Интерактивни приказни, Лице в лице

Дали освен сопственото, нè труе и странско ѓубре?

Дрисла Ѓубре - Фото Томи Георгиев

Повеќе податоци укажуваат на тоа дека нелегалниот увоз на отпад се намалува, но постои сомнеж дека наоѓа нелегелни патишта. Македонија со години увезува отпад, иако не знаеме да се справиме ниту со сопственото ѓубре. Kамионите, кои најчесто се товарат во земјите од Балканот, легално минуваат низ граничните премини. Постои сомнеж дали навистина носат суровина за преработка на некоја од индустриите, или нешто друго? На хартија, увозот нуди сигурност. Но, поради слабата контрола во пракса, се појавува страв за матен и нелегален влез на странски отпад. Дополнителна причина за загриженост, пак, се нелегалните патишта за реализација на овој високо профитен и животозагрозувачки бизнис.

Пишува: Валентина Вурмо
Фотографии: Томислав Георгиев, Лука Плушкоски
Илустрации: Климентина Соколовска, Дејвид Драгевски

Новинарите што ја истражувале италијанската мафија „Камора“, која се занимавала со отпад, уште во 2011 година ги предупредиле граѓаните на Балканот дека нивните земји може да станат депонија на Европа. Истакнале дека италијанската мафија се фокусирала на депониите во Албанија, Хрватска, Србија и во Македонија, гледајќи можност за „гледање низ прсти“ на локалните власти, за нелегалниот увоз на отпад.

Тие предупредуваат и дека еколошката мафија работи со забрзано темпо, бидејќи се работи за неверојатна заработувачка. Според проценките, секоја година од овие нелегални активности, бизнис-мафијата заработува 22 милијарди евра. Токму затоа, мафиите како „Коза Ностра“, „Камора“, „Ндрангета“ и „Сакра Корона Унита“ се насочиле кон бизнисот со нелегалниот отпад.

Никој со сигурност не може да потврди или да негира дали ова сценарио на италијанската мафија се остварило. Фактите се дека нашата држава, покрај домашниот отпад, со кој не знае да се справи, увезува и отпад од странство и тоа во огромни количини. 

Од друга страна, пак, токму поради неможноста или недоволната волја за дополнителни контроли на отпадот кој се пропушта во државата, невладините организации се сомневаат дека под превезот на легалниот увоз се внесува и опасен отпад за уништување. Според добро упатен соговорник, кои инсистира на анонимност, сомнежот е дека нелегалниот отпад во државата влегува како суровина, но наместо за преработка, наводно завршува низ депониите во Македонија.

-Најмала веројатност има овој отпад да оди на „Дрисла“, таму има најголема контрола. Но, затоа останатите локални депонии се без надзор. Таму се остава, а неретко депониите се палат, па тогаш се уништува и овој опасен отпад – вели нашиот извор, кој додава дека не случајно мапата на загаденост веќе одамна е проширена низ цела држава.

Од „Зелен хуман град“ веќе подолго време се залагаат за целосна забрана за увоз. Со години бараат итна измена на член 93 од Законот за управување со отпад со што ќе се забрани секаков увоз на отпад на територија на целата земја, освен отпад што содржи железо и челик и отпад од обоени метали.

-Увозот на отпад е навистина профитабилна индустрија во Македонија, вредна милионски суми и согласно на тоа инспекторите за животна средина одбиваат да вршат проверки и целиот државен апарат е ставен во заштита на увозниците кои вршат екоцид врз Македонија и ги трујат и убиваат сопстените граѓани за профит. Затоа бараме итно воведување целосна забрана за увоз на каков било отпад од страна на Собранието и Министерството за животна средина, како и воспоставување најстроги контроли и казни за секој нелегален обид за увоз на отпад и започнување со имплементација на концептот Нула отпад – велат од „Зелен хуман град“.

-Но покрај овие официјални податоци кои се самите по себе страшни, бидејќи македонските институции се неспособни да се справуваат со отпадот кој го генерираат граѓаните на Македонија, фактичката состојба е многу полоша. Според изјава од поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, ниту еден инспектор не сакал да направи контрола на увозот на отпад, посебно кога постоел ризик! Ова е и причината што немаме точни информации колку нелегален и потенцијално опасен отпад влегол во земјава, ниту каде завршил тој отпад – велат од „Зелен хуман град“.

Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска реално говори за слабостите на инспекцискиот надзор.

-Корупцијата е како рак што го разјадува општеството. Кога инспекторите прифаќаат компромиси – било од незнаење, било од притисок или мито – загадувањето станува „нормално“. Тогаш не се оди навремено на терен за да се земат мостри токму кога загадувањето на реката е најголемо, или воопшто не се земаат мостри, а јавноста се замајува со пораки дека „нема хемиско загадување- вели Петровска во интервју за „Лице в лице“.

