РАЗГОВОР СО ЕЛЕНА ДИМИТРИЕВСКА, РЕЦИПИЕНТ НА БУБРЕГ ОД СВОЈОТ ТАТКО
Живот. Дарувањето орган за мене е живот. Продолжување на животот онака како што секој човек заслужува да живее. Без болки и мисли „дали ќе најдам донор, како ќе помине дијализата, дали ќе најдам лекови, како ќе реагира моето тело на тие лекови“.
Анета Ристеска
На само 27 години, Елена Димитриевска, млада жена, во 2012 година се соочила со тешка здравствена состојба – проблеми со бубрезите.
Нејзиниот живот драстично се менува кога нејзиниот татко одлучува да ѝ го дарува својот бубрег, овозможувајќи ѝ вторa шанса за живот. За жал, тој починува кратко по трансплантацијата, но, неговиот дар продолжува да живее во неа, давајќи ѝ нова сила и надеж.
Три годинини по операцијата, Елена останува бремена, носејќи нов живот во себе.
Таа е можеби единствената во Македонија која станала мајка и родила здраво бебе после направена трансплантација на бубрег.
Оваа приказна е одраз на огромната волја за живот, љубовта и жртвата на еден татко, и дарот што продолжува да се пренесува преку идните генерации.
Разговараме со Елена за важноста на семејството, дарувањето органи, и како љубовта и блискоста можат да дадат сила во најтешките моменти.
Може ли да ни опишете како ја доживеавте ситуацијата кога дознавте дека имате проблеми со бубрезите, и како ја донесовте одлуката да примите бубрег од вашиот татко? Какви емоции ве следеа во тој момент?
Во тој период почнаа да ми се појавуваат модрици и на најмал допир. Отидов превентивно кај матичната докторка да проверам за што станува збор, и по направена детална крвна анализа констатирано е дека креатининот ми е 1200, што претставува опасност за секое лице. Таа под итно ме испрати на Клиника за нефрологија каде што ми беше кажано дека ќе мора да се прима дијализа и ќе ми стават катетар. Искрено поради недоволна информираност, сè ова ми изгледаше како да ќе треба да примам инфузија, но, ни навидум не изгледаше така. За жал, се излажав!
Ми беше загрозен животот, и организмот тешко ми се прилагодуваше при дијализа. Затоа моите родители се одлучија да направат испитувања за да се направи трансплантација, за да не поминувам низ сите тие маки на кои што бев подложена. Во таа безизлезна ситуација, татко ми само ја прегрнал мајка ми, и ѝ кажал да не се секира. Резултатите ги очекувавме со нетрпение. И навистина, татко ми стана донорот на мојот бубрег. Мојот спасител.
Бев многу среќна и многу тажна во исто време. Среќна, затоа што се најде решение за мојот проблем, ќе си го продолжам животот. Тажна – зошто ова нас да ни се случува? Измешани емоции.
Како се промени вашиот живот по трансплантацијата и како го чувствувате неговото присуство во вашиот живот, сега преку тој дар?
Мојот живот и животот на моите најблиски драстично се промени. Јас почнав нормално да функционирам како секој здрав човек. Секако примам соодветна терапија, а моите најблиски се среќни за тоа што ме гледаат среќна и исполнета со живот.
Сега дел од татко ми живее во мене, иако повеќе тој не е меѓу нас. Неговото присуство го чувствувам емотивно во душата. Носам негов жив орган за кој совесно се грижам да не згасне, да живее и да се радува на секои моменти заедно со мене.
За жал, татко ми нè напушти прерано, се разболе од карцином на грло и изгуби глас. Јас постојано го посетував и комунициравме преку пишување. Еден ден, свесен за ситуацијата во која што се наоѓа, ми напиша да не се грижам, и дека кога ќе почине – да го извадат и другиот бубрег и да ми го дадат, затоа што нему немало да му треба… Мојот татко со секој свој здив сакаше да ја избрише тагата и загриженоста на моето лице.
Три години после трансплантацијата, останавте бремена. Како ви даде таа новост сила и мотивација да продолжите понатаму и да се справите со сите предизвици?
Две години после трансплатацијата нè напушти човекот кој што по втор пат ми даде живот, почина мојот татко, мојот донор.
За многу кратко време, на цела таа тага, јас дознав дека сум бремена, иако шансите за бременост на трансплатирана личност со мојата дијагноза се скоро и невозможни. По природен пат останав бремена и тоа ми беше единствена светла точка во тој момент. Веднаш отидов на Клиника за нефрологија, кај професорот Нинослав Иванов за да ја споделам убавата вест. Професорот ме прегрна и ми кажа да не се грижам, да продолжам со редовни контроли на ГАК и на Нефрологија и да се породам со царски рез, сè со цел да не настрада бубрегот.
