Лице в лице

Цената на траумата: Како жртвите на насилство да се зашитат од двојна виктимизација?

Двојна виктимизација - фотографија со жена на испокината хартија

Зошто системот потфрла и кои практики навистина им помагаат на жртвите при пријава на насилство?
Оваа содржина претставува сублимат на над 300 страници насоки за водење деликатни разговори со жртви, со фокус на нивната траума и потреба од заштита. Развиени од релевантни меѓународни институции, меѓу кои Обединетите нации и Советот на Европа, врз основа на искуства од жртви и експерти, тука пренесуваме конкретни и применливи чекори за постапување. Нивната примена во домашниот контекст може да придонесе за поголема доверба во институциите, посензитивен пристап кон траумата и поефикасни постапки. Воедно, тоа би ја охрабрило жртвата да проговори и би го намалило ризикот од повторна повреда и двојна виктимизација (овторно нанесување штета преку институционален однос, недоверба или несоодветна постапка по пријавата).

Пишува: Лени Фрчкоска
Фотографии: Freepik.com

Во многу краток период посведочивме настани кои покажаа дека жртвите на физичко и/или сексуално насилство во Македонија имаат реална основа за страв од двојна виктимизација. Изминатите години, институциите се покажаа непрофесионални во проценката на ризик и неспособна да ја заштитат жртвата, која неретко остануваше на (не)милост на насилникот.

Такви се примерите со Ивана и нејзината ќерка Катја, Росица и нејзиниот татко, како и случајот „Јавна соба“, каде беа казнети само основачите, додека стотици корисници кои споделувале приватни фотографии не беа санкционирани. Кратко потоа се појави и „Ромска јавна соба“, без институционален одговор.

Кога наместо заштита, институциите релативизираат

По ваквите пропусти, често следуваат релативизирачки соопштенија од МВР, наместо јасни санкции и дисциплински мерки.

Останува нејасно зошто угледот на институцијата се штити со негирање на очигледното, наместо со одговорност и санкционирање на непрофесионалното постапување. Оваа институционална неодговорност дополнително ги обесхрабрува жртвите, токму во момент кога се најранливи, да се обратат за помош.

Зошто жртвите молчат или доцна пријавуваат?

Јелена Вељковиќ, психолошка советничка и психотерапевтка, авторка на „Белешки од психотерапијата“, има направено листа на причини зошто жртвите на сексуално насилство, често задоцнето (ако воопшто) пријавуваат насилство. Нејзината цел е да ја подигне свесноста за она што им е потребно на жртвите кога проговоруваат јавно во насока на длабоко разбирање и поддршка.

Една од клучните точки кои Вељковиќ ги потенцира гласи:

„Властите не си ја вршат работата како што треба. Има многу приказни за жени кои пријавуваат насилство, малтретирање, злоставување, а за возврат добиваат потсмев, саркастичен коментар или незаинтересираност и недејствување“.

Културата не се менува преку ноќ, туку преку ситни секојдневни практики. Тие се засновани на идејата за хуманост и емпатија со личност која поминала тешка траума. Постојат како одговор на едноставното прашање: Како жртвата да не се одврати од поривот да пријави?

Во таков контекст, текстот предлага едноставни практики за поддршка на жртвите, во моментот кога пријавуваат насилство, како и технички елементи кои би ја заштитиле жртвата (почесто жена или дете, но во поретки ситуации и маж) од повредата на двојната виктимизација (повторно нанесување штета на жртвата преку институционален однос, недоверба или несоодветна постапка по пријавата).

Закон наспроти пракса во Македонија

Сексуалното насилство и силувањето се кривични дела што се гонат по службена должност. Кривичниот законик ја има усогласено дефиницијата на силување со концептот на недостиг на согласност, што претставува значајно приближување кон европските и меѓународните стандарди. Од аспект на материјалното право, ова е суштински напредок. Сепак, кога ќе се влезе во процесната рамка, ситуацијата станува покомплексна.

Ана Аврамовска – Нушкова, правна советничка и проектна координаторка во Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, ја објаснува процедурата за пријава на ваков вид насилство во земјава, но и укажува на реалната состојба.