Читај го целото интервју со Петровска

Ана Петровска: Кога инспекторите прават компромиси, загадувањето станува „нормално“

МАКЕДОНИЈА БАРА ДА УВЕЗУВА ЃУБРЕ ОД ЕУ

Она што неодамна дополнителоно го вклучи алармот на загриженост е информацијата дека државата е заинтересирана за увоз на отпад од земјите-членки на ЕУ. Податокот дека станува збор за неопасен отпад, ниту малку не ја ублажи ситуацијата, поради хроничниот проблем со загадувањето, а за кој државата со години не може да го пронајде лекот.

Македонија ја информирала Европската комисија (ЕК) дека сме заинтересирани да увезуваме неопасен отпад од ЕУ. Листата се состои од 18 видови отпад, и тоа: метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.

По ова следува фаза во која Европската комисија ќе одлучи дали државата има капацитет да управува со овој отпад, согласно законите и стандардите на ЕУ. Новата регулатива на ЕУ за увоз, извоз и транзит на отпад е на сила од минатата година, но примената ќе почне од 2027 година.

Додека се дебатира за увоз на отпад, ова е реалноста на домашното ѓубре. Фотографијата е снимена 2013 година.
Фотографија: Томислав Георгиев

Новината е што сега ЕУ воведува построги правила за извоз на неопасен отпад. Извозот на отпадот од „зелена листа“, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите, кои иако не се членки на ОЕЦД, имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.

На нашето прашање дали Европската комисија донесе одлука, односно испрати известување дали Македонија ќе се најде на листата земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ, од Владата велат дека сè уште немаат повратен одговор.

– Министерството за животна средина и просторно планирање, ја има доставено нотификацијата до Европската комисија со која ја изрази заинтересираноста на државата за можноста за увоз на неопасен отпад од Европската Унија. Во овој момент, Министерството сè уште нема добиено официјален одговор или одлука од Европската комисија во однос на тоа дали Република Северна Македонија ќе биде вклучена на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на неопасен отпад од ЕУ- ни одговорија од Канцеларијата на портаролот на Владата.

Од надлежните институции објаснуваат и смируваат дека интересот на земјата е поради новата регулатива на ЕУ, која е во насока да се спречи илегален извоз на отпад.

-Новата регулатива на ЕУ има за цел да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, за да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ – велат од Министерството за животна средина.

РАЗЛИЧНИ БРОЈКИ, НО ИСТ ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ

Според официјалната статистика, во изминативе пет години, најмногу ѓубре сме прибрале од соседите. На прво место е Косово, а потоа следуваат Бугарија, Србија и Албанија. Побаравме податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) за тоа од кои земји во изминатите пет години (од 2019 до 2025 година), сме извршиле увоз на отпад. На листата се наведени десетина, но најмногу се издвојуваат четири балкански земји.

Инфографикот е генериран со помош на Вештачка интелигенција на OpenAI, врз основа на податоци од Државниот завод за статистика.

Збирно за изминатите пет години, најмногу отпад влегол од Косово и тоа 30.751 тон, од Бугарија 28.159 тони, Србија 22.939 и Албанија 17.505. По години, пак, бројките покажуваат дека значително најмногу отпад во државата влегол во 2019 година, а минатата година најмалку. Или по години, во 2019 година бил увезен 42.480 тони отпад, следните две години по околу 15.000 тони, во 2022 година 18.169 тони, во 2023 година 16.835 тони, во 2024 година 13.105 тони и лани до ноември, влегол 12.288 тони отпад.

-Сакаме да појасниме дека во конкретниот случај станува збор за податоци за кои не постои единствена утврдена стандардна класификација – ни одговорија од ДЗС

Оттаму додаваат дека различните одговори биле поради примена на различен методолошки пристап, во зависност од контекстот и дополнителните појаснувања на тие што ги барале податоците. Па така, според останатите официјални податоци, во кои е прецизирано да се одговори колку е увозот на електричен, електронски и отпад од акумулатори, како и други отпадоци и остатоци, може да се забележи дека количините на увезен отпад се многу поголеми.

За десет години, од 2015 до 2025 година, во државата влегле 2,2 милијарди килограми отпад. Најголемата количина, поточно речиси 2 милијарди килограми отпад, границата ја поминале под царинскиот код „други отпадоци и остатоци“.

Она што се поклопува, се земјите од кои најмногу увезуваме, односно Бугарија, Србија и Косово.

