„Дигитализацијата и средношколците“ – повеќе слобода и можности
Постојано истражување и следење на навиките и потребите на средношколците, инклузивни и поефикасни дигитални решенија – се дел од заклучоците на вториот од серијата настани на тема: „Дигитална трансформација на образованието“, сега, со фокус на средното образование или „Дигитализацијата и средношколците“, а во организација на Советот за дигитална трансформација (СДТ) при Институтот Хајделберг, Сојузот на средношколци на РСМ и Американските совети за меѓународно образование (ЈЕС алумни програма).
„Зошто дигитализација? Затоа што корисноста ја имаме сите. Дава повеќе време, повеќе можности, повеќе слобода – едноставно овозможува да го контролираме сопственото време. Затоа Совет за дигитална трансформација при Институтот Хајделберг, кој го препозна ова што се случува во Западен Балкан, ги препозна и недостатоците, но и можностите, следејќи го германскиот и другите западноевропски модели. Заедно работиме на тоа дигиталната трансформација да биде одржлива и во функција на сите граѓани.“ – изјави комуникологот Бојан Кордалов, кој е претседател на Советот за дигитална трансформација.
Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ е единственото национално претставничко тело на средношколците во земјата. Сојузот ги обединува средношколците од сите етникуми и вери, дава свој придонес во подобрувањето на квалитетот на образованието и ги поттикнува средношколците да придонесат за својата заедница преку нивното активно учество во процесот на донесување одлуки.
„Кога се затекнавме со кризата со коронавирусот, првото решение донесено беше целосна онлајн настава, каде генералниот став на ССРСМ беше комбинирана настава (недела дома, недела на училиште). Истото не се реализираше заради ковид-протоколите, што не доведе до размислата дека целосната дигитализација, следењето настава и учењето од дома, не соодветствуваат со нашите потреби и пракси бидејќи учениците се соочуваат со потешкотии во социјалниот развој. Сепак, комбинација и инкорпорирање на дигитални алатки во училницата е позитивен процес на дигитализирање, кој ги олеснува и забрзува образовните процеси.“ – изјави Влатко Стојкоси, претставник од ССРСМ.
На претходната дебата на СДТ и Форумот за образовни промени, беше претставено неодамнешно истражување на СДТ, ИДУЕП и ФОП, кое покажа дека 70 проценти од учениците и студентите од земјите од иницијативата „Отворен Балкан“ (Албанија, С. Македонија, Србија) преферираат модел на учење во училница или комбиниран модел.
На прашањето: „Кои се ефектите од дигитализацијата во средното образование?“ се надоврза и генералниот секретар на ССРСМ, Јана Попова: „Сите знаеме дека светот се движи напред и дека дигитализацијата во средните училишта ќе дојдеше кога-тогаш. Ние очекувавме тоа да се случи чекор по чекор, додека со појавата на коронавирусот направивме голем скок. Најголемиот отпор кај нас, средношколците, беше во целосната дигитализација, што резултираше со десоцијализација и затворање на училиштата на предолг временски период.“
Од друга страна, претставничката од Американските совети за меѓународно, Рина Османи, даде краток осврт на YES програмата за младинска размена и образование, спонзорирана од Стејт Департментот на САД, а со цел да обезбеди стипендија за средношколци (15-17 години) кои ќе поминат една академска година во САД. Програмата е витална за комуникација помеѓу луѓето од САД и партнер земјите кои имаат интерес за взаемна промоција, разбирање и почитување.
„Важно е да ја напоменам безбедноста во онлајн просторот и прецизните насоки за користење на дигиталните алатки. Со појавата на коронавирусот имаше целосно дигитализирање на процесите во Американските совети, како и програма за виртуелна културна и образовна размена. Ги следиме актуелните состојби и се адаптираме на нив, со голема доза на внимание и претпазливост, поентирајќи ги и негативните ефекти од брзите дигитални процеси како преоптовареноста со информации меѓу кои наидуваме на „лажни вести“ и борбата со нив.“
Имено, целта за формирањето на Советот за дигитална трансформација за Западен Балкан при Хајделберг Институтот е обединување на граѓанскиот и приватниот сектор, како и академската заедница за поддршка на напорите за успешна и одржлива дигитална трансформација на јавните институции и Владите од земјите од Западен Балкан. СДТ ги следи меѓународните искуства (германски и општо западни) во нивните успешните модели на дигитална трансформација и црпи позитивни пракси со цел креирање на успешен македонски и модел за одржлива дигитализација од интерес на сите граѓани од регионот на Западен Балкан.
На крајот од онлајн дискусијата беше испратена и покана до претставниците на ССРСМ и ЈЕС програмата за нивно членство во Советот, која беше прифатена од нивна страна. Се најави и скорешно потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Советот за дигитална трансформација при Хајделберг Институтот и Сојузот на средношколци на РСМ, како и Американските совети за меѓународно образование (ЈЕС алумни програма) и нови заеднички активности и настани во насока на одржлива и инклузивна дигитализација во нашата земја и нашето образование.
„Ќе ја искористам оваа можност да ги повикам сите коишто сакаат да ни се приклучат, да не контактираат, да бидат дел од огромното семејство, огромниот тим на луѓе коишто веќе работиме на оваа тема, и особено ми е драго што денеска ја поврзавме со средношколското движење и со реформите во образованието.“ – заокружи претседателот на СДТ, Кордалов.
Линк до видеото.