Да делуваме заеднички за Кико да застане на нозе!
По сообраќајната несреќа, нашиот продавач, Кристијан Марковски, не може активно да работи, па оваа иницијатива е до сите негови поддржувач(к)и – да купат електронско „Лице в лице“ од неговата онлајн продавница, а ние, собраните средства, ќе ги вложиме за да го поттикнеме процесот на неговата рехабилитација.
Нашиот Кико сѐ уште се опоравува од страшната сообраќајна несреќа која ја доживеа минатото лето, после која беше речиси неподвижен. Неговата најголема желба за оваа година е да може да почне да се движи самостојно.
Бидејќи не е во можност да работи, му значи поддршката од сите негови луѓе. Во негово име, упатуваме порака до сите вас кои редовно купувате од него, и овој пат, да купите електронско списание – од неговата онлајн продавница. Собраните средства ќе ги вложиме во процесот за негова рехабилитација – за секојдневните физиотерапевтски услуги и друга поддршка која му е најнеопходна.
Ви пожелувам Среќна Нова 2024 година на сите! Вие секогаш ме мотивирате, и кога купувате списание од мене, картички, честитки, и кога ми испраќате поддршка преку социјалните мрежи. Така и сега, верувам дека ќе имам голема поддршка од сите вас, драги луѓе. Јас не можам да ви го донесам списанието, но можам да ви испратам виртуелни прегратки на сите! Со купување на електронско издание на „Лице в лице“, преку мојата продавничка на овој линк ја поддржувате мојата рехабилитација. Ви благодарам од срце! – вели Кико
Процесот на рехабилитација за Кико ќе биде долготраен. Неговата мајка, Соња Марковска, ни сподели дека тој ја има решителноста да истрае во намерата да застане на нозе. Таа сама се грижи за него и е негова најголема поддршка. Изминатиов период, поддржувачите на Кико имаа можност и да ја запознаат, бидејќи таа ги доставуваше честитките кои неговата верна публика ги порача од него.
Благодарна сум на целата поддршка која ја има Кико! Многумина ни помогнаа, па сум многу благодарна на Црвениот Крст на Град Скопје, на неговиот работодавач „Окитекс“, на Центарот за рехабилитација „Цар Самоил“ во Струмица… Очекувам многу скоро да добиеме и поддршка преку услугата за мобилна асистенција преку Црвениот Крст на Град Скопје. Кико таму беше долгогодишен волотнер, а сега оваа услуга ќе ни помогне – мене, во одмената, а на Кико да има друштво, кога јас завршувам други обврски – вели Соња.
Кристијан Марковски, кој публиката го знае како Кико, е дипломиран комуниколог и е долгогодишен продавач на „Лице в лице“, од редовите на партнерската организација Црвен крст на Град Скопје. Тој беше меѓу првите менторирани лица од програмата Менторство за работна интеграција (социјално менторство), преку која ги зајакна своите вештини и вработливост. „Лице в лице“ и Црвен крст на Град Скопје му се поддршка во континуитет. Минатата година се вработи, а остана да продава електронски преку неговата онлајн продавничка.
Несреќата го затекна токму кога одеше на работа, но Кико е голем борец, па ние сме сигурни дека и овој пат ќе победи.