Анѓаул – крик против монотонијата и непродуктивноста
Во минатото човековите заедници биле доминантно аграрни т.е. земјоделски. Луѓето и живеејќи и работејќи на исто место, односно на иста земја (почва), произведувале доволно за да ги задоволат своите основни потреби. Денеска, работите стојат многу поинаку. Ние во градската средина произведуваме луксузи, додека производството на храна останува во рацете на малкумина. Токму од оваа причина, се соочуваме со се повисоки цени, но и со послаб квалитет на производите. Ние практично сме им ја довериле најважната работа од сите на малкумина.
Марија Давкова
Што ако формираме земјоделски задруги како места за наше постојано живеење и работење, за да отпочнеме да живееме посамоодржливо? Можете ли да се замислите себеси со барем уште девет други индивидуи со кои заемно се помагате како во работни процеси – така и во оние наједноставни секојдневни димензии кои го сочинуваат сечиј еден живот?
Анѓаул е визија која не е ниту прва, а веројатно ниту последна од визиите на личности кои ги увиделе потребите за отпочнување на нови автентични проекти за самоодржлив, но и рамномерен развој на една земја. Таа е визија налик онаа од проектот наречен Венус или заедница која потсетува на оние на кибуците. Интересно е што не е ни малку инспирирана од нив туку тие се пресретнати долж процесот на нејзино збогатување… Впрочем, родена е сосема засебно и е идеја со изворно потекло од нашето поднебје за која и те како постои потреба.
Се родила како насушна потреба во текот на еден специфичен период кога авторката повеќе од било кога била во позиција да ги согледа реалните потреби на една заедница. Бидејќи одредени делови од нашата Република се пренаселени (се мисли на градовите, а особено на Скопје), други остануваат целосно ненаселени. Затоа, можеби е дојдено време да почнеме конечно да размислуваме како да го искористиме најзастапениот, но истовремено и најзанемарениот ресурс од нашето поднебје.
Во минатото човековите заедници биле доминантно аграрни т.е. земјоделски. Луѓето и живеејќи и работејќи на исто место, односно на иста земја (почва), произведувале доволно за да ги задоволат своите основни потреби. Денеска, работите стојат многу поинаку. Ние во градската средина произведуваме луксузи, додека производството на храна останува во рацете на малкумина. Токму од оваа причина, се соочуваме со се повисоки цени, но и со послаб квалитет на производите. Ние практично сме им ја довериле најважната работа од сите на малкумина.
Нејзиниот став се состои во тоа дека „доколку сите или барем мнозината граѓани пред да бидат доктори или адвокати, полицајци или социјални работници бидат и земјоделци“, тогаш ова општество може да прерасне во целосно самоодржлива заедница. Зарем не е бесмислено да работиме изведени (дериватни) работи (професии), кога примарната е производство на храна и прехрамбени продукти? Зарем може адвокатот да застапува некого со празен стомак? Или докторот да оперира без да е сит? Точниот одговор е јасен.
Македонија е изразито богата земја. Тоа е поради фактот што нејзин главен и најзастапен ресурс се плодните почви погодни за растење на изобилие од култури. Истото важи и за извонредните услови за сточарство и живинарство, но и за пчеларство доколку ја насадиме оваа Република соодветно на потребите на овие гранки.
Да приспоменеме нешто повеќе за Анѓаул…
Се работи за проект – визија за заедничко солидарно живеење на повеќемина. Истите би биле членови на правно друштво од типот на „земјоделска задруга“, а би ја одиграле својата улога на земјишта дадени под концесија од страна на државата. Фактот дека многу луѓе кои се принудени да се обучуваат да бидат правници, економисти, филозофи, доктори, програмери, псхолози и тн. го прават истото бидејќи немаат друга алтернатива, а сепак прашањето на материјална егзистенција останува во голема мера недорешено. Ова се должи на хиперпродукцијата на високообразовани кадри како и немањето соодветни работни места за нив по комплетирањето на избраните обуки. Овој факт, ме натера активно да размислувам на тоа што е она кое секогаш ќе биде „ин“. Ин во смисла на тоа дека човекот секогаш ќе има потреба од него, како и придобивка од негово практикување. Да се биде обучен за земјдоделие, сточарство и живинарство никогаш нема да е на одмет. Единствено кое недостига е имот (земјиште) каде таа дејност би се вршела на целосно легален начин. Затоа се приспоменува токму правниот инситут „концесија“ кои подразбира давање земјиште на користење за дадени услови утвреди со договор. Концесија, зошто… Токму поради фактот дека постојат многу граѓани кои ниту на сон неможат да си дозволат да купат сопствена земја бидејќи не поседуваат доволно средства. Токму поради тоа дека не е исто да работиш сам на одредено парче земја наспроти другото сценарио, да работиш заедно со уште неколку луѓе слични на тебе. Што е поефективно, што мислите? Токму со помош на овој тип алатки, не би дошло до непотребно школување на многу од младите, барем не во смисла на идна зацртана професија од која заедницата нема реални потреби, а би се отвориле цел спектар на нови можности…
Одлуката да се поделат задругите по категории, некои според вид на произведуваната храна (веганска, вегетаријанска задруга), други според старосните генерации на членовите (пензионери, млади до триест години, средновечни од четириесет до педесет), трети според вероисповед (исламска заедница, христијанска, јогиска заедница), четврти според одредени специфики (задруги за самохрани родители, за брачни парови без деца, за брачни парови со деца) е кристално јасна.
Здружувањето на луѓе со слични особености е клучно за функционирањето на било која заедница. Така е бидејќи сличностите не зближуваат, а разликите не оддалечуваат едни од други. Верувам дека на ваков начин работењето и живеењето би биле далеку похармонични отколку кога би сочинети од граѓани со различни поимање на светот и поинакви верувања.
Анѓаул е идеја родена во 2022 година. Од тогаш до денес, малку по малку е надополнувана и обогатувана. Постои и видео од замислена прото-заедница која се базира на кажаното. Изработена е од архитект од студио Амата со седиште во Скопје.
To be continued…
(Авторката е магистриран правник на Правниот Факултет “Јустинијан Први” на катедрата по “Меѓународно право и меѓународни односи”. Таму за прв пат се сретнува со идеалистичките теории од типот на утилитаризам и утопизам. Сепак, проектот “Анѓаул” својот зародиш го пронаоѓа во креативната инспирација како и љубовта произлезени од мајчинството. Нејзината визија се однесува на формирање самоодржливи земјоделски заедници (задруги), но воедно е и крик против монотонијата и непродуктивноста кои владеат во градовите, каде според неа нема доволно производство за сите да биде сити и задоволни. “Едноставно краставици не растат на асфалт, а уште помалку задоволството од одгледување на истите”, вели таа. Затоа, предлага активно концесионирање на државни земјишта од страна на групи граѓани кои ќе ги одржуваат, ополеменуваат и исползуваат имотите за кои претходно би склучиле договор со државата.)