Ивана Маринчек
За жал, за менталното здравје најчесто зборуваме само кога го ставаме во контекст на ментална болест, а не како составен дел од вкупната добросостојба на човековото живеење
„Здравје е состојба на целосна физичка, ментална и социјална добросостојба, а не само отсуство на болест или немоќ“, вели дефиницијата за здравје на Светската здравствена организација. Но, и покрај оваа холистичка дефиниција, за многумина, првата асоцијација за зборот „здравје“ е асоцијацијата само на физичкиот аспект од вкупната здравствена состојба.
Ова не е случајно. Поделбата на дух и на тело е длабоко навлезена во светогледот и во вкупната животна филозофија на западната цивилизација, при што материјалниот и менталниот аспект од човековото живеење се доживуваат како два посебни и паралелни аспекта, а не два длабоко поврзани и меѓусебно зависни дела на една единствена целина. За жал, за менталното здравје најчесто зборуваме само кога го ставаме во контекст на ментална болест, и притоа најчесто го третираме како отсуство на ментална болест или поголема ментална тешкотија, а не како составен дел од вкупната добросостојба на човековото живеење. Сѐ уште ни недостига свесноста дека доброто ментално здравје е интегрален дел од оваа вкупна добросостојба и дека треба да се промовира во насока на превенција, исто како што се промовираат здравата храна и редовната физичка рекреација.
Една половина од менталните нарушувања почнуваат на 14-годишна возраст
Едукацијата за тоа колку е важно да се грижиме за нашето здравје почнува уште од мали нозе, но, најчесто, таа подразбира многу повеќе едукација за физичкото, наспроти менталното здравје. Децата уште во првите години од својот живот ќе научат дека е важно да си ги измијат рачињата по секое користење на тоалетот и пред секое јадење, дека запчињата треба да ги четкаат секој ден наутро и секоја вечер пред спиење, како што ќе научат и дека е важно да јадат многу овошје и зеленчук за да растат здрави и силни. Но, не сите деца ќе научат како да бидат во контакт со својата лутина и како соодветно да ја канализираат, како да се соочат со тагата и со разочарувањата што им ги носи животот или како да ја заземјат својата вознемиреност, да се поддржат и да се релаксираат.
Според Светската здравствена организација, дури 10 до 20 проценти од децата и од адолесцентите во светски рамки пројавуваат некаков облик на ментални тешкотии или нарушувања. Според нивните статистички податоци, една половина од сите ментални нарушувања почнуваат на возраст до 14 години. Сето ова укажува дека периодот на детството е особено чувствителен, како за физичкото, така и за менталното здравје, и затоа е неопходно да се обрне еднакво внимание на правилниот детски раст и развој и од двата аспекта. Доброто ментално здравје им овозможува на децата и на младите правилен психолошки раст и развој, здобивање соодветен психо-имунитет, односно способност да се соочат и соодветно да се адаптираат на сѐ што ќе им донесе животот, флуидно да транзитираат низ сите неопходни развојни фази и да прераснат во здрави возрасни лица.
Забраната создава блокада
Поради сите овие наведени причини, важно е едукацијата за менталното здравје кај децата да почне уште од најрана возраст, паралелно со едукацијата за грижата за физичкото здравје. Неопходно е ваквата едукација да направи промена на досегашната едукативна парадигма и акцентот од тоа што не треба, да го стави на тоа што, всушност, треба да се прави. На пример, кога е детето луто и ќе го удри своето другарче возрасните ќе му кажат дека не треба да прави така, но нема да му кажат што, всушност, треба да прави со својата лутина. На тој начин тие создаваат забрана што кога ќе се повтори неколку пати, во детската психа од конкретна се прелева во генерална забрана – „не смееш отворено да ја изразуваш својата лутина кон другите“. На овој начин детето учи дека не смее отворено да ја изрази својата лутина, но не учи што, всушност, смее да прави со неа, односно како да ја канализира. На овој начин забраната создава блокада, односно застој во флуидниот контакт на детето со неговата емоција и неговата околина. Од друга страна, доколку значајните возрасни (родителите, едукаторите, воспитувачите или другите згрижувачи) му помогнат да научи како да ја насочи својата лутина, како соодветно да ја изрази, без притоа да нанесе штета на себеси или својата околина или како да ја искористи енергијата што ја создава лутината како гориво за својата мотивација, тогаш му помагаат не само да здобие соодветна емотивна зрелост, туку истовремено и да ги развива своите способности за креативно приспособување кон околината. Поддржано на овој начин, детето ќе порасне во асертивен возрасен човек, кој ќе има здрава толеранција на лутина и ќе знае како на соодветен начин да се соочува со сопствената лутина и со лутината на другите во текот на животот.
Ова еднакво важи и за адолесцентите. Постојните едукативни програми за млади кај нас се насочени кон превенција од зависности и од низа различни ризични однесувања преку акцентирање на опасноста што ја имаат по здравјето на младите. Упатувајќи силна порака како младите не треба да се однесуваат, овие едукативни програми ги оставаат со многу малку јаснотија за тоа како треба да се однесуваат. Токму затоа е потребно создавање едукативни програми што ќе понудат поддршка и насока за да се биде во контакт со себе и со својата околина, и на тој начин ќе дадат поддршка за создавање соодветни и автентични здрави навики кај младиот човек.
Инкорпорирањето на ваквите едукативни парадигми е многу потешко и многу покомплексно од спроведувањето на претходните бидејќи, како прво, често на возрасните им е многу полесно да ги научат младите „како не треба“, отколку да ги поддржат да гледаат во морето од можности трагајќи по одговорот на прашањето „како треба“. „Како не треба“ е, генерална, забрана, која важи за сите, додека „како треба“ зависи од дете до дете и од ситуација до ситуација.
Отворените присутни родители – позитивен пример за своите деца
Доколку децата имаат блиска и поддржувачка релација со своите родители, тие ќе се чувствуваат слободни да им ги доверат своите чувства и грижи на родителите. Еден од најмоќните начини на кој можат да им помогнат е внимателно да ги сослушаат и сериозно да ги сфатат доверените чувства и тешкотии, како и да бидат отворени за потребите на детето. Тоа, можеби, ќе има потреба само да го сподели тоа што го мачи со некој што го сака, можеби ќе побара совет или мислење, а можеби ќе му треба практична помош за да направи нешто во врска со тоа што го мачи. Родители што се отворени и целосно присутни во оваа релација со своето дете, не само што му ја даваат моментната поддршка што во тој момент му е потребна на детето, туку стануваат позитивни примери за него и на тој начин го водат и насочуваат целиот негов натамошен развој.
Сепак, и најотворените и најприсутните родители не се семоќни и не се секогаш сигурни дека ги имаат сите потребни одговори. Во таквите моменти, помошта или консултацијата што можат да ја добијат од страна на стручно лице (психолог, педагог, психотерапевт и сл.) е секогаш добредојдена. Доколку родителот забележи дека детето подолго време е континуирано вознемирено, дека постои промена во неговиот апетит и режим на спиење, дека неговата вообичаената дневна динамика е забележително променета, дека способноста на детето соодветно да си ги извршува вообичаените задачи е намалена или дека почнува да се однесува на начин што не е вообичаен за неговата возраст, тогаш е добро што поскоро да се консултира стручно лице.
(Авторката е психолог-психотерапевт од „Психотерапика“ – Здружение за психологија и за психотерапија)