интерактивноста е клучна, бидејќи низ прашања, дискусии и практични задачи, учениците имаат можност да поставуваат и тестираат хипотези, и да носат заклучоци. Визуелните елементи дополнително го олеснуваат разбирањето, правејќи ја науката забавна и пристапна за сите.

Ова е трета конференција „Наука за деца“. Како досегашните настани ве поттикнаа да ја продолжите оваа иницијатива и што ново ќе донесе годинава?

Третата конференција „Наука за деца“ претставува продолжение на иницијатива која, поради големиот интерес и успех на претходните изданија, се покажа како важен настан за едукација и инспирација на младите. Претходните конференции, кои се фокусираа на теми како холограми и оптички илузии, покажаа дека децата се силно заинтересирани за интерактивни начини на учење. Ова искуство нè мотивира да продолжиме со вакви настани, бидејќи ја гледаме радоста и љубопитноста што ги предизвикува кај децата.

Годинава ќе ја продолжиме традицијата на практични работилници и научни експерименти, а ќе ја доделиме по втор пат и наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Ќе воведеме и нови содржини, како што е наградата за најдобар млад презентер „Колега Стиков“. Со оваа награда сакаме да ги споиме науката и новинарството и да им понудиме на децата да се пробаат во едно ново поле, научно новинарство, сè со цел да развијат критички вештини за јавно говорење, научно размислување и техники за презентација. Наградите ги гледаме како „ветерот во грб“ што им треба на децата за да излезат од својата комфор зона и да создадат нешто оригинално.

Кои научни аспекти ќе бидат истражени со изложбата „Parlez-vous fran-sci?“, (во соработка со Францускиот институт), и како се очекува оваа изложба да влијае на разбирањето на науката кај децата?

Со изложбата „Parlez-vous fran-sci?“сакавме да стимулираме креативност и оригиналност. Единственото ограничување беше дека мора да станува збор за француска наука, за сè друго децата имаа одврзани раце.    

Правењето плакат за француска наука значи дека децата треба да истражуваат, пребаруваат, анализираат, селектираат, креираат и на крај да создадат нешто интересно за широка публика… нема поубав начин од овој за разбирање на наука.

Кој е главниот предизвик со кој се соочувате при организирање на конференцијата, и како јавноста може да ја поддржи оваа иницијатива – за да продолжи да се развива и во иднина?

Главниот предизвик при организирањето на конференцијата „Наука за деца“ е обезбедувањето на адекватни ресурси и финансирање за да се реализираат сите планирани активности и работилници. Ова вклучува не само финансиски средства за опрема и материјали, туку и ангажирање на квалификувани ментори и научници, кои ќе ги водат работилниците и ќе обезбедат поддршка на децата. Секако, и поддршката од јавноста е многу важна за продолжување и развивање на оваа иницијатива во иднина. Се финансираме од микродонации и секој денар ни значи! Ако сакате да нè поддржите, линков во продолжение ќе ви објасни како може тоа да го направите:
https://qantarot.substack.com/p/koj-donira

Дел најкреативните плакати од Конкурсот „Parlez-vous fran-sci?“ на тема француска наука. Изборот го направија тимот на НАУКА ЗА ДЕЦА и тимот на Француски институт во Скопје – Institut français de Skopje. Овие 15 плакати ќе бидат дел од изложбата за време на конференцијата НАУКА ЗА ДЕЦА на 19 октомври (сабота), кога ќе бидат прогласени најдобрите шест и ќе им бидат доделени награди.
Креативните решенија во целост се достапни на линкот.

Напишете коментар