Дигиталната писменост не е „опција“ – таа е „основа“ за сѐ што следи

Горан Димитровски
Колку пати си стиснал/а „прифаќам“ без да прочиташ што прифаќаш?
Колку пати си дозволил/а апликација да ти следи локација, пристап до камера, микрофон, па дури и до контактите – затоа што ти требала апликацијата „веднаш“ па не ги прочита условите за користење?
Сите го правиме тоа. И сите знаеме дека не треба така. Но проблемот е подлабок.
Пред да споделам заклучоци и свои ставови, замолувам да се ставите во следната позиција: уверете се дека сè што е виртуелно, прво е стварно (реално), и обратно. Сè што гледаме на екран, споредете го „во живо“.
Алгоритмите не спијат
Секој клик, секое пребарување, секое „лајкче“ – сè тоа се податоци кои некој софтвер (алгоритам) ги собира. Алгоритмите ги собираат, ги обработуваат и ги враќаат назад во форма на прилагодена содржина.
Но не секогаш во наша полза.
Денес алгоритмите не само што знаат што купуваме и што гледаме, туку предвидуваат што ќе сакаме утре. Ни сервираат содржина која тие „знаат“ дека ќе ни е од интерес.
И така, чекор по чекор, губиме контрола. Ни ја моделираат реалноста. Конзумираме што ќе ни се сервира, наспроти тоа што ние сакаме да го добиеме.
Не читаме. Не проверуваме. Само прифаќаме.

Секој ден ни се сервираат вести, реклами, понуди, мислења, влијанија… И без многу размислување – ги голтаме. Прифаќаме сè како вистина и реалност.
А вистината? Таа е некаде меѓу редови. Ако сакаме да ја видиме.
Живееме во време кога информацијата е бесплатна, а вистината – ретка.
Вистината е дека ништо не е бесплатно. И ако ни е „бесплатно“, тоа поточно значи дека сме ние бесплатно вклучени во публиката од која алгоритмите добиваат инпут, кој по процесирање се претвара во алатка за нивен профит.
Проверувањето извори на информации стана „луксуз“. Повеќе време трошиме да скроламе, отколку да истражиме. Или подобро, бидејќи „немаме време“. Постојано брзаме. Во 2-3 секунди консумираме и прифаќаме, без да го провериме изворот, да споредиме со други извори, па потоа да донесеме свој заклучок и став. А тоа не е случајно – така некој профитира.
Што можеме да направиме?
Не мора да бидеме ИТ експерти за да се заштитиме. Доволно е:
- Да не прифаќаме слепо. Да прашаме: Што прифаќам?
- Да не веруваме на сè што ќе прочитаме – да провериме барем уште еден извор.
- Да ги ограничиме дозволите во апликациите – не мора секоја да знае каде се наоѓаме.
- Да размислиме пред да споделиме нешто – дали е точно, дали е етички?
Прашањето е повеќе на свесност отколку на ИТ писменост. Или подобро, дали би се однесувале идентично и во живо? На пример: шетате на улица, ви довикуваат дека пред вас е дупка. Вие веднаш прифаќате, и „пропаѓате“. Сигурно би реагирале на ваков начин – би погледнале дали е тоа стварно, па тогаш ќе реагирате соодветно. Или?
Дигиталната слобода почнува со информирана одлука
Нема ништо лошо во технологијата. Проблемот е во тоа како ја користиме.
А уште поголем – како таа нè користи нас кога не сме внимателни. А за да бидеме свесни корисници на технологијата, лесно е да се дигитализираме во својата писменост за да расудуваме подобро.
И следниот пат кога ќе ти излезе „Accept All“ – застани. Прочитај.
Одбери што сакаш да споделиш. Информацијата е моќ – но само ако ја разбираме.
Дигиталната писменост не е „опција“ – тоа е неопходност. Светот се надгради со вештачка интелегенција, што е уште едно ниво погоре до скратување на време за било која активност во нашето секојдневие. И да, во креирањето на AI алатките, ние сме активните учесници. Веќе прибраните информации, алгоритмите ги сервираат во нов производ.
А вистината? Таа е само на клик… Но прво, мора да го отвориш вистинскиот линк. А тоа е твоето свесно расудување.
Авторот е дипломиран инженер и менаџер, дигитален маркетер и основач на агенцијата DMCreative.pro
Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

- Дигиталната писменост не е „опција“ – таа е „основа“ за сѐ што следи
- Гледај, читај, слушај цело лето
- Прилеп, нов град во продажната мрежа на „Лице в лице“: кога мотото е доволно за нов почеток
- ПОВИК ЗА УЧЕСТВО: КАМП ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА МЛАДИ НОВИНАРИ ВО ОХРИД
- Моќ, право и одговорност: Како да ги заштитиме дигиталните права на сите граѓани?