Денот на добри дела здружи над 250 волонтери во земјава
Со 11 волонтерски акции, директно вклучување на повеќе од 250 волонтери и над 750 учесници, кај нас за прв пат се одржа Денот на добри дела, во кој беше вклучено и „Лице в лице“.
Младинскиот културен центар-Битола (МКЦ-Битола) го иницираше, координираше и организираше првиот Ден на добри дела во Македонија, со различни активности.
Денот на добрите дела во Македонија промовираше солидарност, волонтирање и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници. Корисници на овие акции беа ученици од основните училишта, жени жртви на семејно насилство, стари лица, лица со посебни потреби, матуранти од семејства корисници на социјална помош или од семејства со самохрани родители, болнички пациенти и други граѓани со потежок социјален и економски статус. Во оваа акција беа вклучени 7 градови со поддршка и соработка на партнерите на МКЦ-Битола: АДИ Гостивар, „Лице в Лице“ од Скопје, Организација на жени на општина Свети Николе, СППМД Кавадарци, Станица ПЕТ Прилеп и Ротари клуб Битола-Широк сокак.
Денот на добри дела е меѓународен ден на волонтерска и хуманитарна работа што започнал да се прославува од 2007 година, како иницијатива на непрофитна организација и има за цел да ги обедини луѓето од целиот свет да прават добри дела за другите жители на планетата. Во 2024 година во оваа глобална волонтерска и хуманитарна иницијатива беа вклучени повеќе од 110 земји во светот. Повеќе информации на глобалната веб страна.