Илустрацијата ја нуди слободата која ми недостигаше
Андреа Бојковска работи како фриленс илустраторка. Нејзините вредности, хуморот, боите кои ги користи во нејзините илустрации, но и нејзината проактивност и иницијативност, беа клучните елементи поради кои токму со неа ја реализиравме соработка за втората едиција на „Добрите картички“ на „Лице в лице“.
Едно од најраните сеќавања кои ги имам за себе е чкртање со боички на задната страна на испечатени хартии кои баба ми ми ги носеше од работа. Тие боички некако останаа со мене и до ден денес, и моето омилено хоби стана моја професија, вели младата илустраторка Андреа Бојковска. Таа е авторка на цртежите кои нашата публика има можност да ги види на втората едиција на „Добри картички“, новите производи на Платформата за одржлив развој. Картичките се достапни кај нашите продавачи во Скопје, Струга, Битола, Неготино и во Охрид, а го задржуваме и принципот 50-50, по кој сме препознатливи.
Овие 10 картички се дел од втората едиција „Добри картички“ на „Лице в лице“, креирани во соработка со илустраторката Андреа Бојковска
За „Лице в лице“ е важно да дава видливост на млади талентирани луѓе, но од кога Андреа за прв пат ни пиша во инбокс на „Инстаграм“, до сега, за реализација на соработката, поминаа цели три години. Тоа ни е и уште еден доказ дека, за работите навистина да „се поклопат“ квалитетно, потребно е време. Ајнштајн вели дека времето е релативно, а неговата единствена вредност зависи од тоа што правиме додека тоа поминува.
И навистина, многу работи се направени од првиот чет со Андреа, до сега, кога кај нашите продавачи ги имаме новите картички. Оваа мисла на познатиот Нобеловец не се најде на „Како си“- картичките (како што ги нарече нашата уредничка Анета Ристеска, која ги креираше речиси сите текстуални пораки на нив), бидејќи, во овој случај, времето е неважно. Важни ни се добрите мисли и вредностите кои ги споделуваме со драгите луѓе, важна ни е грижата за другите (и себегрижата), за околината (печатени се на рециклирана хартија), за планетата и сите нејзини жители, како и инспиративните моменти, кои, кога ќе се споделени, секогаш носат нова вредност.
„Моите дела споделуваат моќни пораки преку умни концепти. Креирам композиции исполнети со несовршени ликови, разиграни форми и (не секогаш суптилна) смисла за хумор. Преку ова, во илустрациите се обидувам да воведам некои од моите поважни вредности, како што е грижата за менталното здравје, уживањето во мигот и разиграноста“, вели Андреа.
Бојковска работи како фриленс илустраторка. Таа живее и работи во Љубљана, Словенија. Неретко доаѓа во Македонија, во нејзиното родно Куманово. Нејзините вредности, хуморот, боите кои ги користи во нејзините илустрации, но и нејзината проактивност и иницијативност, беа клучните елементи поради кои токму со неа ја реализиравме соработка за втората едиција на „Добрите картички“ (повеќе за првата едиција на овој линк).
Секогаш ни е драго кога креативни луѓе сакаат да се приклучат на нашата мисија. Така, бевме пријатно изненадени кога во нашиот инбокс стигна ваша иницијатива за соработката со „Лице в лице”. Зошто инициравте соработка со „Лице в лице“?
Стремам кон работа со брендови и организации чии вредности ги почитувам. И особено се радувам кога имам можност да соработувам со такви брендови од нашата земја
Процесот на продукција на картичките подразбираше дека тимот на „Лице в лице“ креира концепт за намерата на картичките и слогани, а потоа се прават илустрациите. Кое ви беше првичното чувство и инспирација кога ги видовте реченичките кои се наогаат на картичките?
Размислував со кои елементи уште повеќе да ја истакнам позитивната нота која ја имаат речениците. Мојот стил често содржи хумористична нота, и се радувам кога ќе работам на проект каде што може да ја употребам 🙂
Мурал на Бојковска, кој беше дел од културниот центар „Јадро“ во Скопје
Зошто ја одбравте професијата илустраторка? Што ви е најважно во овој дел?
Цртањето е важен дел од мојот живот од кога паметам за себе си. Од опциите што се нудеа за студии избрав архитектура, завршив и работев неколку години во струка. Кога случајно открив што е илустрација, и дека е професија која многу повеќе ми одговара, решив да пробам да го работам тоа. Илустрацијата ја нуди слободата која ми недостасуваше – слобода во креирање, во пронаоѓање себе си и својот стил, можноста за фриленсинг, и концептуалното размислување.
Каква порака имате до младите илустратори или оние кои се двоумат да ја имаат илустрацијата како професија? Што е важно да знаат, кој совет би им го дале?
Да работат на својот стил и персонални проекти, да побараат помош од арт директор или поискусен илустратор за преглед на портфолиото и совети, само иницијативно да пишуваат на потенцијални клиенти со кои би сакале да соработуваат. Природата на оваа професија понекогаш бара и финансиска подпора од друга парт-тајм работа, особено на почеток. Но тоа не значи дека не сме доволно добри! Тоа ни помага да помирно може да ја развиваме и негуваме нашата работа.
Koja e Андреа, приватно?
Приватно се трудам да имам што повеќе офлајн активности 🙂 Секој ден сум по паркови со моето кученце Џина и секоја прилика ја користам за дружење со блиските. А батериите ги полнам кога патувам. Новите места ме вадат од комфортна зона и ме инспирираат.
Која книга би jа препорачале на нашата публика и зошто?
Остин Клион (Austin Kleon) има неколку книги кои се корисни за секој креативец. Ми имаат помогнато за самиот процес на генерирање на идеи. Вон стручна литература, стилот кој ми се допаѓа во литературата е магичен реализам, па би ги издвоила делата на Харуки Мураками и на Габриел Гарсија Маркез.
Кој филм, серија, музика, поткаст… би го препорачале на публиката на „Лице в лице”? Зошто?
Creative Pep Talk е препорака за секој креативец. Подкастот опфаќа теми и предизвици низ кои поминуваме сите во нашите креативни кариери, дава совети и вежби како да ги надминете истите, на супер креативен и забавен начин.
Работата на Aндреа може да ја видите тука.
Погледнете ја галеријата на 10-те нови „Добри картички“ Vol.2, кои „Лице в лице“ ги креираше заедно со Андреа Бојковска