Дрисла, 2013. Фотографиите се стари повеќе од една деценија. За ова време, сме „угостиле“, 2,2 милијарди килограми отпад.
Фотографии: Томислав Георгиев

Екоактивистката Лилјана Поповска вели дека имаме сериозен проблем, и тоа меѓуинституционален, поради неусогласената терминологија и номенклатура за видовите на отпад.

-Во Министерството за животна средина се води отпадот по три номенклатури, на три листи. Две се како различни шифри, зависно од тоа според која европска конвенција за отпад се систематизирани. А, третата листа е според потребите на Царина. Таа е листа со тарифни броеви. Под една номенклатура, под една шифра или тарифен број ќе го увезе некој надворешен добавувач отпадот. Овде ќе го заведат на Царина под некаков тарифен број. Во нашето министерство ќе издадат дозвола, можеби, по некоја од листите што се со шифри за дозволен отпад, но во сето тоа има поголеми или помали неусогласености и тоа може да предизвика голем проблем или голем влез на непосакуван отпад во државата. И, тука е сомнежот – објаснува Поповска.

Во сето ова сивило од сомнежи, пред пет години сепак се случи и една позитивна промена, кога беа донесени измени на Законот за управување со отпад. Дотогаш во Македонија беше дозволен увоз на отпад за преработка и за извор на енергија, а беше забранет само за складирање. Со измените се забрани увезениот отпад да се користи и како извор на енергија, а за кој најголем потрошувач е индустријата. Предлагачи на законските измени беа пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска.
Поповска посочува дека јавноста сега со право е загрижена од интересот на државата да увезуваме отпад од земјите на ЕУ, коментирајќи дека ние не знаеме да се справиме ниту со домашното ѓубре.

-Зошто се враќаме на старата патека? Со законските измени, кои беа макотрпна и повеќегодишна борба, го забранивме увозот на отпад што дотогаш се користеше како енергенс, односно за горење. Кај нас нема затворени системи, што значи дека овој отпад се гореше, а отпадните штетни материи завршуваа во воздухот што го дишевме. Затоа не ми е јасно, зошто по една таква битка, повторно да влегуваме во нови матни приказни- реагира Поповска.

ѓубре од други држави, дур не можеме да го средиме нашето - политички интегритет
Илустрацијата е генерирана со помош на ChatGPT (GPT-5-mini) на OpenAI.

СЕ ПРОВЕРУВА ИЛИ САМО СЕ ВЕРУВА НА ДОКУМЕНТАЦИЈАТА?

Увозот на отпад е регулиран со законска процедура. Дозволите што ги издаваат од Министерството за животна средина содржаат точни податоци за тоа кој има намера да го испорача отпадот и се приложуваат низа документи за движење на пратката отпад. Од товарен лист, информации и документи, кои се однесуваат на транспортерот, увозникот (капацитетот каде ќе заврши отпадот – примачот), склучен договор меѓу известувачот и примачот на пратката отпад, документ за обезбедена финансиска гаранција, до дополнителни информации, кои ја опфаќаат испораката на отпад од почетното место на испраќање до местото на прифаќање, вклучувајќи ги и привремените активности за преработка и отстранување.

Ваквиот ризик постојано демне бидејќи понекогаш карактеризацијата на отпадот што се приложува во документацијата може да биде спорна, бидејќи според нашите соговорници, не постојат соодветни услови за контрола на отпадот што се увезува, иако од Министерството тврдат дека во државата има две акредитирани лаборатории за отпад.
Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска појаснува дека акредитацијата и увозот на отпадот се две различни работи.

-При увозот пратката се проверува само во случај на сомнеж, а за процена е одговорна Царина. Порано Управата за царина сакаше да направи протокол за увоз и да се вклучат Државниот инспекторат за животна средина и Министерството, но тоа не се реализираше – вели Петровска.

Ова значи дека првиот филтер за сè што влегува во државата е царината. Нејзина цел е да се регулира што влегува во земјата. Првата проценка, дали приложената документација е во ред, и дали нешто  е сомнително, ја прават царинарите.

На прашањето, дали постои сомнеж за нелегален увоз на отпад, Марјан Калевски од „Зелен хуман град“ вели:

-Според Европската комисија меѓу 15 и 30% од отпадот кој се извезува од ЕУ земјите завршува како нелегален транспорт во некоја од земјите што не се ЕУ–членки, особено во земјите со слаба легислатива за управување со отпад и уште послаба имплементација како што е Македонија – дециден е Калевски.

Кој и како го загадува Скопје стана деловна тајна

Татјана Чакулев, од „О2 Иницијативата“ вели дека е потребно да се разграничи кој е отпадот кој се увезува. Бидејќи, како што вели таа, кога јавноста ќе слушне увоз на отпад, мисли на отпад што завршува на депонија, народски кажано ѓубре.