– Законот за кривична постапка предвидува собирањето докази, особено форензички, да се врши по наредба на јавен обвинител. Паралелно, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство предвидува центри за упатување жртви на сексуално насилство. Овие центри обезбедуваат итна медицинска помош, психолошка кризна поддршка, судско-медицински преглед, како и правна и безбедносна помош.

Во моментов функционираат три вакви центри – во Скопје, Тетово и Куманово. Сместени се во здравствени установи и се под раководство на Министерството за здравство – објаснува Аврамовска – Нушкова.

Таа додава дека упатувачките центри функционираат согласно Стандардна оперативна процедура (СОП), која формално предвидува мултисекторски пристап и достапни услуги преку пристап насочени кон жртвата.

– СОП предвидува форензичките докази да ги зема лекар специјалист по судска медицина по наредба на јавен обвинител, во присуство на гинеколог – вели таа.

Каде системот „пука“?

На нормативно ниво, системот изгледа структуриран и усогласен со современи стандарди сепак со простор за негово доусовршување.

– Во пракса, функционирањето на центрите укажува на исклучително мал број случаи кои ги користеле нивните услуги – објасни Аврамовска-Нушкова.

Како реална слабост, таа ја потенцира праксата, форензичките докази често да не се земаат во самите упатувачки центри, туку жртвите се упатуваат во Институтот за судска медицина. Слабост е и непостоењето на систем за складирање форензички докази доколку жртвата не сака веднаш да поднесе кривична пријава.

– Пристапот насочен кон жртвата подразбира таа да има време, простор и контрола врз одлуката дали ќе поднесе пријава. Но, процесната логика на кривичното право бара итно институционално вклучување. Токму тука се појавува јазот меѓу концептот и практиката- вели таа.

Истанбулската конвенција – обврска без целосна имплементација

Ратификацијата на Истанбулската конвенција се случи во Собранието на 23 март 2018, а стапи на сила во јули стата година. Аврамовска – Нушкова објасни што значи тоа во контекст на пријавите за сексуално и физичко насилство и што е државата обврзана да примени, како потписничка на конвенцијата.

– Во делот на сексуалното насилство, Конвенцијата бара воспоставување специјализирани сервиси како кризни центри за жртви и центри за упатување на жртви на сексуално насилство. Тие треба да обезбедат итен медицински третман, форензички преглед, психолошка поддршка и соодветно советување – вели таа.

Појаснува дека истите треба да бидат воспоставени и обезбедени од државата потписник на Конвенцијата. Во објаснувачкиот извештај кон Конвенцијата пак, објаснува Аврамовска- Нушкова,  како добра европска практика е посочено, форензичките докази да можат да се земат и складираат без жртвата веднаш да мора да одлучи дали ќе пријави:

– Тоа ѝ остава време и простор за одлука во сопствено темпо, без притисок дека медицинскиот преглед автоматски значи влез во кривична постапка.

Напредок на хартија, проблеми во пракса

Аврамовска – Нушкова посочува дека, во извештајот GREVIO од 2023 година, нагласено е дека законската дефиниција за силување во државата е усогласена со принципот на недостиг на согласност, но има проблеми во практичната примена. Се посочува дека жртвите немаат можност да зачуваат форензички докази ако не пријават веднаш, што ја ограничува нивната автономија, а обврската за пријавување го отежнува пристапот насочен кон жртвата. Дополнително, иако постојат центри за помош, тие не се целосно развиени како сеопфатни кризни центри, недостига долгорочна и стабилно финансирана психолошка поддршка, а користењето на услугите е многу ниско, што укажува на проблеми со достапноста, довербата и видливоста.

– Државата направи важни чекори во усогласување на законодавството со Истанбулската конвенција, особено во материјалното право. Сепак, во практичната имплементација, особено во делот на функционирањето на упатувачките центри, автономијата при собирање докази и доследната примена на пристап насочен кон жртвата системот сè уште не ги достигнува целосно стандардите што ги поставува Конвенцијата – вели таа.

Oсновното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОJO ГОКК), настапува откако жртвите го остваруваат првиот контакт со полициски службеници и со социјални работници. Фокусот не е веднаш на формалното сослушување. Првиот чекор најчесто е неформален разговор во кој јавниот обвинител, во присуство на адвокатот на жртвата, педагог, психолог, полицискиот инспектор и социјалниот работник, настојува најнапред да го „скрши мразот“.

