Ни треба противотров од штетната употреба на социјалните медиуми, кажаа учесниците на вчерашната работилница „Лице в лице дурбин“, која ја организираа Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ и здружението „Грит“ во просториите на Младински центар Пробиштип.
На работилницата учествуваа средношколки и средношколци од Пробиштип, Злетово и Кратово кои учат во средните општински училишта „Коле Нехтенин“ во Штип, „Наум Наумовски – Борче“ од Пробиштип и „Митко Пенџуклиски“ од Кратово, како и нивни наставнички. Исто така за оваа работилница, придонес дадоа и млади луѓе од локалните здруженија на граѓани – Регионална Ромска образовна младинска асоцијација од Кратово, волонтери на Младинскиот центар во Пробиштип, како и домаќините, „ГРИТ“.
Дел од изјавите на учесниците се следниве:
„Не знаев дека и јас како млада личност можам да упатам претставки до организации и институции кај нас, за било какви штетни содржини на кои ќе наидам во медиумите.“
„Научив дека со вештачката интелигенција може да се креира буквално сè – вклучително и лажни вести, дезинформации и други штетни содржини.“
„Ми пречи говорот на омраза кон деца од моето училиште кои доаѓаат од Турската и од Ромската националност, но не знам како да реагирам.“
„На тикток и на инстаграм неретко наидувам на лажни содржини кои се креирани со намера да наштетат на некои деца од мојата заедница. Јас не сум ги пријавила таквите профили, но добро е што многу брзо ги снемува.“
„Тешко е да воспоставиме и одржиме пријателства „во живо“, кога постојано сме онлајн.“
„Потребни ни се повеќе содржини за медиумска писменост.“
„Треба да се активираме во клуб за медиумска писменост.“
Сашо Богдановски, раководител на Одделението за човекови права и медиумска писменост од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се осврна на важноста на медиумската и информациската писменост во целокупното современо живеење. Тој даде акцент и на делувањето на регулаторното тело, АВМУ, зборуваше за заштитата на личните податоци при користење на социјалните мрежи, како и за влијанието на Вештачката интелигенција.
Маја Раванска, одговорна уредничка на „Лице в лице“ го претстави уличното списание, како и можностите за вклучување на младите во активности на истоимената Платформа за одржлив развој. Мартина Јачевска, претседателка на „ГРИТ“ зборуваше за можностите кои ги имаат младите од овие средини во кокреирање на содржини за „Лице в лице“, како и со нивно вклучување во различни активности на организацијата.
Дел од учесниците, понатаму ќе имаат можност да се вклучат во креирање содржини кои се однесуваат на борба против поларизацијата, дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, со акцент на овие предизвици на Интернет.
Настанот се одржа во рамки на Деновите на медиумска писменост 2024.
Оваа вест, како и самиот настан за кој е изработена, се реализираат со финансиска помош од Европската Унија. Неговата содржина е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – Скопје и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Aктивностите се дел од проект на „Лице в лице“, кој е погрант на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новисадска школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.