-Најголем дел од отпадот кој се увезува е старо железо, кое го користи „Макстил“, околу 97% од вкупниот увоз на отпад. Потоа околу 1-2% отпадни батерии и акумулатори, кои ги користи „ТАБ МАК“, околу 0,5% отпадна маст и масло за јадење, 0,1% пластика и 0,1% стакло, ситеза преработка. Во однос на нелегалниот увоз на отпад, не би можеле да кажеме дали има. Но, легално се гори петрол-кокс во тулана во Струмица кој ја загадува околината. Дивите депонии, но и официјалните општински депонии и стрништата кои горат низ земјава се главниот извор на отпад кој гори и загадува- вели Чакулев.

Во Царинската управа прашавме и дали при увоз на отпад се прават дополнителни проверки, или се дава верба на пропратната документација?

– Секој увоз, извоз и транзит на опасен и неопасен отпад, се регулира со дозволи и согласности издадени од Министерството за животна средина. Ова значи дека без дозвола или согласност не може да биде овозможено ниту внесување, ниту изнесување на ваква стока. Доколку имаме основано сомневање, го известуваме Државниот инспекторат за животна средина кој е задолжен да изврши детална контрола, а доколку е потребно и анализа во акредитирана лабораторија, по што се утврдува фактичката состојба и се преземаат потребните дејствија – вели портпаролката Наталија Скалова.

Таа додава дека од аспект на целосно сузбивање на организиран криминал со опасен и неопасен отпад, значително е зајакната националната и меѓународната соработка.

-Со користење на индикатори за ризик и фокусирање на претходно идентификувани рути и жаришта, царинските службеници вршат контроли на сомнителни пратки, со цел спречување увоз на нелегален отпад, како и супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка. Откривме два случаи со отпад во рамките на операција DEMETER IX за 2025 година, во чии рамки царинските службеници при ЦИ Слободна зона Бунарџик го стопираа транспортот, при што е утврдено дека товарните моторни возила немаат лиценца за транспорт на опасен отпад, за што беше известен Државниот инспекторат за животна средина, кој го презема понатамошното постапување по случаите – додава Скалова.

Дишеме Изговори -Климентина Соколовска - Специјална награда Лице в лице - отпад
Постер со наслов „Дишеме изговори“ на авторката Климентина Соколовска, која доби Специјална награда од „Лице в лице“ на актуелната изложба. Фотографија: Лука Плушкоски

КАДЕ ЗАВРШИ ИТАЛИЈАНСКИОТ ОПАСЕН ОТПАД?

Иако надлежните институции користат смирувачки тонови, сепак долгогодишниот проблем со загадувањето сериозно го отвара прашањето за увоз на нелегален отпад.
Иако помина речиси една деценија од шпекулациите за нелегален увоз на отпад од Италија, сепак сеќавањата се сè уште свежи. Италијанските медиуми, кон крајот на 2016 година, објавија дека опасен отпад натоварен од Италија во 1.130 контејнери тргнал кон Македонија и требало да се истовари на депонијата „Дрисла“. Според тогашните информации, пратката товарена на брод тргнала од пристаништето „Џоја Тауро“, Италија, и стигнала во Драч, Албанија, но официјално не го минала граничниот премин „Ќафасан“.
Тогаш и македонските и албанските власти негираа дека ѓубрето завршило на нивна територија, па така огромни контејнери, во кои имало по 22 тони отпад, исчезнаа преку ноќ. Како земјата да проголта 28.600 тони ѓубре, но никогаш не се дозна дали во Албанија или во Македонија.

Постер на Дејвид Драгевски, селектирано дело на изложбата на „Лице в лице“ насловена „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“.

Две-три години подоцна, се алармираше дека е зголемен бројот на заболени од рак во населените места во близина на скопската депонија. Како прво на удар беше посочено селото Батинци, но и Драчево и Лисиче. Но, овие неформални податоци никогаш официјално не беа потврдени.

Никој не се повика надлежен да направи студија, а од Институтот за јавно здравје тогаш појаснуваа дека не располагаат со прецизни бројки за заболени од рак во овие места, бидејќи регистерот низ годините не ги водел заболените стриктно по населени места, туку по општини или град.

Оттогаш се чини ништо не е сменето. Сомнежот за недозволен увоз на отпад постојано се разгорува, а надлежните и понатаму упорно тврдат дека нѐ труе само нашето ѓубре, а не и странското. Она, пак, што се менува е дека официјалните статистики на заболени од рак, на нивно на целата држава, и смртни случаи од загаден воздух, од година на година бележат раст.

Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства
Transparency Disclaimer analiza Politicki integritet KOrupcija ѓубре

Напишете коментар