– На оваа прва средба не се поставуваат тешки прашања и не се бараат детали за настанот. Се зборува за тоа кој е кој во просторијата, зошто сите се тука и што ќе се случува понатаму. Текот на постапката се објаснува на јасен и разбирлив начин, со посебна емпатија кон жртвата – велат од обвинителството.

Понатаму, објаснуваат тие, жртвата се запознава и со просторијата во која ќе се врши сослушувањето, со цел да се намали чувството на неизвесност и страв, а во овој дел од разговорот воопшто не се навлегува во самиот настан.

Жртвата добива јасна порака дека не мора веднаш да зборува, дека може да направи пауза кога ќе почувствува потреба и дека разговорот ќе се одвива со почитување на нејзините граници – внимателно, со ненаметлив јазик и без притисок, со цел да се избегне повторна траума. Се настојува жртвата да не мора повеќепати да го прераскажува истото искуство, а темпото на разговорот во голема мера го диктира самата таа- објаснуваат од ОJO ГОКК.

Што правиме со децата жртви на насилство?

Во просторите на ОЈО ГОКК од неодамна е отворена т.н Пријатна соба, просторија адаптирана за разговор со деца жртви на насилство. Нејзиното отворање е резултат на чувствителноста на разговорот и дополнително, на посебните законски одредби што се однесуваат на заштитата на децата жртви.

Законодавството предвидува засилена и специјализирана заштита на децата жртви, уредена во посебен дел од Законот за правда за децата, каде детално се разработени нивните права и мерките за нивна заштита. Од ОJO ГОКК велат дека целта на оваа мерка е детето да не биде изложено на повторни сослушувања и повторно преживување на трауматичниот настан.

– Иако судот е органот кој формално ги определува овие посебни мерки на заштита, законодавецот тргнува од реалната состојба дека првото испитување на детето најчесто се врши пред јавниот обвинител – велат од таму.

Посочуват дека средината се прилагодува во зависност од возраста на детето, со цел да се намали стравот и да се создаде чувство на нормалност.

– Жртвата во оваа соба може да игра, да црта, да се одмори, да чита, едноставно, да се чувствува пријатно и безгрижно. Во такви услови, децата полесно зборуваат, а разговорите се водат преку стручни обучени лица, со јасна цел детето да биде заштитено од дополнителна траума.


Од ОJO ГОКК објаснуваат и дека собата е изолирана од другиот простор во зградата, има посебен влез, посебен тоалет, озвучена е и видео покриена.

– Оваа соба е линковски поврзана со просторија за распитот на осомничениот и неговиот бранител, со цел жртвата и сторителот да немаат можност да се сретнат. Исказот на жртвата се следи на монитори и по електронски пат можат да поставуваат прашања, кои во нивно име на жртвата ги поставува јавниот обвинител – го објаснуваат процесот од ОJO ГОКК.


Од нејзиното пуштање во јули 2025 година до денес, обвинителите од ОЈО ГОКК ја имаат користено во пет различни случаи за сослушување на деца жртви. Дополнително, оваа соба можат да ја користат доколку е потребно и другите обвинителства кога имаат потреба да сослушуваат деца жртви.

Пристап кој ја има предвид траумата и нејзините последици

Соодветни тела на Советот на Европа  и Организацијата на Обеднетите нации (ООН) редовно објавуваат насоки при испитување и разговор со жртви на физичко и/или сексуално насилство. Заедничка основа е пристапот кој ја има предвид траумата и нејзините последици – инструкци засновани на терапевтски искуства и согледби според кои разговорт со жртва која искусила таков тип на траума треба да се разликува од разговор со осомничено лице.

Според ООН пристапотинформиран за траума подразбира свесност декапоединци имаат уникатни реакции на претрпената траума и дека пријавата може да носи физички и психосоцијални ризици и последици за жртвата. Дополнително, траумата влијае врз меморијата. Вообичаена последица е жртвите да имаат потешкотии да ги поставатнастаните во хронолошки редослед, што често води кон погрешно уверување дека сведочењето на подносителот на пријавата нема кредибилитет.