Единствено што во тој момент размислував беше како да износам и родам здраво бебе.
Кога го носевте вашето дете, во вас беше и бубрегот кој ви го даруваше вашиот татко. Како влијаеше тоа на вашето чувство за блискост и љубов кон него, како и на чувството за нов живот?
Во текот на бременоста бев загрижена, и за бебето и за бубрегот. Свесна бев дека бебето расте и има можност да настанат компликации со секое негово движење, затоа што трансплатираниот бубрег мене ми е позициониран во стомакот, поради тоа и беше големата загриженост. Но, за среќа бебето беше позиционирано со главчето до бубрегот и скоро да не чувствував воопшто удари и превртувања. Мирно бебенце.
Чувствата не можат да се опишат, тоа само се доживува.
Иако татко ми немаше можност да се запознае лично со моето дете, мојот син е прв што се запознал со мојот татко и тоа во мојата утроба. Под моето срце се бореа да опстанат и заедно се поддржуваа. Јас најискрено верувам во тоа.
На почеток од осми месец се роди Константин, здраво и живо машко дете, родено по природен пат, без никакви компликации. Константин е сега успешен ученик во трето одделение и животот го живее во полна пареа.
Што за вас претставува дарувањето на орган? Како го гледате значењето на дарувањето на органи во однос на спасувањето и продолжувањето на човечки животи?
Живот. Дарувањето орган за мене е живот. Продолжување на животот онака како што секој човек заслужува да живее. Живот без болки и мисли „дали ќе најдам донор, како ќе помине дијализата, дали ќе најдам лекови, како ќе реагира моето тело на тие лекови“.
Секој што има можност да дарува би било добро да направи таков гест затоа што преку тоа се искажува хуманоста и добрината на секој поединец. Со самото дарување на органот, и органот од донорот продолжува да живее во лицето на кое што му е многу потребен тој орган. Животот продолжува.
Како ова искуство влијаеше на вашето семејство? Дали ве зближи на некој поинаков начин? Што би им порачале на другите за важноста на семејната љубов и поддршка во најтешките моменти?
За одговор на ова прашање јас би се навратила на почетоците. Во моментот кога прв пат отидов на дијализа, на мое прашање дали ќе имам дечиња, од едно медицинско лице ми беше кажано дека прво треба да се преброди мометот на дијализа, трансплантација, па после да се размислува понатака, но, дека многу тешко дека некогаш ќе бидам мајка. Во тој момент влезе мојот сопруг Ивица, јас го погледнав и му кажав за што размислувам и за што сум се распрашувала. Иако со тешко срце, но, несакајќи да бидам себична, му кажав дека можеби никогаш нема да можам да имам дечиња, и ако сака дека може да се разведиме. Во тој момент Ивица ми кажа дека заедно ќе се избориме да биде сè како што треба и ако треба ќе си посвоиме дете, но, љубовта мора да победи. И после 15 години брак, ние со Ивица сме заедно, поминавме низ различни борби, убави и не многу убави мигови, но љубовта, вербата во Господ и обостраната поддршка победија сè.
Поддршката од семејството е многу битна, во вакви моменти може да се види кој дава поддршка. Кога зборувам за поддршка мислам повеќе на емотивнатa. Од моето искуство, можам само да кажам дека моето семејство беспрекорно и несебично ми ја даде и сè уште ми дава поддршка, затоа што само сплотени заедно можеме да пребродиме сè.
Голема благодарност до моето семејство, до сите познаници, до Здружението „Нефрон“, но, најмногу до мојот херој, мојот татко Стојче, мојата мајка Светле која постојано беше покрај мене, мојот сопруг Ивица, кој е рамо до рамо со мене во секој дел од мојава борба и мојот син Константин кој ми е ѕвезда водилка понатаму во животов.
Би порачала, живејте го животот и радувајте се на секој миг!
Погледнете го видеото со Елена
Видео:Теодора Мијакоска
Фотографии: Теодора Мијакоска и приватна архива на Елена Димитриевска
Прочитајте и други теми
- Панел дискусија во „Јавна соба“: Родовата еднаквост – клуч за спречување на насилството врз жени и девојчиња
- Мирко Илиќ и „Толеранција“ доаѓаат во Скопје
- „Мојот антикорупциски дневник“ – младите против корупцијата преку едукација и отпорност
- Нема оправдување за насилството врз жените и девојчињата
- За забоболка одиш на забар, за душата – што правиш?