Митови за силување и институционални предрасуди

Советот на Европа во студија за Босна и Херцеговина, истакнува нешто кое се повторува и кај нас: во серија сведочења на жртви за искуства со полицијата, се гледа недостаток на сензитивизација кај дел од полициските службеници и предрасуди во однос на профилот на личноста која пријавува. Се потенцира дека истражителите и обвинителите треба да бидат свесни за сè уште широко распространетите „митови за силување“.
Ова е особено изразено во општества каде што сè уште постојат митови за силување, како на пример дека некои жени се „помалку вредни за да им се верува“ или дека жените се склони да „лажат“ за искуства на сексуално насилство. Ваквите штетни уверувања создаваат контекст на сомнеж и недоверба, што дополнително го отежнува пријавувањето на искуства на сексуален напад. Стравот дека нема да им се верува, претставува длабока пречка за откривање кај жртвите.

Како траумата влијае врз сведочењето?

Дополнителна препорака е испитувањето да се одложи најмалку два циклуса на спиење по трауматскиот настан. Ова се темели на начинот на кој функционира меморијата. За време на спиењето, информациите се обработуваат и консолидираат, што ѝ овозможува на жртвата подоцна појасно да ги повика сеќавањата. Затоа, често е потребно време, најмалку две ноќи, за да може жртвата да даде поконзистентен и подетален исказ.

Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации во 2024 година објави прирачник за интервјуирање на жртви на родово‑базирано насилство со насоченост кон човечки права и пристап кој ја зема предвид траумата. Ова служи за да им помогне на истражители, офицери за човекови права и други професионалци да работат на случаи на сексуално, физичко или друго родово базирано насилство, да обезбедат безбедни и професионални разговори, со почит кон жртви и да го намалат ризикот од повторно трауматизирање на преживеаните.

Што функционира: меѓународни практики

Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена издвојува практики што покажуваат како системите можат да бидат поефикасни во заштитата на жртвите:

Во соседна Албанија, е формиран кризен центар за жртви на сексуално насилство, „Лилијан“, кој обезбедува интегрирана поддршка – медицинска, психолошка, правна, можност за собирање форензички докази, и функционира во мултидисциплинарен контекст во рамки на болнички систем.

Во Обединетото Кралство и Северна Ирска, воспоставени се т.н. „хостели за кауција“, каде осомничените сторители престојуваат додека трае постапката, што ѝ овозможува на жртвата да остане безбедно во својот дом. Лондонската метрополитенска полиција усвои „пристап насочен кон жртвата“ при истрагата на силување, што вклучува и воспоставување на три лондонски специјализирани центри („havens“), каде жртвите можат да добијат медицинска помош, поддршка и да дадат анонимен исказ.

Со Севиља, Шпанија, формирана е специјализирана полициска единица („Дијана“) која обезбедува континуирана и обучена поддршка, со цел да се избегне двојна виктимизација.

Во Австрија, Германија, Швајцарија постојат слични закони каде полицијата има овластување привремено да го отстрани сторителот од домот, со што се обезбедува непосредна заштита на жртвата.

Бразил предводи во воведувањето на специјализирани полициски единици за поддршка на жени кои биле жртви на семејно насилство. Таму е развиен е модел на специјализирани полициски станици за жени-жртви, со интегрирана психолошка, правна и социјална поддршка. Денес постојат стотици вакви единици, што придонесува за зголемено пријавување.

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Во рамки на соработка меѓу „Лице в лице“ и Мрежа „Стела“, ги објавуваме содржините кои произлегоа по обуката за препознавање родови дезинформации и справување со дигитално родово-базирано насилство. Избраните новинарки и новинари добија менторска поддршка и финансиски придонес за да ги креираат сториите. Содржините кои се финализирани ќе бидат достапни овде, на веб-страницата на „Лице в лице“, како дел од нашата мисија за видливост на инклузивни и одговорни медиумски практики кои придонесуваат кон родовата еднаквост.

Читајте ги и останатите стори од оваа соработка

Дали жените и девојките во Македонија беа безбедни во 2025 година?

Напишете коментар